Свет
Хокинг отпуштен од болницата во Рим

Познатиот британски физичар и космолог Стивен Хокинг отпуштен е во саботата од болницата во италијанската престолнина Рим по дводневните испитувања, соопштија лекарите.
Седумдесет и четиригодишниот Стивен Хокинг во Рим учествуваше на Понтофикалната (папска) академија на науките. На 25-ти ноември во Ватикан одржа предавање „За потеклото на Вселената“ а во понеделникот се сретна со поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, а во четвртокот ноќта беше сместен во римската болница „Гемили“.
Болницата, којашто се смета за една од најдобрите во која се лекуваат папите,објави во саботата дека Хокинг се чувствува добро и дека се враќа во Велика Британија.
Хокинг, кој се прослави со книгата „Куса историја на времето“, продадена во тиражи од 10 милиони примероци, зборува преку компјутер и патува со придружба во која се вклучени и две болничарки. Тој одржа говор во Ватикан, на 25-ти ноември за потеклото на Вселената.
Хокинг, теоретски физичар е познат како популаризатор на науката, се занимава со потеклото на космолошката посебност, односно привичната состојба на Вселената, од којашто таа, според теоријата за Големиот тресок, постојано се шири.
Во 1963 година, на тогаш 22-годишниот Стивен Хокинг му била дијагностицирана „амиотрофична латерална склероза“ (АЛС). Лекарите тогаш сметале дека му преостануваат уште две до три години живот. За среќа нивните предвидувања не се остварија, тој ја продолжи својата научна работа, двапати се женеше и е татко на три деца. Дури и целосно парализиран и врзан за специјално опремената количка, Хокинг води доста активен живот, се занимава со науката, предава, и настапува на научни собири ширум светот, општејќи со светот преку специјалниот компјутеризираниот синтетизатор на говорот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рубио: И Русија и Украина ќе мора да попуштат

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Брисел, американскиот државен секретар Марко Рубио даде интервју во Соединетите Американски Држави, коментирајќи ги резултатите од неодамнешниот самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Рубио, кој учествуваше на самитот заедно со Трамп, рече дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.
„Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат“, рече Рубио. „Можеби дури и не е можно Соединетите Американски Држави да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.
Сепак, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор.
Додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.
Свет
Фон дер Лајен: Украина мора да има неограничена воена поддршка и безбедносни гаранции

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не смее да има ограничувања за украинската армија или странската воена помош.
„Не смее да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји“, рече фон дер Лајен пред состанокот на европските лидери и самитот во Вашингтон во понеделник, на кој ќе се разговара за евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Како што често велам, Украина мора да стане железна брана, непробојна за евентуални напаѓачи“, рече шефицата на Комисијата на прес-конференција во Брисел, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фон дер Лајен го пофали предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции инспирирани од НАТО.
„Ја поздравуваме волјата на претседателот Трамп да обезбеди безбедносни гаранции на Украина, слични на Член 5“, рече таа, додавајќи дека Украина мора да има можност да го зачува својот територијален интегритет.
Фон дер Лајен рече дека терминот „прекин на огнот“ е помалку важен од потребата да се запре убивањето.
„Важен е перформансот. А перформансот мора да биде да се запре убивањето“, рече таа. „Затоа, не е важен изразот, туку содржината. Важно е трилатералниот состанок на претседателите на Украина, САД и Русија да се одржи што е можно поскоро“, истакна шефицата на Европската комисија, во изјава пред најавената видеоконференција на коалицијата на добронамерните.
Свет
Америка ѝ нуди на Украина заштита слична на НАТО, Путин, наводно, се согласил

Американскиот претставник Стив Виткоф изјави во интервју за „Си-ен-ен“ дека рускиот претседател Владимир Путин за прв пат се согласил да вклучи клаузула за колективна одбрана во потенцијален мировен договор за Украина.
Зборувајќи во емисијата „Состојбата на Унијата“, Виткоф појасни дека договорот е замислен како заобиколување на црвената линија на Русија – членството на Украина во НАТО. Наместо формално да се приклучат на Алијансата, САД и европските земји ќе понудат безбедносни гаранции со формулацијата „слична на Член 5“, која ги обврзува сите членки на меѓусебна одбрана.
„Се согласивме дека Соединетите Американски Држави и другите европски земји би можеле да понудат формулација слична на Член 5 како дел од безбедносната гаранција“, рече Виткоф. Тој додаде дека Путин јасно ставил до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо, но дека тие ги започнале преговорите од претпоставката дека Украинците можат да се согласат на алтернатива.
„Сè зависи од тоа со што можат да живеат Украинците. Но, почнувајќи од тоа, успеавме да ја добиеме оваа отстапка – дека САД можат да понудат заштита слична на Член 5“, рече тој.
Виткоф нагласи дека ова е „прв пат да слушнеме дека Русите се согласиле“ на таква клаузула во кој било мировен договор.
Досега, ниту рускиот претседател ниту други функционери јавно не коментирале за толкувањето на преговорите од страна на администрацијата на Трамп.