Uncategorized
Зошто страдаат пешаците во Македонија?
Како на глобално ниво, така и во Македонија, околу 25 отсто од вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди се пешаци. Изразено во апсолутни бројки, во Македонија, во просек, годишно од 30 до 35 лица – пешаци го губат животот во сообраќајни незгоди.
Во 2016 година, 35 пешаци го загубиле животот во сообраќајни незгоди, од кои 17 се на возраст на 65 години.
Прашањето кое се наметнува е: Зошто страдаат пешаците во Македонија?
Една од првите животни и училишни лекции на секој човек е како безбедно да се премине улицата, но не сите научиле или барем тоа не се покажува во секојдневната пракса. Затоа, РСБСП уште еднаш потсетува на најважните правила кои треба да ги практикуваат пешаците.
Улицата се преминува исклучиво на пешачки премин откако претходно ќе се уверите дека возилата кои се движат по коловозот може безбедно да застанат. Важно е да се потенцира дека во сообраќајот не постои апсолутно право на првенство на минување и пешачкиот премин го означува местото каде се поминува улицата, а моментот на преминување зависи од случувањата во сообраќајот.
На јавен пат каде што има обележани пешачки премини, пешакот е должен при преминувањето на патот да се движи по тие премини, освен ако тие од него не се оддалечени повеќе од 100 метри.
На крстосница каде што има светлосни сообраќајни знаци кои го регулираат пешачкиот сообраќај, пешакот е должен да ја премине улицата само кога свети зеленото светло за пешаци.
Пешакот не смее да се движи или непотребно да се задржува на коловозот, освен во ситуации предвидени со законот. Доколку пешакот се движи по коловозот (во случај каде што нема тротоари или пешачка патека, или е принуден да се движи по коловозот), тој задолжително треба да се движи што поблиску до работ на коловозот и тоа мошне внимателно и на начин на кој не го попречува или не го спречува сообраќајот на возилата. Во таков случај, пешаците треба да користат најмногу еден метар широк дел од коловозот, сметано од работ на коловозот.
На јавен пат каде што има тротоар или друга површина определена за движење на пешаци, односно површина покрај коловозот погодна за движење на пешаци, пешакот е должен да се движи по тие површини.
Пешакот кој се движи по коловозот на јавен пат надвор од населено место е должен да се движи до левиот раб на коловозот во правецот на движењето. По исклучок, пешакот може да се движи до десниот раб на коловозот, само кога таквото движење за него е посигурно (непрегледна кривина, бездна, засек, одрон и слично).
Пешакот кој турка рачна количка, велосипед, велосипед со помошен мотор, мотоцикл, како и лицата кои се движат со помош на подвижни столови за немоќни лица со брзина не поголема од брзината на човечки од, како и организирана колона пешаци, се движат до десниот раб на коловозот во правецот на движењето.
Сообраќајните правила и прописи се важни, а исто така важни се и добрите навики и корисните практики кои можеби не се предвидени со законот, а кои може значително да ја подобрат безбедноста на пешаците во сообраќајот. Овде посебно ја истакнуваме потребата за користење на флоуросцентни елечиња и други аксесори кои ја подобруваат видливоста на пешаците, особено во услови на намалена видливост надвор од населени места и во населени места низ кои поминуваат магистрални и регионални патишта, а кои не се доволно осветлени.
Наспроти сите сообраќајни правила и прописи и добри практики голем дел од пешаците се оснесуваат крајно неодговорно и на тој начин го загрозуваат сопствениот живот и безбедното одвивање на сообраќајот. Секојдневните примери покажуваат дека пешаците ја поминуваат улица на црвен пешачки семафор, надвор од пешачки премин без да погледнат лево и десно, се движат помеѓу двете коловозни ленти, го пресекуваат текот на сообраќајот кога и каде ним им одговара, непотребно се задржуваат на коловозот, користат мобилни телефони, слушат музика и не го следаат сообраќајот и случувањата во сообраќајот, итн.
Одговорот зошто страдаат пешаците во сообраќајот е поради непочитувањето на правилата и прописите во сообраќајот, ниската сообраќајна култура и лошите навики на однесување во сообраќајот.
Одговорноста на возачите за безбедноста на пешаците во сообраќајот не е ништо помала./крај/рсбсп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Стравична несреќа на автопатот Скопје–Куманово: Две возила целосно изгореа по судир, еден тешко повреден
Синоќа на автопатот Скопје – Куманово, пред клучката за обиколницата на главниот град, се случила тешка сообраќајна несреќа во која двете возила што се судриле целосно изгореле.
Според информациите од полицијата, судирот се случил помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 25-годишниот А.В. од селото Бујковци, и товарно возило „мерцедес“ со полуприколка, со неготински таблички, управувано од Љ.Д. (56) од село Брест, штипско.
По ударот, двете возила се запалиле и целосно изгореле. Во несреќата, возачот на патничкото возило се здобил со тешки телесни повреди и бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде му била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата излегла увидна екипа.
Фото: илустрација (depositphotos)
Uncategorized
Бајден: Знаеме кои сме, време е да му го покажеме тоа на светот и на самите себе
Џо Бајден им се придружи на американските претседатели од редовите на Демократската партија во осудата на смртоносната пукотница во Минеаполис. Коментирајќи ја веста дека федералните агенти го убиле 37-годишниот медицински техничар Алекс Прети, Бајден рече дека чинот претставува „предавство на најосновните вредности на Американците“.
Во изјавата во која се повикува на уставното право на правична постапка, Бајден рече: „Ние не сме земја што пука во своите граѓани на улица. Ние не сме земја што дозволува бруталност врз граѓаните за остварување на нивните уставни права. Ние не сме земја што го гази Четвртиот амандман и толерира тероризирање на нашите соседи“.
„Луѓето од Минесота нè потсетија на сè што значи да се биде Американец, а тие веќе претрпеа премногу под оваа администрација. Насилството и теророт немаат место во САД, особено кога нивната сопствена влада ги таргетира американските граѓани“, додаде тој.
Во малку прикриена критика кон Доналд Трамп, чија администрација се соочува со растечки критики за тактиките за имиграција, Бајден истакна: „Никој не може да го уништи она за што се залага и во што верува Америка, дури ни претседателот, ако ние, целата Америка, се заложиме и проговориме“.
„Знаеме кои сме. Време е да го покажеме тоа на светот. Уште поважно, време е да го покажеме и на самите себе“, истакна тој. Тој повика на „целосни, фер и транспарентни“ истраги за „бесмислените“ убиства на Прети и Рене Гуд.
Изјавата на Бајден следува по осудите што ги упатија претходно Барак Обама и Бил Клинтон. И двајцата ги повикаа Американците да проговорат и предупредија дека основните американски вредности се нападнати по засилената репресија на администрацијата на Трамп против имиграцијата во Минеаполис.
По напуштањето на функцијата, Бајден претежно се држеше подалеку од јавноста. Тој моментално се лекува од рак на простата и е ангажиран во пишување мемоари и развивање на претседателската библиотека.
Неговите изјави доаѓаат во време кога многу демократи се незадоволни од неговата одлука да остане претседателски кандидат на партијата долго време во текот на изборниот циклус во 2024 година, потег што критичарите го оценија како ослабување на моментумот на партијата.
Бајден на крајот ѝ ја отстапи номинацијата на потпретседателката Камала Харис, која Трамп ја победи и освои втор мандат во Белата куќа.
Uncategorized
Најдено тело на четиригодишно дете кое паднало oд брод со мигранти
Крајбрежната стража на Грција вчеравечер уапси маж кој со брод се обидел да избега додека криумчарел мигранти, додека пак пред два дена, по дојава дека биле истоварени мигранти кај Икарија, властите пронашле тело на четиригодишно дете.
Патрола на крајбрежната стража го забележала бродот како се движи со голема брзина кон западниот брег на Хиос, по што започнала потера, а криумчарот отишол кон плажата Гларој каде ги „истоварил“ сите патници кои избегали.
Подоцна, Крајбрежната стража и локалната полиција подоцна пронајдоа 16 мажи, 11 жени и девет деца, по што биле однесени во прифатен центар на Хиос.

