Регион
Мигрантите го блокираа главниот автопат во Грција
Мигрантите со мали деца го блокираа во средата автопатот во Грција барајќи слободен премин кон Македонија, што им е оневозможено со новите гранични контроли коишто го воведоа земјите на ткн балканска рута со што се создаде „тесно грло“ на грчката територија.
„Сакаме да минеме“, извикувале цели семејства откако полицијата го запрела нивниот конвој во централна Грција, пренесуваат медиумите. Кај ова место Темпе, како и на други во Грција, властите ги заострија контролите за протокот на мигрантите кои по балканската рута се упатуваат кон северот на Европа.
Репортерите на Reuters јавуваат дека стотици имигранти натискани на бензинските пумпи и мотелите долж 530 километри долгиот автопат кој ја поврзува грчката престолнина Атина со границата со Македонија. Македонските власти повремено ја отвораат границата и пропуштаат по стотици лица, во согласност со мерките коишто ги преземаат земјите посеверно од неа за да го контролираат и намалат големиот прилив мигранти.
Грчките власти се огорчени од мерките коишто ги воведоа земјите на ткн балканска рута. „Тоа е скандалозно. Пет директори на полиции може да ја отфрлат одлуката на премиерот на Европската унија“, изјави во Атина министерот за миграции Јанис Музалас.
Австрија, Македонија, Словенија, Србија и Хрватска договорија минатата седмица на состанокот во Загреб мерки за заострени контроли на своите граници. Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц ги отфрли во средата критиките на сметка на неговата земја која воведе дневни квоти за мигрантите и порача дека Грција мора да стори повеќе за да го намали приливот. Повеќе од милион мигранти минатата година минале низ Грција, многумина од нив бегајќи од војните во Сирија, Ирак и во Авганистан.
„Кога постои тесно грло, шишето може да пукне, а кога станува збор за контролирано движење на поединци.. пукнатото шише може да заврши со неконтролиран, илегален прилив. Одлуката балканските земји да го запрат приливот само ќе предизвика експлозија, а нема да ја намали илегалната миграција“, предупреди Музалас.
Висок функционер на агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) предупредува дека новите ограничувања можеби се спротивни на законите за заштита на бегалците. „Тие (законите) веројатно се противречни на европските прописи и норми, а сигурно се и спротивни на основните закони за заштита на бегалците“, изјави за новинарите во Атина, челникот на УНХЦР, Филипо Гранди.
Грчкиот премиер Алексис Ципрас ѝ го пренел „длабокото незадоволство“ на германската канцеларка Ангела Меркел, зашто што земјите членки на Европската унија не го исполниле своите ветувања објави во средата неговиот кабинет. Во меѓувреме, грчката полиција наред да се запре довозот од бегалците до границата со Македонија. Некои автобуси полицијата ги запирала на пат и наредила да стојат во место до новите налози./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.
Регион
Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија
Утрово земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.