Uncategorized
„Сон за љубовта и смртта“ на Филип Давид на македонски
Неодамна, како четиринаесетти наслов по ред во едицијата с.р. (современ роман / своерачно), за прв пат на македонски јазик Блесок го објави романот на Филип Давид „Сон за љубовта и смртта “,во превод од српски на Катица Гароска Ацевска. Книгата е во претпродажба а акцијата ќе трае до 1. февруари
Сон за љубовта и смртта, новиот роман на Филип Давид, е магична книга, диптих составен од Кус роман за љубовта и Кус роман за умирањето.Кус роман за љубовта зборува за младиот еврејски научник Јаков кого во соништата го маѓепсува една девојка, неговата совршена втора половина, и тој трагајќи по неа низ световите на живите и умрените, минувајќи низ предели на Источна Европа, се дружи со луѓе и сеништа, за на крајот да се соедини со неа во таинствена церемонија на посмртна венчавка.Кус роман за умирањето ја следи чудесната и необичната судбина на аутистот Ерик Вајс роден 31 октомври 1933 кој, затворен во нацистичката установа за проучување паранормални феномени, после војната завршува во лудница за на крајот, во 1993, да заврши на метафоричен и вистински брод на лудаци.Во двата куси романи се огледуваат и се преплетуваат религиското, мистичното, оностраното, филозофското и историското искуство, а фантастичното и реалното проникнуваат на сосема нов начин. Магиската сила на речениците на Давид, во исто време едноставни и натопени со ерудиција, со многу симболика говорат за најголемите прашања: за постоењето на човекот, за љубовта, за смртта. Во романот Сон за љубовта и смртта, Филип Давид на читателот му дава еден од најубавите книжевни подароци во кој на малку страници и без големи зборови создал уште еден антологиски роман.Филип Давид е роден 1940 г. во Крагуевац. Дипломирал на Филолошкиот факултет и на Академијата за театар, филм, радио и ТВ, отсек драматургија. Книжевник, долгогодишен уредник на Драмската програма на Телевизија Белград, сменет 1992 г.Еден од основачите на Независните писатели, здружение формирано во 1989-та во Сараево, во кое членувале најзначајните писатели од сите делови на бивша Југославија, основач на Белградскиот круг (1990 година), здружение на независните интелектуалци, на Форумот на писатели и член на меѓународната книжевна асоцијација „Група 99“, основана на Меѓународниот саем на книгата во Франкфурт. Напишал повеќе телевизиски драми и филмски сценарија.Има објавено три книги раскази: Бунар во темната шума, Записи за вистинитото и невистинитото, Принц на огнот; романите Аџии на небото и на земјата, Сон за љубовта и смртта; книги есеи: Фрагменти од мрачните времиња, Дали сме чудовишта, Светови во хаос. Заедно со Мирко Ковач ја објавил Книга писма 1992-1995.Добитник е на многубројни награди за проза; меѓу другите, наградите „Младост“, „Милан Ракиќ“, БИГЗ-ова награда, наградата на Просвета за најдобра книга, како и Андриќевата награда.Книгите му се преведени на повеќе јазици, а неговите раскази се вклучени во дваесетина антологии. Како драматург, ко-сценарист или сценарист работел на филмовите: Окупација во 26 слики, Падот на Италија, Кој тоа таму пее, Буре барут (награда на критиката во Венеција, награда „Феликс“ за најдобар европски филм на годината), Посебен третман (награда во Кан), Павилјон 6, Сон на зимската ноќ (Гранд при на филмскиот фестивал во Сан Себастијан), Оптимисти (Гранд при во Женева) и други. Работи како редовен професор по драматургија на Факултетот за драмски уметности во Белград.Романот е објавен со поддршка на Програмата за култура (2007 – 2013) на Европската Унија и со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Израелски напад врз училиште во Појасот Газа
Петмина Палестинци загинаа при израелскиот напад врз училиште во квартот Ал Туфа, источно од градот Газа, каде се сместени раселени лица.
Помеѓу загинатите има и деца. При нападот повредени се и повеќе лица кои се хоспитализирани.
Израелската армија соопшти дека неколку осомничени лица се идентификувани надвор од обележаната линија за прекин на огнот и оти отвориле оган врз нив.
Хамас нападот го оцени како „брутално злосторство“ и уште едно кршење на Договорот за прекин на огнот.
Според палестинското Министерство за здравство во Газа, од стапувањето во сила на Договорот за прекин на огнот, убиени се 400 Палестинци.
Uncategorized
Дуа Липа ужива во Бразил и објавува фотографии од плажата и градот
Дуа Липа објави фотографии од Бразил за време на паузите од нејзината „Radical Optimism“ турнеја.
За Инстаграм позираше на плажа, на jet-ski и во градот, носејќи минијатурно виолетово бикини, црн и бел фустан. Фотографите претходно ја снимија и на базен на поткровје во луксузен хотел во Рио де Жанеиро, во црно-жолто бикини.
View this post on Instagram
Uncategorized
Европол разби група платеници ангажирани за киднапирање водач на албанска мрежа за трговија со дрога
Европол вчера поддржа голема операција предводена од Германија, насочена кон група платеници ангажирани од криминална мрежа за киднапирање на водачот на соперничка банда за трговија со дрога.
Агенциите за спроведување на законот од Данска, Франција, Латвија и од Обединетото Кралство учествуваа во операцијата.
Координираната акција се фокусира на латвиски државјани, од кои некои беа активни во Француската легија на странци.
„Овие високообучени лица беа опремени со професионална опрема и дејствуваа во име на организирана криминална група. Ним им беше доверено киднапирањето на водачот на албанската мрежа за трговија со дрога, кој е осомничен за оркестрирање на кражбата на неколку тони канабис во вредност од милиони евра“, се вели во соопштението на Европол.
На денот на акцијата четири лица беа уапсени во Данска, Франција, Латвија и во Обединетото Кралство, а две во Германија.
„Европол одигра клучна улога со олеснување на размената на информации, обезбедување оперативна координација и обезбедување аналитичка поддршка. На денот на акцијата Европол распореди експерти во Ница за да ги олесни размената на информации во реално време и вкрстената проверка на оперативните информации во базите на податоци на Европол обезбедувајќи директни траги до истражителите на терен“, соопшти Европол.
Европол додава дека оваа операција е поврзана со феноменот насилство како услуга, во кој сторителите ги нудат своите услуги за извршување насилни дела во име на други криминални организации. Во овој конкретен случај високообучени експерти се ангажирани од организирани криминални групи за извршување насилни дела. Овој начин на дејствување се открива сè повеќе во разни операции поврзани со сериозен и организиран криминал.
Неколку осомничени во овој случај се поранешни војници на Француската легија на странци. Европол наведува дека ова претставува алармантен тренд што произлегува од војната во Украина.
„Борбено обучените поранешни војници, кои се враќаат од фронтот, би можеле да ги користат своите вештини за организиран криминал претставувајќи потенцијална закана. Како што војната во Украина продолжува и потенцијално се интензивира по нејзиното завршување, Европа би можела да се соочи со зголемен број на овие високообучени лица вклучени во криминални активности“, соопшти Европол.

