Daily news
Објавени делови од досието на владиката Петар: Тој тврди – ми се одмаздуваат за патриотската песна во Кадино
Делови од досието на македонските тајни служби со кое бил следен пелагониско-преспанскиот владика Петар викендов објавија дел од македонските портали. На нив може да се прочита дека владиката бил заведен под оперативна обработка на службите под псведонимот „расипник“. Владиката Петар бил следен 12 години: во периодот од 1972 до 1989 година. Под оперативен третман на службите бил до 1990 година.
Во објавените документи може да се види дека тој тајно се среќавал со претставници на Срспаката православна црква и на Грчката православна црква и им давал информации за состојбите во МПЦ и од Македонија.
Владиката Петар, во документите, се поврзува со зголемената кражба на икони и вредни црковни предмети, со што како што пишува во досието „врши притисок врз свештенците кои ја покренале иницијативата за разобличување на неговата активност“. Во дел од досието пишува дека владиката имал и „телефонски врски со екстремисти од емиграцијата“.
Владиката Петар за Макфакс, потврди дека го има целото досие со кое бил следен. Вели дека станува збор за досие од околу 500 страници, но дека немало никакви докази за ништо од наведеното во досието. Причината зошто сега на порталите се споделуваат документите, тврди дека е видео-снимката во која тој пее патриотски песни на одбележувањето 115 години од смртта на револуционерот Методија Патчев во прилепското село Кадино.
„Тоа сега се објавува тенденциозно, бидејќи сега имаше прослава во Кадино и таму си имаше пригодни песни што пееја, таму имаше помен, па се пееја и пригодни песни“ – изјави за Макфакс владиката Петар.
Чинот на владиката наиде на незадоволство на социјалните медиуми, кои вирално го споделуваа видеото каде што пее владиката.
Членот на Комисијата за лустрација Чедомир Дамјановски за Макфакс вели дека имало точка на дневен ред да се расправа за лустрација на владиците и верските лидери, но дека таа точка никогаш не дошла на дневен ред.
Комисијата за верификација на фактите од први септември 2015 година година нема мандат за покренување на нови постапки согласно Законот за определување услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.
Васко Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.