Македонија
Боки 13 четврти ден на интензивна нега, адвокатот Туфегџиќ чека одлука дали, по тешката операција, ќе го вратат во „Идризово“

Бојан Јовановски-Боки 13, четврти ден по операцијата, за која докторите и адвокатите рекоа дека е животозагрозувачка, се наоѓа на одделот за интензивна нега. Тој и натаму е во ризична состојба откога докторите му го отстранија речиси целиот желудник за да избегнат канцерогена состојба. До операцијата дојде кога медицинарите преку конзилијарни мислења и адвокатите во судот и јавноста, алармираа дека здравјето на Боки 13 е во лоша состојба, а можност за лекување, според болничките препораки, нема во затворот „Идризово“. Пред Кривичниот суд се води нова битка, Боки 13, по операцијата, да добие привремен отпуст, а адвокатот Владимир Туфегџиќ за „Макфакс“ посочува дека уште нема добиено одлука.
„До овој момент немам сознанија дали Кривичниот суд има донесено одлука по барањето за прекин на издржувањето казна, ниту сум примил одлука. Известен сум дека Кривичниот суд доставил барање за здравствената состојба на Бојан Јовановски до ЈЗУ УК за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’ веднаш по извршениот оперативен зафат и дека од страна на Клиниката соодветно е одговорено, а за други детали не сум запознаен“, вели Туфегџиќ за „Макфакс“.
Повеќе од четири часа траела операцијата на Бојан Јовановски-Боки 13. Хирургот Јованов посочува дека ова е последица на несоодветното лекување што го имал Боки 13, а чиј правен тим постојано праќаше аларм дека ќе биде подложен на операција доколку не добие прекин на казната за здравствената состојба да му се третира во согласност со препораките.
„И претходно не можеше да се лекува, а сега, пак, воопшто“, вели хирургот Јованов за „Макфакс“ прашан дали, по операцијата, Боки 13 може да се лекува во затворот.
Пред еден месец на Боки 13 му беше одбиено барањето од Кривичниот суд за прекин на казната. Истакна и жалба на решението за која однапред посочи дека очекува да биде одбиена по што и таква одлука беше донесена – тој да остане во затворот. До јавноста беа испратени и низа конзилијарни мислења, а во едно од нив потпишано од десетина доктори стоеше: „Во смисла на сериозноста, карактерот и интензитетот на болеста, кај пациентот се препорачува и се дава задолжително упатство за понатамошно лекување и третман, што би значело лекување исклучиво во домашни услови, веднаш и неодложно по завршување на болничкото лекување бидејќи пациентот со ваква здравствена состојба и опишаните ризици од неа, медицински е недозволено да се лекува во пенални услови“. Овој документ го добиле и во Кривичниот суд, но и во Управата за извршување санкции при одлучувањето по однос на прекинот на казната.
Во средината на февруари Боки 13 беше вратен во затворот. Адвокатите алармираа дека е во претканцерогена состојба и дека таа ќе се влоши. Тие доставија и хистопатолошки наод од Институтот за патологија при Медицинскиот факултет во Скопје, каде што се констатира: „Наодот одговара за хроничен гастритис со фокуси на интестинална метаплазија“.
Бидејќи немаше институционална реакција, а осудениот остана во затворот „Идризово“, Боки 13 побара реакција и од Амбасадата на САД. За тврдењата дека е цел на тортура, за наводите дека има криминално постапување од страна на Кривичниот суд, но и дека располага со сензитивни податоци за криминал што го правеле највисоките државни структури, ги известил Амбасадата на САД и амбасадорката Анџела Агелер. Неговиот адвокатски тим копија од писмото испрати и во јавноста, каде што наведува дека се бара од Амбасадата и од амбасадорката да го посетат Боки 13 во затворот.
На почетокот од март до јавноста беа доставени и медицински белешки со потписи и печати од разни доктори од итната медицинска помош по прегледи направени во затворот. Правниот тим на Боки 13 посочи: „11 лекари од брзата помош утврдија дека Боки 13 не може да се лекува во затворот“. Во нив, според нив, стои дека Боки 13 не може да ја добива препишаната терапија во тие услови, а таму ниту може да има хигиено-диететски режим, потребен за подобрување на неговата здравствена состојба.
На средината од март преку ново соопштение од правниот тим се алармира дека поради линчот и тортурата, здравјето на Боки 13 му е во алармантна состојба. Тие прашаа: „Кому му одговара да умре?“ Потсетија и на претходните ставови дека третманот што го има Боки 13 го носи само кон операција, која може да има и смртен исход, а за која докторите им посочиле дека не може да гарантираат за успешноста.
На средината на март првпат во јавноста се обрати мајката на Боки 13, Јасминка Јовановска. Посочи дека Боки 13 е во лоша здравствена состојба поради тоа што е цел на изживување, малтретирање и тортура. Најави дека за ваквите последици врз неговото здравје одговорност ќе бара од инволвирани лица.
„Како мајка и родител, на ниедна мајка и родител не им го посакувам ова пеколно и злосторничко однесување кон чие било дете, затоа упатувам апел до јавноста за човечност и разумност во овие чувствителни моменти“, напиша таа, а на писмото се потпиша и нејзиниот сопруг Миле Јовановски.
Адвокатот Туфегџиќ испрати и ново барање до Кривичниот суд за прекин на казната на Боки 13. Адвокатот посочи дека Кривичниот суд и Управата за санкции знаеле за последиците што Боки 13 може да ги има ако не се почитуваат лекарските мислења кога донеле одлука да не дадат прекин на казната.
Боки 13 одново беше хоспитализиран во болницата „Св. Наум Охридски“ на 17 март. Од правниот тим беше известено дека ќе биде опериран бидејќи тоа веќе е неизбежно, а хирурзите што ќе го извршат оперативниот зафат се оградуваат од ризикот и одговорноста, а сето тоа поради нејзината сложеност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Јанковиќ: ВМРО-ДПМНЕ катастрофлано потфрла во справување со пожарите, лани изгореле 95.000 хектари

Состојбата со пожарите во државата е алармантна. За само едно деноноќие се регистрирани над 50 пожари, а веќе со денови горат планини, шуми и пасишта на повеќе локации низ државата. Гори во Берово, Прилеп, Катланово, Петровец, Кичево, Кратово, Крива Паланка, Желино, Старо Нагоричане, Македонски Брод, вели Јовица Јанковиќ од СДСМ.
Владата на ВМРО-ДПМНЕ, додава тој, потфрли целосно во справување со пожарите и оваа година исто како и лани.
„Статистичките податоци покажуваат драматични, аларманти податоци. Минатата година, изгореле 95,181 хектари во Македонија. Дури 8 пати повеќе отколку од просекот во последните 17 години.
Најстрашно од се е што бројката на изгорена површина на Македонија во 2024 година – 95.181 е далеку поголема од бројките во една Шпанија, Италија, Франција, кои по површина се поголеми од нашата татковина.
По она што се случува оваа година, трендот за жал оди во нагорна линија.
Изгорени се повеќе од 20% од вкупната површина на шуми и пасишта. Тоа значи уништена природа, загрозени животи, имоти и здравје на граѓаните.
Наместо брза и координирана реакција, гледаме катастрофална неспособност на власта во справувањето со пожарите.
Се доцни со интервенции, нема доволно лица на теренот, нема нова опрема, нема нови противпожарни возила, нема доволен број пожарникари“.
Според него, иако ВМРО-ДПМНЕ ветуваше дека ќе бидеме најподготвени досега, гледаме, како што рече, дека тоа било уште една голема лага.
Оценува дека наместо нови возила, Владата на ВМРО-ДПМНЕ потрошила 7 милиони евра за службени мобилни телефони.
„Колку противпожарни возила ќе се купеа со тие 7 милиони евра?
Нема ниту нова опрема, нема нови системи за гасење, ниту нови авиони. Наместо тоа, гледавме расфрлање со парите на граѓаните – за скапи приватни летови, луксузна морска храна, папаја и манго.
Нема нови вработувања на пожарникари, нема ниту зголемување на платите за хероите што се борат со огнот, затоа што приоритет на ВМРО-ДПМНЕ се партиските вработувања и вдомување на партиски кадар.
Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ ги одбива сите конкретни предлози на СДСМ. Последен пример е ребалансот на Буџетот – не прифатија да се обезбедат 500 милиони денари за зголемување на бројот на пожарникари, за нивни плати и за нова опрема.
Тоа е страшно, жално и крајно неодговорно“, истакнува Јанковиќ.
Ги повика институциите да се разбудат и да почнат да работат.
Како што нагласи, ова не е време за ПР. Ова е време за итно мобилизирање ресурси, време да се заштитат животите и имотите на граѓаните.
Македонија
(Видео) Лефков: Доколку Бугарија е искрена, нема зошто да ескивира од заедничка резолуција пред ЕП за заштита на македонскиот идентитет и на јазикот

Се уште очекуваме став од Бугарија за предлогот на претседателот Мицкоски, за заедничка Резолуција за заштита на македонскиот идентитет и јазик пред ЕП, мистакна на прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние го изнесовме овој предлог од две причини: Доколку Бугарија е искрена, и не го оспорува нашиот идентитет и јазик, тогаш ќе прифатат и заедно ќе ја поднесеме Резолуцијата.
Доколку Бугарија не е искрена, тогаш ќе ескивира по секоја цена“.
Во моментот сме сведоци, додава Лефков, дека Бугарија бега од идејата, а со тоа покажува став кон Македонија, кој не е демократски, не е добрососедски, ниту пак е човечки.
„Гласините кои ги слушаме од некои кругови во Бугарија, го отсликуваат наративот кој Русија го има кон Украина, со целосна негација на нашата самобитност.
Ние знаеме кои сме и целиот свет знае кои сме. Но, фактот што Бугарија го негира тоа, и сака во темел да ги поткопа основните човекови права, дава јасен знак дека сите треба да се запрашаме зошто е тоа така и ќе остави ли ЕУ да бидеме жртва на политики од 19 век, политики на негација на самобитноста исти по размер како тие Русија што ги применува врз Украина“.
Македонија, нагласува Лефков, е пред се добар сосед, држава членка на НАТО, држава која дала и дава свој придонес кон европската безбедност и единствено нешто кое го сакаме, како што рече, како народ, е да бидеме почитувани и да имаме третман како сите останати.
Македонија
(Видео) Државата се брани со сојузници и опрема, први во регионот потпишавме партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, вели Муцунски

Mинистерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски во видео објавено на социјалните мрежи, укажува за важноста и придобивките од безбедносното партнерство со Европската Унија, при што ја потенцира важноста што нашата држава е прва од регионот што потпиша вакво партнерство со ЕУ.
„Државата не се брани со зборови. Се брани со сојузници, опрема и знаење. Заедничките вредности не се декларираат, се штитат и се живеат“, вели Муцунски.
Тој нагласува дека преку ова партнерство државата добива 15 милиони евра поддршка за Армијата, модерна опрема, обука, комуникациски системи и отпорност на нови закани, и дека ова е само почеток.
„Кон што целиме? Посилна армија. Вистинска безбедност и сигурност за граѓаните. Европска интеграција што не е само збор, туку реалност“, потенцира Муцунски.
„Ова не е симболика – ова е стратегија што ја живееме. Со дела“, порачува тој.
Минатата година државата потпиша Договор за партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, со што е прва земја од регионот на Западен Балкан што воспоставува вакво партнерство со ЕУ. Договорот меѓу Северна Македонија и ЕУ во Брисел го потпишаа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.