Daily news
Тилерсон: Преземаме одговорност за протекувањето на информациите за нападот во Манчестер
Американската влада презема целосна одговорност за протекувањето на информациите од истрагата на британската полиција за бомбашкиот напад во Манчестер во понеделникот, кога загинаа 22 лица, изјавил американскиот државен секретар Рекс Тилерсон, пренесуваат светските агенции.
Тилерсон во Лондон по средбата со шефот на британската дипломатија, Борис Џонсон, рекол дека сите ширум САД треба да бидат погодени од вестите за нападот на луѓето кои присуствуваа на концертот на американската пејачка Аријана Гранде.
Британската полиција на кратко ја сопре размената на известувачки информации со САД во четвртокот откако приватни детали од истрагата се појавија во повеќе американски медиуми. „Преземаме целосна одговорност за тоа и јасно жалиме за тоа што се случи. Кога се работи за објавувањето на информациите на неадекватен начин, ние го осудуваме тоа“, рекол Тилерсон, пренесува Ројтерс.
Тој рекол дека очекува блиските безбедносни врски помеѓу САД и Велика Британија да го „издржат“ овој случај на протекување информации. Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот се заложи за тоа одговорните за протекувањето на информациите да идат изведени пред лицето на правдата и најави дека ќе побара официјална истрага за случајот./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
