Daily news
Средба на Талат Џафери со иранскиот амбасадор Карими
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со амбасадорот на Иран во Република Македонија, Хосеин Карими.
На почетокот на средбата амбасадорот изрази честитки за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието на Република Македонија, притоа посакувајќи му успеси во понатамошната работа и ја искористи шансата да му ја достави честитката упатена од претседателот на Исламската Република Иран, Хасан Роухани.
Амбасадорот Карими истакна дека Иран со внимание ги следел последните настани во Република Македонија, при што тој лично изразил задоволство во однос на ангажираноста на политичките партии и граѓанското општество, како и тенденцијата за почитување на правилата на демократското општество во текот на последните настани кои ги оценува како клучен фактор на демократските процеси кои овозможија решавање на политичката криза во земјата.
Претседателот Џафери изрази благодарност до амбасадорот за честитките и поддршката, притоа истакнувајќи дека благодарение на поддршката на граѓаните и политичката посветеност, успешно се надмина политичката криза во земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Република Македонија има демократски определби и е насочена кон членство во ЕУ и НАТО.
Амбасадорот Карими изрази убедување дека Собранието на Република Македонија има и може да игра важна и конструктивна улога во градење на иднината на оваа земја, како од аспект на одлучување така и од аспект на зачувување на унитарноста на земјата. Исто така, истакна дека Иран е посветен кон воспоставување позитивни односи и соработка со сите земји од Балканот, а посебно внимание му посветува на создавањето добри односи со европските земји.
Претседателот Џафери подвлече дека Република Македонија е фокусирана на градење подобра иднина на земјата, а од мултилатерален аспект, со оглед на тоа дека Македонија е земја со мала територија и мал број население, не може да има големо влијание во глобалната политика, но имајќи поволна геополитичка и стратешка позиција, се стреми да биде неутрална и непристрасна воспоставувајќи добри односи со сите земји.
На крајот на средбата, соговорниците изразија подготвеност да продолжи билатералната соработка помеѓу двете земји на сите институционални нивоа, за одржување на мирот, стабилноста и благосостојбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.