Daily news
Високата закупнина го брка Вардар од „Филип Втори“, ќе гради сопствен стадион
Фудбалскиот клуб Вардар реагира на најновиот ценовник што го постави Јавното претпријатие за станбен и деловен простор (ЈПССДП). На стадионот низа недостатоци, а ние плаќаме огормна сума за закуп на стадионот, велат од клубот.
Вардар пред натпреварот со Зенит на сметката на ЈПССДП мораше да уплати речиси 40.000 евра во согласност со новиот ценовник за да може да го одигра натпреварот од првото коло во Лига Европа.
„Едноставно, доживеавме шок со ценовникот. Јас како спортист мислам дека целта на Градот и на сите институции е да ги помага спортските клубови, а не да ги брка од стадионот. Со еден ваков потег, дефинитивно, се бракаат клубовите, еве денес тоа е Вардар, а утре не знам, можеби тоа ќе бидат Шкендија, Пелистар, Работнички. Со ваков потег се бркаат клубовите. Претпоставувам дека дури ни „Вембли“ не е толку скап за да се закупи за еден натпревар. Која е целта не ми е јасно. Дали го направи само за Вардар или тоа го направи за сите, а мислам дека ќе важи за сите. Во секој случај од нас како спортисти имаат голема критика поради тоа што на ваков начин не се стимулираат и помагаат клубовите. Се надевав дека бргу ќе ја согледаат грешката и ќе го повлечат овој ценовник“, рече спортскиот директор на Вардар, Дарко Панчев.
Сопственикот на Вардар, Сергеј Самсоненко, наведува пример како е во соседството, односно вели дека Црвена звезда и Партизан како закупнина за своите стадиони плаќаат сума од 30.000 евра годишно плус трошиците за струја кога играат натпревари во вечерен термин (околу 500 евра од натпревар). Самсоненко го посочува и примерот со белгискиот град Бриж каде што на клубот Бриж, стадионот, чиј капацитет е 30.000 места, му е даден на користење без надомест, со обврска да го одржува.
Ваквите работи го натераа клубот да започне да размислува за изградба на сопствен стадион.
„Ние сме во преговори за земјиште, за локација, ако некоја информација излезе во јавноста, тоа не е од наша страна, туку од страна на Општината“, рече сопственикот на клубот, Сергеј Самсоненко. н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.