Регион
Путин и Ердоган договорија лична средба
Претседателите на Турција и на Русија, Реџеп Тајип Ердоган и Владимир Путин во текот на телефонскиот разговор договорија да се сретнат лично, објави во средата службата за односи со јавноста на турскиот челник, а телевизијата Habertürk повикувајќи се на извори во кабинетот на Ердоган ја пренесува оцената дека разговорот минал „многу позитивно“.
Наскоро се очекуваат официјалните соопштенија за содржината на разговорот од кабинетите на двајцата челници.
Повикот на иницијатива на рускиот претседател Владимир Путин е одговор на писмото што во понеделникот му го упати неговиот турски колега по должност Реџеп Тајип Ердоган, во кое се извинува за соборувањето на рускиот борбен авион и убиството на рускиот пилот кон крајот на ланскиот ноември на сириско-турската граница.
Денешниот разговор меѓу Путин и Ердоган е првиот директен контакт меѓу нив по ноември 2015 година.
Последен пат Путин и Ердоган имаа лична средба минатиот ноември на маргините од самитот на Г20 во турска Анталија, само неколку дена пред инцидентот со рускиот бомбардер. Тие денови Ердоган изјави дека неколкупати се обидувал да му се јави телефонски на Путин, но овој не одговарал на повиците.
Путин во текот на разговорот на Ердоган му изразил сочувство по повод терористичкиот напад во истанбулскиот аеродром „Кемал Ататурк“ во кој според последните информации убиени се 41 човек а уште 230 други се ранети.
Во разговорот, исто така, станало збор за нормализацијата на односите меѓу двете земји и била истакната важноста на билатералната соработка, се наведува во кусата објава на администрацијата на турскиот претседател.
Турската телевизија NTV, повикувајќи се на сопствени неименувани извори, објави дека разговорот на двајцата претседатела траел околу четириесетина минути и биле „продуктивни и позитивни“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
На таткото на момчето убиец од Србија му е продолжен притворот за уште 60 дена, има сомнение дека може да го повтори делото
Вишиот суд во Белград му го продолжи притворот за уште 60 дена на Владимир Кечмановиќ, таткото на момчето кое на 3 мај уби девет негови врсници и чувар во ОУ „Владислав Рибникар“.
На Владимир Кецмановиќ му е продолжен притворот поради сомнение дека доколку биде пуштен на слобода за краток временски период ќе го повтори кривичното дело, како и поради тоа што постои основано сомнение дека сторил кривично дело за кое е пропишана затворска казна над десет години, а начинот на извршување и сериозноста на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност кај јавноста што може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка, соопштија од тој суд.
Во обвинението за тешко кривично дело против општата безбедност се товари Владимир К., а за сторено кривично дело недозволено изработување, држење, носење и тргување со оружје и распрскувачки материи, мајката на момчето Миљана К.
Регион
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене“ – жена од Србија сведочи за силниот земјотрес
Земјотресот беше многу силен. Кратко, но силно, вели вознемирената Мила Петровиќ од Кладово – место кое утрово го погоди силен земјотрес.
Како што опишува преплашената жена, земјотресот ја исплашил и неа, но и останатите жители на Кладово.
„Мислев дека регалот ќе падне врз мене. Немаше време за бегство никаде. Сè се тресеше многу. За среќа, тоа беше кратко. Кога се смири, сите излегоа на улица“, раскажува таа за Телеграф.рс.
Земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала, на длабочина од 11 километри.
Колку бил силен, сведочи и фактот што бил почувствуван во Заечар, Неготин, Доњи Милановац, Бор и други градови на истокот на Србија, а некои граѓани го почувствувале и во Ниш.
„Почувствував земјотрес, се тресеше мебелот во куќата“, „Бев во кревет кога почна тресењето“, напишаа граѓаните.
Регион
Земјотрес од 4,3 степени утрово во Србија
Утрово земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала е регистриран во регионот на Кладово, соопшти Републичкиот сеизмолошки завод.
Земјотресите со ваков интензитет можат да предизвикаат помали оштетувања на зградите во епицентралното подрачје, јавуваат српските медиуми.
Засега нема извештаи за евентуална штета.