Регион
Хрватска ја доби првата претседателка
Претседателската кандидатка на Хрватската демократска заедница (HDZ), Колинда Грабар Китаровиќ според непотврдените резултати од хрватската Државна изборна комисија е победничка на претседателските избори во вториот круг и на таа должност ќе го наследи досегашниот шеф на државата и претседателски кандидат на владејачката Социјалдемократска партија (SPD), Иво Јосиповиќ.
Претседателот на Државната изборна комисија, Бранко Хрватин доцна ноќта кон понеделникот потврди дека кандидатката на HDZ, Колинда Грабар Китаровиќ води во трката за претседател на Хрватска, пред кандидатот на SPD, Иво Јосиповиќ, но не можеше да прогласи и официјално победа бидејќи не се обработени материјалите од сите избирачки места.
Сепак, според обработените 99,51 отсто од избирачките материјали, Грабар Китаровиќ освоила 50,43 отсто од гласовите, додека Јосиповиќ 49,57 проценти, со тесна разлика од 0,86 отсто или 18.942 гласови. Притоа се истакнува дека одѕивот на гласачите бил доста висок за претседателски избори -, дури 58,91 отсто.
Јосиповиќ претходно во неделата навечер ѝ ја честиташе победата на противкандидатката оценувајќи дека Грабар Китаровиќ победила „на избори кои се одржаа во демократска атмосфера“. Коментирајќи ја малата разлика, тој потврди дека „разликата е многу мала“, но го повтори својот став дека во демократијата победуваат оние кои ќе добијат повеќе гласови.
Со победата на Колинда Грабар Китаровиќ конзервативната HDZ првпат дава шеф на државата од своите редови, таа е прва жена претседател на Хрватска, а Иво Јосиповиќ стана првиот претседател од прогласувањето на независноста кон не успеа да го освои вториот мандат.
Поради тесната победа во првиот круг што ја извојува Јосиповиќ, овие избори беа прогласени за најнеизвесните досега. Тоа го потврди и вториот круг кога по почетното водство на Јосиповиќ, Грабар Китаровиќ сепак победи, а се покажа дека во кампањата бил пресуден секој глас.
Новоизбраната претседателка на Хрватска порача по прогласувањето на прелиминарните резултати дека „нема место за триумфализам“, а гласачите на својот противкандидат ги повика на „заедништво во изградбата на подобра Хрватска“. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.