Daily news
Наштимај се, плукни и запеј – „Бјело дугме“ ќе грми во Скопје
„Пљуни и запевај моја Југославијо“, „Липе цвату“ „Ружица си била“, легендарните хитови на „Бјело дугме“, во состав на Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ, Младен Воичиќ-Тифа и уште 40 музичари, ќе бидат изведени во сабота вечер на концертот на најголемата рок група од поранешните југословенски простори.
Ветуваат неповторлив концерт за македонската публика, пред која како што велат секогаш настапуваат со оргомно задоволство. За овој настап, сцената на салата Борис Трајковски, ќе биде подготвена со највисоки стандарди.
На вчерашната прес конференција на која присуствуваа Исламовиќ и Тифа, беше најавена реприза на белградскиот концерт, што помина со големо воодушевување од тамошната публика.
„Сигурен сум дека овој концерт ќе биде за паметење, бидејќи уште додека патував, во авионот сретнав госпоѓа од Загреб, што доаѓаше во македонската метропола, само за нашиот настап“ рече Исламовиќ. Според него, членувањето во „Бело дугме“, и на самите почетоци, и денес го доживува само како професионален предизвик.
„Кога ме повикаа да дојдам во групата, за мене тоа значеше само професионален ангажман. Ако денес ме побараат Ролинг Стонси, ќе работам со нив. Така е и за овој концерт, на кој ќе дадам се од себе, и понудата ја прифатив сосема професионално“, рече Исламовиќ.
За Тифа, концертот е и емотивно доживување, каде што старите хитови ќе бидат изведени во уште подобри аранжмани.
„Уште на самите почетоци кога мојата крв беше свежа, членувањето во „Бјело дугме“, за мене значеше потполно предавање. Сепак, чувството кое го имав на белградскиот концерт ни најмалку не се разликуваше од тоа во младоста. Очекуваме и музичка и емотивна реприза задутре во Скопје, рече Тифа. Тој го поздрави својот пријател и поранешен менаџер Велибор Џаровски, кој пак на шега му рече дека големиот хит „Липе цвату“, требал да го отпее Здравко Чолиќ, но за среќе токму таа песна Тифа го направи легенда.
Најголемата музичка ѕвезда меѓу членовите на „Бјело дугме“, Горан Бреговиќ, треба да пристигне од Софија, заедно со обемниот оркестар од 40 музичари.
Како што најавуваат организаторите на овој настан „Авалон продукција“, технички, музички и сценографски, овој концерт по ништо нема да се разликува од квалитетот на оној во Белград.крај/мф/ав
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.