Македонија
Облачно со локален повремен дожд, локално поројни врнежи и грмежи
Променливо облачно со локален повремен дожд. Пообилни врнежи ќе има утре кон крајот на денот и во текот на ноќта кога се очекува врнежите да се прошират насекаде. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со грмежи особено во јужните делови. Ќе дува умерен југоисточен ветер.
Дневните температури ќе се движат од 6 до 17 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината слично време со температура до 16 степени. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Пред Олимпијадата во Париз, најдобрата ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов кај градоначалникот Ѓорѓиевски
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со најдобрата македонска и светска ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов.
По бројните врвни натпреварувања од кои меѓу последните се – Светското првенство во Шведска во 2022 година, финалето на СП во 2023 година во Унгарија, Шведска и Австрија, како и полуфиналето на ЕП во 2024 година во Германија, своевремено најдобра судиска двојка во светот во избор на Светската ракометна федерација (ИХФ), летово ќе ја дели правдата на Олимписките игри во Париз.
За Начевски и Николов ова ќе биде четврта Олимпијада, по Лондон, Рио и Токио. Градоначалникот Ѓорѓиевски им го честиташе големиот успех за кој тие недамна од Општина Кисела Вода добија статуетката во форма на клуч која се доделува на сите заслужни жители.
„Големо е моето задоволството што и денес прославуваме уште еден успех на оваа светски призната ракометна судиска двојка. Да се суди на Олимпијада и тоа по четврти пат говори за континуиран квалитет со кој сме горди сите ние, пред се жители на Општина Кисела Вода, но и цела Македонија. Од неодамна и официјално ги прогласивме за наши почесни граѓани и се надевам дека листата со успеси ќе продолжат да ја збогатуваат со уште вакви значајни натпреварувања. Како градоначалник на Општина Кисела Вода, вложувам големи заложби за достоен третман на големите спортски ѕвезди и по официјалното завршување на нивните натпреварувања. Како локална самоуправа се трудиме да го искористиме нивниот потенцијал и тоа најмногу за младите таленти, па така нашите ученици во своите училишта спортуваат со ракометарот Аце Станковски, судијата Славе Николов, како и со поранешниот репрезентативец, ракометарот Кирил Атанасовски“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
„Вреди“: Од 7 отворени гласачки кутии, во 4 се откриени неправилности, ДУИ ќе одговара за злоупотребите и кршењето на законите
Коалицијата „Вреди“ тврди дека имало прекршувања во Шестата изборна единица аргументирајќи дека вчера со одлуката на Државната изборна комисија уште еднаш се докажало дека Европскиот фронт предводен од ДУИ нема капацитет и кредибилитет да спроведе демократски избори.
„Државната изборна комисија, постапувајќи врз основа на приговорите на коалицијата ‘Вреди’, поднесени за некои избирачки места во Шестата изборна единица, како и постапувајќи според одредбите од Изборниот законик, одлучи да ги отвори гласачките кутии за 7 избирачки места, при што во 4 од нив се констатирани неправилности, и тоа: на избирачкото место 2101, село Ларце, општина Желино, констатирано е дека во гласачката кутија има 1 глас повеќе во корист на Европскиот фронт од гласачите што го искористиле своето право на глас, на избирачкото место 0387 Гостивар и избирачкото место 1953 Тетово имаше корекција на изборниот резултат бидејќи во овие избирачки места се пребројувале неважечките гласови и се броеле како гласови на Европскиот фронт“, истакна портпаролот на Движењето Беса, Фатмир Сабриу.
Како што додаде, со 7 отворени гласачки кутии, во 4 биле откриени неправилности и кражба на гласови. Вели дека ДУИ ќе одговара за злоупотребите и кршењето на законите.
Македонија
Првенства на Македонија во шах: за титулата кај мажите има повеќе кандидати, а шахистките на ШК „Алкалоид“ се издвоија во женска конкуренција
На Отвореното првенство на Македонија во шах, кое започна викендов, вчера се одигра четвртото коло. И во него како и во претходните имаше помали изненадувања, со што на табелата се издвоија петмина играчи меѓу првите 10 носители како фаворити за конечен триумф.
Во согласност со правилата за парување според швајцарскиот систем, тие сега започнуваат со меѓусебните дуели и низ директни пресметки ќе го дадат конечниот изглед на табелата.
Она што е интересно да се одбележи е тоа дека речиси во секое коло имаше по некој сензационален резултат. Така, во првото коло младинецот на ШК Алкалоид Матеј Бојковски (1697) успеа да го изненади шестиот носител Антон Златков (2257) со ретко играна варијанта на сицилијанската одбрана, при што успешно ги искористи непрецизностите во играта на противникот, ја препозна шансата што му се укажа и со одлична техника ја финишираше партијата правејќи матна мрежа. Бојковски продолжи со одличната игра и во второто коло, каде што ремизираше со ФМ Љубомир Илиќ (2051).
Меѓу изненадувачките резултати од второто коло треба да се извојат блесоците на ветераните Атанас Ташевски (1955) и Лазо Спасовски (1770), кои во вчерашното четврто коло стигнаа да играат на првата, односно на третата табла. ИМ Емил Ристески (2365), со победата над Спасовски, стигна до максимални 4 бода, додека, пак, ИМ Тони Лазов (2358), по трите победи во низа во четвртото коло, ремизираше со ФМ Андреј Велјаноски (2290) и е веднаш зад него со 3,5 бода.
Шампионот од 2021 година Филип Михов (2225), исто така, има само половина поен помалку од лидерот, откако во третото коло ремизираше со вториот носител ИМ Никола Николовски (2381), а вчера го совлада Дејан Јанков (2165).
Во женска конкуренција се игра посебен турнир со учество на 10 шахистки, кои играат според Бергеровиот систем (секоја против секоја). Паровите беа одредени со ждреб за стартни броеви, па така дел од фаворитките за висок пласман се сретнаа уште во првите рунди.
Во првото коло Жежовска (1868) го доби мечот со Николовска (1905), додека, пак, во второто коло ремизираше со ЖИМ Габриела Коскоска (1993). Во третото коло Леа Ефтовска (1797) ја совлада Жежовска, па на тој начин внесе неизвесност во борбата за првите позиции. Откако по три кола водечка беше Инџи Ајрадиновска (1809), Леа Ефтовска во четвртото коло ја совлада во директен дуел и го презеде врвот со 3,5 бода. Сепак, идентичен скор има и ЖИМ Габриела Коскоска, која во вчерашното четврто коло имаше лесна победа над младата Смилевска, па така двете дами од ШК Алкалоид се на водечките позиции.
На двата турнира се предвидени по 9 кола, односно со партиите од петтото коло, кои се играат во вторник, турнирите влегуваат во втората половина. До крајот ќе се игра по една партија на ден со почеток во 17:30 часот, а прогласувањето на новите шампиони ќе биде на 18 мај.
ПР