Daily news
Првата турнеја на Трамп “да се биде или не” за неговиот мандат
Првата турнеја на претседателот на САД, Доналд Трамп, во странство откако е на функцијата е „да се биде или не“ за неговиот мандат.Со оглед на сериозните скандали и проблеми со кои се соочува дома, турнејата што почнува денеска ќе биде сериозен тест за него како претседател на САД.Ако не заврши како целосен неуспех, таа може да се смета за успех, пишуваат медиумите во САД.Трамп прво ќе ја посети Саудиска Арабија, по што ќе оди во Израел, Ватикан, Италија и Белгија.
Минатата недела беше една од најтешките за Трамп од неговата инаугурација во јануари. Одлуката за ненадејното разрешување на директорот на ФБИ, Џејмс Коми, наиде на жестоки критики и обвинувања за попречување на истрагата за мешањето на Русија во американските избори и доведе до именување на специјален обвинител за да се обезбеди неговата независност и да се ослободи од политички притисок. Можноста за негово отповикување се повеќе се споменува.
Покрај тоа, на состанокот со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров тиј издаде доверливи информации за терористичките активности во исламските земји, до кои САД дошле благодарение на соработката со израелските тајни служби. Овој инцидент лесно може да биде една од темите за време на посетата на Израел.
Во рамките на Белата куќа, ситуацијата е далеку од идилична, со се поголемиот број на службеници кои им јавуваат на медиумите за растечкиот јаз во рамките на администрацијата и невозможната мисија за санирање на сериозната штета што ја произведува Трамп речиси со сите негови изјави и акции. Стресот кој доаѓа со патување во странство и јавни посети на странски државници може да ги влоши постојните тензии.
Некои официјални лица кои се наклонети на Трамп сметаат дека ова би можело да биде негова последна шанса да ја спаси неговата позиција. “Ова е еден вид да се биде или не за Трамп, изјави официјален претставник за Си-Ен-Ен.
“Едно прашање што ги интересира сите надвор од САД, а веројатно нема да го прашаат, е која е неговата вистинска политичка моќ во однос на поделбите во Конгресот и во неговата партија? Може ли тој да продолжи со својата политичка агенда? Тоа сигурноќе биде главна дилема додека посетува странски земји “, коментира Ентони Кордесман на Центарот за меѓународни и стратешки студии.
Првата странска турнеја и без овие проблеми е сериозен предизвик за претседател без дипломатско искуство: досадниот протокол, меѓународните конференции и официјални вечери и многуте можности за гафови и дипломатски инциденти сигурно ќе го привлечат вниманието на телевизиските камери.
Уште повеќе што Трамп за своја прва дестинација избра земји со кои има многу сложени односи. На неговата прва турнеја тој ќе треба да се справи со тешки прашања како што се израелско-палестинскиот мировен процес, исламизмот во Блискиот Исток, иднината на НАТО што тој самиот ја доведуваше под прашалник во изборната кампања и загриженоста на европските сојузници поради неговата протекционистичка трговска политика.. Крај/мк
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.