Црна хроника
Обвинет во „Монструм“: Никогаш не сум бил на Железарските езера
Никогаш не сум бил на Железарските езера и не сум учествувал во петкратното убиство, изјави Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм“, кој се товари дека е еден од извршителите на петкратното убиство кај Смилковското езеро во април минатата година.
На продолжението од судскиот процес тој ги отфрли наводите во обвинението и рече дека не е точно она што го изјавил заштитениот сведок и еден од обвинетите, Хаки Азири. На кобниот ден бил четири до пет пати на „клањање“ во џамијата во Сингелиќ, бил зафатен со изработка на канализација во неговата куќа, а околу 18:30/19:00 часот бил на работа ноќна смена во интернет-кафе во Сингелиќ. Со ова интернет-кафе работеле неговиот брат Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои моментално се во бегство.
„Покрај Железарските езера сме поминувале кога сме оделе за на гробишта, но никогаш не сум бил на овие езера“, рече Исмаиловиќ. За неговиот брат Африм вели дека не знае каде е и дека не го видел од крајот на април. Ниту тој, ниту, пак, неговиот брат Африм никогаш не биле во Авганистан или друга арапска земја.
Фејзи Азири, кој е обвинет за организација и логистика на петкратното убиство, во детали опиша како го поминал 12-ти април, денот кога се случи убиството. Тој ден, рече дека бил на неговата фарма во Белимбегово, во општина Илинден, каде се видел со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, како и со градоначалникот на оваа општина, Жика Стојановски.
На оваа средба, на градоначалникот Стојановски му ветил дека ќе му даде и едно јагне за Велигденските празници. Остатокот од денот го минал на неговата фарма во близина на општината. Се сретнал со неколку пријатели и во 22:00 часот се вратил дома. Вели дека освен неговите внуци, Хаки Азири и Алил Демири, другите обвинети не ги познава.
Судењето е во тек. Обвинителството, судот и адвокатите му поставуваат прашања на обвинетиот Азири.
Судскиот процес за грозоморното убиство коешто ја потресе целата земја почна на 20-ти декември, а на обвинителната клупа седнаа Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди и Хаки Азири. Судењето се снимаше визуелно и тонски со две камери. На другите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, ќе им се суди во отсуство.
Според обвинението, шестмината обвинети се товарат за тероризам, освен Хаки Азири, кој се товари за помагање.
Обвинетите, како што пишува во обвинението, имале намера со загрозување на животот и телото да создадат чувство на несигурност и страв кај граѓаните, па на свиреп и подмолен начин лишиле од живот пет лица од македонска националност. Во обвинението, освен обвинетите, се споменуваат и други непознати лица кои биле заедно со обвинетите. Како извршители на убиството се товарат Африм и Агим Исмаиловиќ и Алил Демири.
Во убиството коешто се случи на 12-ти април без причина беа убиени матурантите Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефковски. /крај/фф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Петнаесет возачи се лишени од слобода во еден ден поради возење без возачка дозвола
Петнаесет возачи се лишени од слобода вчера поради возење без возачка дозвола, со активна забрана за управување возило и под дејство на алкохол, а од нив двајца малолетници.
Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишиле од слобода четири лица во Гостивар, двајца во Тетово и по еден во Велес, Кичево и Битола затоа што управувале возило без возачка дозвола.
– Малолетник од Битола претходно со возило удрил во пешак и му било одземено возилото, а исто така, во Гостивар е одземен мопед од малолетник кој со него удрил во полициски службеник кој вршел службенои дејствија. Одземени се патничките возила и на другите возачи кои возеле без возачка дозвола, соопшти МВР.
По еден возач во Гостивар и Кавадарци управувале возила иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Од нив, исто така, се одземени патничките возила. По еден возач во Македонска Каменица, гевгелиско, Струмица и Македонски Брод управувале возило под дејство на алкохол. Возачите во гевгелиско и Македонски Брод претходно предизвикале сообраќајни незгоди со материјални штети.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите МВР најавува дека ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај, велат од МВР.
Црна хроника
Малолетник возел без дозвола и удрил во 42-годишник
17-годишен малолетник вчера удрил во 42-годишен пешак, Е.К., додека управувал автомобил „деву тико“ со битолски таблички на улицата Козјак во Битола,
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди и веднаш бил пренесен во Клиничка болница Битола, каде што му била укажана медицинска помош.
СВР Битола извршила увид на местото на несреќата. По проверките било утврдено дека малолетникот управувал возило и покрај тоа што сѐ уште немал возачка дозвола.
Според насоките од јавниот обвинител, 17-годишникот бил приведен, а возилото одземено.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.

