Македонија
Вевчанскиот карневал доби 29 илјади евра од Култура, градоначалникот повика на забава: Има хумор и сатира, но никого не сакаме да го навредиме

Карневалот во Вевчани доби 1,8 милион денари или нешто повеќе од 29 илјади евра поддршка од Министерството за култура, со што министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска ја исправи минатогодишната грешка кога фестивалот не доби пари од државата, а таа се најде во фокусот на вевчанци, кои се натпреваруваа кој покреативно ќе ја исмее нејзината одлука.
Министерката и градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, денес потпишаа договор.
„Активностите во новата година ги почнувам токму од Вевчани потврдувајќи ја уште еднаш подготвеноста на Министерството за култура за поддршка на проекти кои се македонски бренд. Денеска, со градоначалникот на општина Вевчани, Спасе Кочовски, потпишавме договор за финансирање на Вевчанскиот карневал, еден од најстарите европски и први карневали во државата, зачленет во Светската карневалска федерација. Со 1,8 милион денари ја засилуваме поддршката на вредностите што траат и со својата автентичност ја издвојуваат македонската култура и историја во светски рамки“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Таа објасни дека заедно со градоначалникот ги надминале административните бариери поради кои изостана поддршката на карневалот и најави трајно решение, кое нема да зависи од средбите меѓу градоначалникот и министерката.
„Тој проблем се должи на тоа што административно, кога се објавуваат резултатите од годишниот конкурс, каде што со оваа манифестација може да се аплицира, карневалот е веќе завршен. Тогаш комисиите решаваат дека на веќе завршен проект не може да доделат никаква финансиска помош. Токму затоа ние по случката од минатата година и од годината пред неа, разговаравме со градоначалникот и ќе направиме посебен вид договор, каде што директно од буџетот, од една од ставките на Министерството за култура, ја финансираме сумата што Општината смета дека е потребна. По завршувањето на годинешниот карневал, треба повторно да најдеме механизам со кој ова нема да биде прашање на волја и на тоа дека министерката и градоначалникот седнаа и се договорија како тоа да го направат, туку дека тоа ќе стане пракса и нема да има пречки во финансирањето на карневалот“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Градоначалникот Кочовски рече дека карневалот, без оглед на околностите, 14 века никогаш не бил прекинат и нагласи дека секоја помош и поддршка се добредојдени. Тој повика на забава и нагласи дека карневалот е полн хумор и сатира, но целта не е да навредат некого.
„Како и секоја година, и оваа ќе ја почнеме со Вевчанскиот карневал, манифестација што може да се каже дека е европска и светска. Карневалот е стар 14 века. Во континуитет се одржува во Вевчани. Не престанал под ниедно ропство во кое била Македонија. Ќе продолжи и ден-денес. Како и секоја година, ќе се забавуваме и сега. Поканата е отворена за сите во Македонија. Имаме интерес од многу новински куќи од соседството. Новинска куќа од Норвешка е заинтересирана годинава да прави репортажа за Вевчанскиот карневал. Ве поканувам сите. Ви посакувам добра забава. Вевчани е отворено за сите, гостопримливо. Карневалот е полн со хумор и сатира, никого не сакаме да го повредиме, никого не сакаме да го навредиме, само сакаме да се забавувате“, рече градоначалникот Кочовски.
Министерката најави дека оваа година ќе го отвори карневалот и ќе остане во Вевчани цел ден.
Карневалот традиционално се одржува на 12, 13 и на 14 февруари во Вевчани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Меџити: Буџетот на Чаир, Бујар би го потрошил за една недела, државниот ревизор му ги извади валканите алишта на виделина

Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, денеска реагираше на начинот на кој поранешниот министер Бујар Османи ги менаџирал јавните пари, предупредувајќи дека злоупотребите и вештачки надуените цени во тендерите се директна опасност за секоја институција и за буџетот на граѓаните.
„Ако само замислиме дека со вакви цени, со вакви рекетирања, Бујар ќе ја косеше тревата во Чаир исто како во салата ‘Борис Трајковски’, тогаш е јасно дека буџетот на општината ќе се проголта за една недела. Со таков начин на лошо менаџирање, наставниците ќе останеа без плати, а граѓаните без основни услуги“, изјави Меџити.
Тој се повика на последниот извештај на Државниот завод за ревизија, кој како што оцени, констатирал сериозни злоупотреби при организацијата на дводневен самит, за кој биле потрошени околу два милиони евра државни пари.
„Овде не станува збор за мои зборови или политички обвинувања. Овде зборуваат фактите, документите и официјалните извештаи. А кога еден министер троши два милиони евра за дводневен самит, додека граѓаните се мачат со инфраструктура, образование и основни услови, тоа е непростливо“, нагласи Меџити.
Тој потсети и на времето кога Османи беше министер за здравство, споменувајќи дека во Гинеколошката болница во Чаир тогаш добил прекар „пациентот“ – што според него е симболичен показател за неуспешното раководење со институциите.
Меџити кој денес оствари посета на ОУ “Васил Главинов” порача дека Чаир заслужува транспарентно управување, реални инвестиции и грижа за граѓаните, а не злоупотреби и тендери со рекетирање.
„Граѓаните имаат право да знаат каде завршуваат нивните пари. Моја обврска како иден градоначалник е да ја вратам довербата и да го заштитам буџетот на Чаир од вакви злоупотреби“, заклучи тој.
Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Утре ќе се прска против комарци во Скопје

Од Градот Скопје известуваат дека утре (петок), во раните утрински часови ќе се изврши авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се известуваат пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.