Фени
(Аудио) Палитов испрати демант за лобирањето за Бугарите во „Фени“, „Макфакс“ во целост ја објавува снимката од состанокот
Претседателот на Синдикатот на „Фени“, Ѓоре Палитов, вчера не одговараше на телефонските повици и пораките од „Макфакс“, но денес испрати демант на текстот со наслов „Заговор за ’Фени’, излезе аудиоснимка од лобирањето на претседателот на Синдикатот за Бугарите“, објавен вчера.
„По повод вчерашните обвинувања кон мене како претседател на синдикалната организација при ’Фени индустри’ АД од страна на медиумскиот портал makfax.com.mk, упатувам јавен демант. Имено, јас, Ѓорe Палитов, ја имав таа несреќа да бидам претседател на синдикалната организација на ’Фени индустри’ во можеби најтешкиот период во последните 15 години, но во едно сум сигурен, а тоа е дека ја извршувам оваа функција максимално транспарентно, со преголема енергија и само со една цел – враќање на ’Фени’ на правите патеки, односно помагање за негово рестартирање. Во согласност со ова, како и за моите колеги вработени во ’Фени индустри’ АД, јас како борец за општото добро сум во постојан контакт и со другите загрозени субјекти од овој стечај, а тука спаѓаат, секако, и моите сограѓани – транспортерите. Точно е дека јас бев присутен на тој состанок по нивно барање и разговаравме за моментните проблеми и евентуалните последици за сите нас. Ниту имам лична корист некого да фаворизирам ниту имам желба да критикувам. Имам улога на лидер на вработените и тоа го правам. Ние само сакаме ’Фени индустри’ да добие сопственици што го сакаат најдоброто за фабриката и кои се подготвени да инвестираат во неа. А вие што се служите со закани и уцени, ве молам, да се појавите јавно и да не се криете затоа што ви следува и кривична пријава“, стои во демантот на Палитов.
На крајот од демантот Палитов апелира до надлежните дека вработените во „Фени“ не се за издавање на фабриката под наем затоа што со тоа немало никаква иднина за вработените, а закупецот можел да си оди во секој момент затоа што не платил ниту денар за фабриката ниту, пак, инвестирал во неа. Тој тврди дека нема да дозволат некој да прави краткорочни профити без да инвестира и без да се знае судбината на сите вработени и на побарувањата на сите доверители.
„Стечајот треба да заврши во најкраток рок, како и што ни беше ветено независно дали Апелација ќе ја врати фабриката во претстечајна постапка или преку реорганизација“, вели Палитов во демантот.
Во демантот тој не ги спомнува обвинувањата од вработените во „Фени“ објавени на „Макфакс“. Во текстот стои дека вработените во „Фени“ со аудиоснимка ги потврдуваат неколкумесечните тврдења дека претседателот на Синдикатот е продолжена рака на раководството и лобира за бугарската компанија „Енекод“. Тие во „Макфакс“ испратија тонски запис од состанок на Палитов со транспортерите, на кој, како што тврдат, Палитов ги убедува дека најдобро решение за фабриката, и покрај отворената стечајна постапка во велешкиот суд, е бугарската компанија. Снимката е полна со навреди, обвинувања, пцости, а вработените посочуваат дека претседателот на Синдикатот, Ѓоре Палитов, имал главен збор и ги нарекувал банките багра, кои не ги интересираат вработените во „Фени“, швајцарската компанија заинтересирана за фабриката ја нарекува преварантска, а Бугарите биле тие што давале пари. Вработените укажуваат дека Палитов на состанокот го спомнува и „Макфакс“ и им објаснува на транспортерите дека вицепремиерот Кочо Анѓушев наредува што да пишува овој медиум, што е апсолутна невистина, но затоа тој има свои медиуми на кои во секое време може да им се јави и да им каже што да напишаат.
На снимката Палитов ги убедува транспортерите дека „Фени“ е битка меѓу вицепремиерот Кочо Анѓушев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, посочија вработените.
(М.И.П.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Анѓушев: „Фени“ е првиот успешен стечај
„Фени индистри“ е првата успешно решена стечајна постапка во Република Македонија, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, по завршувањето на првиот македонско-бугарски бизнис-форум „Македонија – Бугарија 2019“.
Одговарајќи на новинарско прашање, Анѓушев подвлече дека стечајот на „Фени индистри“ завршил успешно со целосно исплатени доверители, и е пример за компанија која и во активен стечај продолжи да работи.
„Практично вчера или завчера судот ја затвори стечајната постапка и се надевам дека ‘Фени индистри’ ќе има сериозен придонес во економијата на нашата земја. Новите сопственици најавуваат и отворање на втората линија којашто би го дуплирала производството во ‘Фени индистри’, а тоа ќе значи и дуплирање на приходот на компанијата, односно на нивната економска активност, зголемување на бројот на вработени, а секако значи и значително учество во БДП на Република Македонија. Јас очекувам дека тоа ќе биде една стабилна компанија. Од тоа што јас го имам како информација, веќе од денеска просечните плати во Фени се над 500 евра, што е ветување на Владата кое практично таму почнува да функционира“, истакна Анѓушев.
Економија
И официјално заврши стечајот за „Фени“, апелација ги одби жалбите
Судот во Велес денес соопшти дека е правосилно одобрен планот за реорганизација на „Фени индустри“ од Кавадарци со што и официјално заврши стечајната постапка за комбинатот низ која се бараше и нов инвеститор. Одобрен е планот на ГСОЛ, досегашниот закупец на комбинатот. Планот вторпат беше обжален на апелација од дел од доверителите.
„Апелациониот суд Скопје го потврди решението на Основниот суд Велес со кое се одобрува планот за реорганизација на стечајниот должник Друштво за ископ на руди, производство на метали, трговија и услуги ‘Фени индустри АД Кавадарци’ – во стечај. Врз основа на наведеното, решението на Основен суд Велес за одобрување на планот за реорганизација на стечајниот должник е правосилно и претставува извршна исправа согласно со одредбите од Законот за стечај“, соопшти Основниот суд Велес.
Стечајот за „Фени“ беше отворен на крајот на 2018 година поради натрупани долгови од над 60 милиони евра, а низ стечајната постапка се бараше инвеститор што ќе ги покрие долговите и ќе понуди план за реорганизација на комбинатот без негово затворање. ГСОЛ понуди план, ги исплати долговите и ги задржа на работа вработените кои и покрај стечајот земаа плата, а од март лани беше рестартирано и производството.
Истражувања
Се појави крунски доказ дека „Кунико“ го планирал стечајот на „Фени“
По веста пред 6 месеци дека поранешниот сопственик на „Фени“ – „Кунико ресурсис“ (Cunico Resources) тужи 9 фирми и 4 физички лица за заговор со кој им е одземен „Фени“, „Макфакс“ дојде до документ презентиран во судот во Холандија, кој е крунски доказ дека „Кунико“ плански го одвел „Фени“ во стечај. Станува збор за финансиска анализа на „Кунико ресурсис“ подготвена од менаџерскиот тим на „Кунико“ на 13 јуни 2017 година, а наменета за Собранието на акционерите. Во анализата јасно стои дека без финансиска помош од акционерите, за „Фени“ банкротот е неизбежен. Во документот пишува дека поради неплаќање на долговите, веќе во јули 2017 се очекува доверителите да почнат стечајна постапка.
„’Кунико груп’ ќе го остави ‘Фени’ и други делови на Групацијата без финансиска помош. Во овој случај ‘Фени’ ќе има акумулирано критична маса на достасани долгови до јули 2017 година. Нашата процена е дека секој обид да се реструктуира компанијата и да се направат договори за отплата нема да бидат успешни без финансиска поддршка од акционерите од ‘Кунико’ и поради тоа не може да се покаже разумна перспектива за компанијата. Поради тоа, повеќе од јасно е дека некој од кредиторите ќе поведе стечајна постапка или тоа само треба да го направи менаџментот на “Фени’“, се наведува во анализата.
„Кунико“ во извештајот ги предвидел сите можни сценарија за „Фени“, која е означена како најпроблематична компанија и донесен е заклучок дека ако оди во стечај, може да се спаси целата групација. Како дополнително ‘спасувачко’ сценарио е тоа да се случи и со „Њу ко фероникели“ во Косово.
„Од денешна перспектива овој план е спроведен и во пракса: ‘Фени’ отиде во стечај, а ‘Њу ко фероникели’ неколку месеци подоцна исто така доби нов сопственик. Оваа анализа е целосно спротивна на наводите на ‘Кунико’ дека постоел заговор за носење на ‘Фени’ во стечај. Очигледно заговорот го направил самиот ‘Кунико’, свесен за последиците“, велат вработени во комбинатот.
Анализата, која лани била строго доверлив документ, покажува дека „Кунико“ се грижел неговите компании да не ги исплатат долговите кон „Фени“.
„’Фени’ има побарувања од компании на Групацијата Кунико, и тоа 6,2 милиони американски долари од ‘Фероникели’, 11,8 милиони американски долари од ‘Кунико маркетинг’, 21,1 милион американски долари од ‘Кунико ресурсис’ и 1,1 милион американски долари од ‘Гуаксилан’. Има опасност ако Групацијата Кунико изгуби контрола врз ‘Фени’, стечајната управа да ги бара овие средства од компаниите. Во моментот го испитуваме потеклото на побарувањата и размислуваме да ги отпишеме ако се покаже дека нема соодветно објаснување“, стои во анализата.
Токму за незаконскиот отпис на долгови минатата година кривични пријави против менаџментот на „Кунико ресурсис“ поднесе Управата за финансиска полиција. Пред нецел месец тужба и кривични пријави против „Кунико ресурсис“, „Кунико маркетинг“, Јусуф Мирахмедов, Маниш Агарвал и Бранко Колев поднесе и стечајниот управник на „Фени“. Според кривичната пријава, која ја потврди Јавното обвинителство во Велес, пријавените се товарат за злосторничко здружување, злоупотреба на службената должност, но и фалсификување документи со кои е извршен незаконскиот отпис на 51 милион американски долари долг кон „Фени“. Веќе е утрвдено дека претходното раководство правело лажно датирање документи за да послужат за незаконскиот отпис.
Пред повеќе од една година беше обелоденето и дека ИМР (International Mineral Resources) со судска одлука од Холандија стекнал сопственост врз Групацијата Кунико ресурсис под услов да инвестираат 66,5 милиони американски долари, од кои, според кажувањата на вработените, никогаш ни долар не стигнал до „Фени“.
Стечајот на „Фени“ е заглавен и покрај планиот за реорганизација доставен од ГСОЛ, кој веќе двапати е изгласан на Собранието на доверителите со над 95 отсто поддршка. Жалби поднесуваат токму „Кунико ресурсис“ и „Кунико маркетинг“.
Вработените на „Фени“ на секое рочиште протестираа и испраќаа порака да се стави крај на стечајот за кој велат дека ја загрозува нивната егзистенција.
На потег е Апелациониот суд во Скопје, кој треба да ја разгледа последната жалаба од „Кунико“. Од таа одлука зависи дали ќе заврши стечајната постапка за „Фени“, која почна лани во ноември.
„Кунко ресурсис“ беше недостапен за коментар на финансиската анализа, која од строго доверлив документ стана јавна тајна.