Скопје
Во општина Центар, најголеми штети во ОУ „Кочо Рацин“
Најпогодено од поплавите во општина Центар е Основното училиште „Кочо Рацин“, соопштуваат од Општината.
Речиси 90 отсто од површината на училиштето синоќа била поплавена, но до утринските часови водата е веќе испумпана од страна на општинските служби. Од понеделник итно се започнува со санирање на штетите во електричната инсталација и кречење на ѕидовите.
Поплавите нанесоа помали штети и на општинската зграда каде е уништена дел од компјутерската опрема и подовите. Во моментот се врши проценка на штетите и се прави план за санација.
Поголеми штети по имотите на граѓаните нема. Поплавени се две куќи во реонот Мало Курило на Водно, каде водата е веќе испумпана. Благодарение на неодамнешното чистење на каналите на оваа критична точка на Водно, превенирана е далеку поголема штета.
Од улиците под надлежност на општината, поголеми штети има на раскрсницата меѓу улиците „Христо Чернопеев“ и „Славејко Арсов“. Таму се одвиваат градежни работи за реконтрукција на коловозот, но тампонот е однесен од водата. Од утрово изведувачот веќе работи на терен и се санира штетата.
Поплавени се и неколку гаражи во Дебар Маало, каде веќе се испумпува водата со пумпи. Општината стои на располагање со пумпи за испумпување и апелира гаѓаните да се јават на 072 268 746 за да побараат помош или да пријават штета.
Градоначалникот Андреј Жерновски и општина Центар изразуваат сочувство до семејствата на настраданите во поплавата./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Извршена ларвицидна дезинсекција во општина Илинден
Во согласност со програмата за спроведување општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2024 година, Општина Илинден во координација со екипите на ДТУ ТОКСИ ВЕТ – Скопје, реализира прскање против ларви од комарци на целата територија на општината.
Во согласност со елаборатот за спроведување на превентивна дезинсекција за спречување и искоренување вектор преносливи заболувања, во овој период се врши ларвицидна дезинсекција на водни површини за уништување ларви од комарци.
Со третирањето се опфатени сите водни површини на отворените одводни канали (главни, секундарни и терцијални), речното корито на Сува Река и вештачката акумулација во Бучинци, на вкупна површина од 50 хектари.
Дезинсекција се врши со еколошко средство, кое е безопасно за здравјето на луѓето, одобрено и пуштено во промет од Бирото за лекови.
Скопје
Оваа сабота во „Јавна соба“: базар на втора рака облека, накит, книги и детски играчки
Трендот во големите градови и културата е рециклирање и рекреирање веќе на постојното. Колку понапредни општествата, толку повеќе се рециклира, се води сметка за животната околина и сè погласна и популарна е second hand модата.
Скопје полека ја прегрнува оваа нова филозофија, но колку е поголема и подобра понудата – толку повеќе ќе има интерес од страна на потрошувачите и ќе има поголем успех.
Оваа сабота (11 мај) во „Јавна соба“, под слоганот „Second hand е подобро од ново“, почнува базарот, каде што посетителите може да си набават добро сочувано парче гардероба, чевли, накит, книга или можеби некоја играчка. Ќе има многубројни штандови со разноразни парчиња, кои дефинитивно заслужуваат втора шанса.
И сето тоа во еден забавен, опуштен и пријателски амбиент, еве неколку причини зошто е подобро да купувате работи од втора рака:
– заштеда на пари;
– помагање на животната средина и зачувување на природните ресурси;
– поддржувате локален и мал бизнис;
– развивате уникатен стил;
– имате чувство како да сте во потрага по богатство.
Скопје
Посебен режим на сообраќај во Скопје поради денот на полицијата
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните на Скопје дека поради одржување на настан за одбележување „7 Мај – Ден на полиција“, во периодот од 08.00 до 18.00 часот за сообраќај ќе биде затворен бул.„АСНОМ“ на потегот од крстосница со бул.„Србија“ до крстосница со бул.„Февруарски поход“. Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот.
Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.