Македонија
Македонската полиција со солзавец ги растерувала мигрантите
Македонската полиција фрлила солзавец не неколку стотиците, најголем број пакистански мигранти, кои во среда се обиделе да влезат од Грција во Македонија, јавува Reuters.
До немирите дошло откако на околу 200 мигранти им бил забранет влез во Македонија, кои потоа тргнале да одат неколку километри долж оградата на границата, барајќи алтернативен премин.Македонската полиција фрлила солзавец за да ги потисне мигрантите, а еден полицаец пукал во воздух, во знак на предупредување, јави Reuters.Околу 1.500 Пакистанци, Мароканци и Иранци со недели се наоѓаат на ничија земја меѓу Грција и Македонија, откако македонските власти го ограничија преминот во северна Европа само за Сиријците, Ирачаните и Авганистанците кои се сметаат за воени бегалци. Лицата од други националности се сметаат за економски мигранти и се враќаат назад. Грчкиот министер за миграција, Јанис Музалис изјавил дека грчката влада се обидува да ги убеди мигрантите кои се наоѓаат на границата, да дојдат во Атина и да побараат азил во Грција, наведувајќи дека за нив има сместување.Музалас изјавил дека неговата држава се нашла под интензивен притисок од страна на некои членки на Европската унија кои, според него, погрешно веруваат дека приливот на бегалци може да биде контролиран од Грција, пренесува Associated Press.Тој ги демантирал тврдењата дека имало некакви официјални закани Грција да се исклучи од Шенген зоната.„Грција е почеток на коридорот, а вратите се во Турција. Со тоа, доколку приливот на бегалците не биде контролиран во Турција, од брегот на Турција, не е можно да се контролира приливот на бегалци од Грција или од друга членка на Европската унија“, изјавил Музалас.Некои од мигрантите на грчко-македонската граница им рекле на грчките власти дека се подготвени да се вратат во своите земји на потекло, но пакистанската влада не одговара на нивните барања за прием, а Меѓународната организација за миграција нема финансиски средства да ги врати во родните земји./крај/мф/
Извор: Фото: АП
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муртезани-Марта Кос: Добрососедските односи се од клучно значење за напредокот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, дводневната работна посета на Брисел ја заокружи со средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос. Во фокусот на разговорот беа реформските напори на земјата во контекст на европското досие и Планот за раст на Западен Балкан.
Министерот Муртезани го презентираше напредокот во спроведувањето на Реформската агенда на Северна Македонија, истакнувајќи дека Владата активно работи на исполнување на реформските цели и дека успешната имплементација на Реформската агенда ќе претставува значаен фактор за напредокот на Северна Македонија на патот кон ЕУ, како дел од процесот на пристапување. Тој исто така ја нагласи посветеноста на земјата кон целосна имплементација на важноста на Планот за раст, кој ќе биде главна тема на претстојниот состанок на лидерите на Западен Балкан во Скопје, во март годинава. Муртезани изрази увереност дека Северна Македонија е подготвена да продолжи со конкретни чекори кои ќе ја приближат земјата кон Унијата.
„Северна Македонија останува цврсто посветена на своите стратешки интереси за успешно реализирање на нашето европско досие. Подготвени сме да преземеме неопходни реформи и да се фокусираме на принципиелни решенија кои ќе бидат во интерес на државата и сите нејзини граѓани. Со стабилност, напредок и конструктивен дијалог, ќе ја оствариме нашата цел – полноправно членство во Унијата.“ – нагласи МЕП Муртезани.
Соговорниците разменија мислења и за уставните измени во контекст на предизвиците на европскиот пат. Тие констатираа дека добрососедските односи се од клучно значење за напредокот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија и дека сите решенија треба да бидат во согласност со волјата на граѓаните. Изразена беше подготвеноста за продолжување на конструктивниот дијалог и ангажман со сите партнери за осигурување на успешен пат кон членството во ЕУ, базиран на принципите на стабилност, помирување и заедничка одговорност.
Скопје
Герасимовски: Исчистен сметот во населбата Пролет, создаваме поубав и поуреден Центар
Општина Центар, денеска ги исчисти јавните површини во населбата Пролет како важен чекор за создавање на почисто и поубаво опкружување за сите центарци.
Герасимовски, потенцираше дека во акцијата за чистење активирана е целата механизација на општината со вредните хигиеничари кои секој ден работат во две смени.
„Во текот на денешниот ден, го подигнавме сметот и ги исчистивме улиците во населбата Пролет. Решавањето на комунални проблеми се еден од нашите приоритети за работа. Центар мора да биде пример за чистота, не смееме да дозволиме жителите секое утро кога одат на работа и училиште да гледаат контејнери преполни со неисчистен смет. Апелирам до граѓаните да пријавуваат смет и диви депонии, брзо реагираме и ги решаваме проблемите. Продолжуваме со акцијата во сите населби во Центар, создаваме поубава и поуредна општина за сите нас“, вели Герасимовски.
Македонија
Божиновска од Атина: Македонија не е повеќе пасивен набљудувач, инвестираме и градиме независен енергетски систем кој ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион
Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска, учествуваше на Енергетскиот самит во Атина, Грција, каде што беше говорник на панелот со наслов „Енергетската голема игра – Геополитика и глобалниот енергетски пазар“.
Во своето обраќање Божиновска истакна дека енергијата не е само економски сектор, туку и стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Таа нагласи дека Македонија, како земја на крстопатот на Југоисточна Европа, се соочува со предизвици и можности во контекст на глобалните енергетски промени.
„Енергијата веќе не е само економски сектор – таа е стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Глобалните енергетски промени ни покажаа дека ниту една земја не може да си дозволи целосна зависност од надворешни извори. Лидерите на 21 век ќе бидат оние што ќе преземат одлучни чекори за диверзификација на енергетските извори, инвестиции во домашното производство и зајакнување на регионалната соработка. Македонија беше зависна од увоз на енергија, но денес ја менуваме таа приказна. Инвестираме во обновливи извори, градиме модерна енергетска инфраструктура и креираме законска рамка што го привлекува приватниот капитал. Нашата цел не е само стабилно снабдување со енергија – сакаме да бидеме енергетски независна држава и активен чинител на регионалниот пазар на енергија“.
Таа ги презентираше напорите на земјата за постигнување енергетска независност преку инвестиции во обновливи извори на енергија, како што се соларните проекти „Битола 1“ и „Осломеј 2“ со капацитет од 30 MW, кои ќе произведуваат 46 GWh годишно, доволно за 7.000 домаќинства, со што ќе се намалат 40.000 тони CO₂ емисии годишно. Исто така, таа го спомена и развојот на ветерниот проект во Штип со капацитет од 400 MW.
Божиновска ја потенцираше важноста на регионалната соработка за енергетска безбедност, истакнувајќи ги проектите за интерконекција со Грција, со кои земјата не само што ќе заштеди 12 милиони евра годишно, туку и ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион. Таа исто така ги истакна законодавните реформи во енергетскиот сектор, вклучувајќи го новиот Закон за енергетика, усогласен со директивите на ЕУ, и Законот за обновливи извори на енергија, кој отвора можности за батериско складирање, децентрализирано производство на енергија и интеграција на паметни мрежи.
Министерката ја заврши својата презентација со повик за заедничка работа и партнерство за изградба на енергетски безбедна Европа и одржлив свет.
Енергетскиот самит во Атина е водечка конференција во енергетската индустрија,
Енергетскиот самит (Athens Energy Summit) се одржува по 14 пат, традиционално ги обединува глобалните лидери за дискусија на критични прашања поврзани со енергијата и нејзината иднина.
Божиновска, на маргините на Самитот во Атина, оствари и билатерални средби со министерот за животна средина и енергија на Грција, Теодорос Скилакакис и министерот за енергетика, трговија и индустрија на Кипар, Џорџ Папанастасиу.
Фокусот на разговорите беше важноста на меѓународната соработка за забрзување на енергетската транзиција, продлабочување на соработката во областа на обновливите извори на енергија, со акцент на примената на батериски системи, моделите за субвенции за домаќинства што инвестираат во фотоволтаици и размена на искуства во енергетската регулатива.
Министерот Папанастасиу ја покани министерката Божиновска во официјална посета на Кипар, со цел продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор. Во знак на партнерство, министерката Божиновска возврати со покана, со цел продолжување на дијалогот и конкретизирање на идните заеднички проекти.
Министрите ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на партнерството во клучни енергетски проекти од регионално значење.