Daily news
Самсоненко најави заминување од Вардар
Сергеј Самсоненко, сопственикот на трите клуба, чие обележје е црвено-црната боја, машкиот и женскиот ракометен клуб и фудбалскиот клуб Вардар, најави дека ова е последна сезона во која тој како инвеститор ќе вложува во сите три спортски клуба во Македонија.
Самсоненко денеска со писмо, кое го пренесуваме во целост, ѝ се обрати на јавноста во земјата.
„Почитувани граѓани на Македонија, пријатели!
Вчеравечер се вратив во Скопје и бев длабоко вознемирен од сето она што го прочитав во медиумите, на социјалните мрежи, порталите…
Првото прашање што си го поставив себеси беше со што јас и моите колеги од Вардар заслуживме вакви навреди?
Македонија е дом за мене и за моето семејство веќе 11 години, во овој период од срце инвестирав огромни средства во развој на спортовите во земјава.
Драги пријатели, цената на ниту еден билет не може ниту, пак, сакам да го врати тоа што го вложив без никаква задршка во македонскиот ракомет, фудбал, тенис и друго… токму поради тоа јас, од мое име и од името на управата на ФК Вардар, донесов одлука.
Долго време се воздржував да реагирам на навредите што ги пласираа против мене одредени медиуми и поединци… и сакам да кажам, доста е!
Никогаш во животот не сум доживеал ваков линч, навреди и омаловажување какви што доживеав во изминативе денови.
Ви благодарам многу, се чини дека ова е надомест за сè што направив.
Доста е, одлуката, колку и да ми беше тешко, ја донесов.
Ова е последна сезона во која јас, Сергеј Самсоненко, како инвеститор вложувам во сите три спортски клуба во Македонија.
По оваа сезона, ќе ги вратам трите клуба на поранешните сопственици во одлична состојба, со шампионски титули, добар ранкинг и без долгови.
Во врска со билетите за натпреварот Вардар-Фенербахче одлучив да ги продаваме сите билети по единечна цена од 300 денари, без разлика на сектор или трибина.
На сите што купиле билет по стара цена средствата ќе им бидат рефундирани.
Напред Вардар!
Сергеј Самсоненко
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.