Daily news
Глобални мировни активности за 25 мај
Во едно масовно глобално движење, организирано на 25 мај во 85 градови ширум 43 земји, вклучувајќи ги Пекинг, Њујорк, Париз, Сеул, Сиднеј и Токио, меѓународната јужнокорејската организација „Небесна култура, светски мир“ (HWPL) во соработка со локалните заедници и меѓународните младински организации, организираше мировна кампања насловена „Мировен марш и дискусии за спречување на насилниот екстремизам“, со цел покренувањето на свест од потребата за светски мир и ставање крај на глобалните воени конфликти.
Претседателот на организацијата, јужнокорејскиот мировен активист Ман Хи Ли повика на меѓународна соработка при градењето на мирот и ставање крај на воените конфликти. Ли исто така повика на поголемо учество на граѓаните ширум светот во овие напори, кои ќе резултираат со „светски мир како наследство за идните генерации“.
„Мојата земја Гватемала страда од внатрешен конфликт повеќе од 30 години. Пораснав слушајќи ги приказните од војната кои ми ги раскажуваа моите родители, за уништувањето кое зафати многу делови од земјата, како со физички, така и со психолошки последици, дури и 20 години по завршувањето на конфликтот. Потребно е да преземеме чекори напред во трансформацијата на нашите идеи за еден светски мир. На тој начин, ќе можеме да ги залечиме раните кои ги остави војната“, изјави Сара Флоријан, една од учесничките во кампањата.
Претседателот на јужнокорејската Интернационалната младинска група за мир, (IPYG), која е коорганизатор на настанот, Дујен Ким, порача дека „денешната младина полека се буди и оди напред кон создавањето на светскиот мир“. „Сите сме сведоци на тоа каде оди овој свет и не го прифаќаме тоа, ние сме создадени за да правиме подобри работи и светот да стане подобро место“, рече Ким.
Мировните кампањи на јужнокорејската организација, која меѓу другото има и активности во Македонија и на Балканот, датираат уште од 2013 година, кога HWPL ја усвои Декларација за светски мир, документ чие мото е „Светски мир како наследство за идните генерации“./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.