Daily news
Реформи во медиумската сфера за ставање крај на хаосот
Веднаш да се почне со долгоочекуваните реформи во медиумското законодавство за да се стави крај на хаосот и на непрофесионалното новинарство, смета дел од новинарскиот еснаф.
Според Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми, саморегуларното тело иако прима претставки, е неефикасно.Затоа неопходно е да се применат решенија кои веќе успешно се користат во различни европски земји.
„Европската комисија предлага воведување не само на морални туку и на финансиски санкции кон медиумите што ќе ги кршат законите, па затоа предлагаме да се подели системот на регулација на новинарските стандарди и медиумската етика меѓу печатени и онлајн медиуми од една страна и радиодифузни медиуми од друга страна, за што улога би требало да игра и регулаторното тело во областа на радиодифузијата“, вели Георгиевски.
Според Сефер Тахири, политичарите сè уште успеваат да ги стават под своја контрола медиумите кои се финансиски слаби па не можат да ги издржат притисоците. Тахири смета дека регулација е неопходна и за онлајн проталите.
„Да има регистар на онлајн медиуми кој ќе ги евидентира сите медиуми кои функционираат на медиумскиот пазар бидејќи ние се соочуваме со невиден хаос, каде секој може да клевети секого, може да навредува, да употребува говор на омраза и други деструктивни феномени кои се со политички, етнички, религиозни мотиви и на крај никој да не сноси одговорност. Ние сметаме дека слободата на медиумите без одговорност е нејзина злоупотреба“, оценува Тахири.
Од Центарот за развој на медиуми велат дека сите мислења ќе се внесат во документ кој ќе биде доставен до носителите на одлуки, како политичките партии и регулаторните тела за понатамошно дејствување и за конечна регулација на медиумскиот пазар.крај/мф/гд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
