Европа
Москва го предупреди Киев дека нов судир ќе биде катастрофа
Москва и Киев разменија меѓусебни обвинувања во четвртокот за кршење на договорот за прекин на огнот од 5-ти септември од Минск меѓу украинските сили и проруските бунтовници, а Русија предупреди дека обновувањето на судирите во југоисточните украински региони би претставувало катастрофа за Украина.
Украина продолжи со обвинувањата дека Русија испратила војници и вооружување за побунетите рускојазични региони за да преземе нова офанзива во судирот кој досега однесе повеќе од четири илјади животи, додека челниците на самопрогласените ткн народни републики во Донецк и во Луганск одговорија дека прозападните власти во Киев подолг период наназад подготвуваат офанзива за да ги вратат територии загубени во августовската бунтовничка контраофанзива во која беа отфрлени до брегот на Азовското Море. Засилените престрелки, кршењето на примирјето и извештаите за неодбележани воени конвои кои се движат кон Донецк и во близина на границата со Русија ги зголемуваат стравувањата дека кревкиот прекин на огнот според договорот од Минск лесно може да пропадне. Уште повеќе откако украинскиот претседател Петро Прошенко во средата изјави дека Украина најверојатно ќе мора да се подготви за тотална војна.Неименуван украински безбедносен функционер изјави дека според процените околу осум илјади руски војници се наоѓаат на украинската територија.Москва ги отфрли сите обвинувања од страна на Киев, Вашингтон и НАТО дека последните денови испратила војници и тенкови, и руското министерство за надворешни работи објави соопштение во кои се истакнува дека единствен излез од конфликтот, за кој потенцира уште еднаш дека е внатрешно украински, е почитување на протоколот за примирје од 5-ти септември.„Не смее да се дозволи пропаѓање на примирјето… тоа би било катастрофа за ситуацијата во Украина“, изјави портпаролот на руската дипломатија, Александар Лукашевич, пренесе РИА Новости.Набљудувачите на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), коишто минатите денови беа обвинети до Киев дека на бунтовниците им ги откриваат позициите на неговите единици, објавија дека се забележани неколку колони со необележени војници, со ракетни системи, оклопни возила и тенкови од внатрешноста кон Донецк и од насока на руската граница. Репортерот на Reuters јави дека во вторникот забележал движење на колона од 50 возила кон бунтовничкото упориште Донецк кои биле натоварени со лансери за ракети и тешки митралези, но не можел да идентификува за чии единици станува збор.Донецк и натаму е под артилериски оган, како што јавуваат агенциите, од правецот на аеродромот чиј дел под контрола држат украинските сили кои се борат со бунтовниците за негова целосна контрола.Киев кој ги засили своите единици во источните региони под изговор дека очекува можна офанзива на бунтовниците, вели дека поседува информации за колони кои ги докажувале тврдењата дека Москва им испраќа засилување на бунтовниците. Истовремено портпаролот на украинската армија соопшти дека во последните 24 часа загинале четворица украински војници.Во четвртокот се зголеми притисокот на Западот врз Русија, заканувајќи ѝ се со нови санкции откако НАТО соопшти дека руски единици влегле на украинска територија, на што Москва по којзнае кој пат побара таквите тврдења да бидат поткрепени со докази. Портпаролката на американскиот Стејт департмент, Џен ПСаки, изјави дека Вашингтон продолжува да работи заедно со Европската унија на нови санкции против Русија, додека германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека ЕУ не предвидува нови мерки против Москва, но дека постои можност за проширување на списокот со проруски украински функционери против коишто се покренати веќе одобрените санкции./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.
Европа
Крим главна цел: Пентагон откри за што Украина ќе ги користи моќните ракети АТАКМС
Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност. Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.
Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.
Советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, претходно ја потврди испораката на овие ракети без да прецизира дали тие се модифицирани и имаат зголемен дострел.
Украинските сили веќе употребија АТАКМС, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека бил извршен напад врз воздухопловната база Џанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.
Pentagon reveals Ukraine’s targets for ATACMS missiles – NYT — (the usual baffling lack of retaliation threats from #Putin– instead just the usual bleating that ‘it’s impossible to justify’..Bring Stalin back to life please, Russia) https://t.co/8pi0Lx8tbt #CapeTown #SouthAfrica pic.twitter.com/ZtI5cG3r2m
— Peter Mayson (@theforeverman) April 26, 2024
Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети АТАКМС во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина можеби користела американски ракети за да го урне кримскиот мост, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.
Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.
– Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука – изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.
Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.