Daily news
Без оглас и со авторски договор ангажирани лица во владината пиар-служба
Повеќето нови лица ангажирани во Секторот за комуникации во Владата, според одговорите што ги добивме од Владата, имаат авторски договори. „Макфакс“ доби потврда од Владата дека не е објавен оглас за нивните вработувања бидејќи се ангажирани со авторски договор и за ваков вид вработувања не е потребен оглас.
„Новите вработени се ангажирани со авторски договор за извршување специфични работни задачи. Во согласност со македонските закони, за ваков вид ангажман не е потребен оглас за вработување“, велат од Владата за „Макфакс“.
Според експертите за администрација на кои им се јавивме, постојат неколку можности зошто е решено овие лица да се вработат на овој начин.
Објаснуваат дека оние лица што се ангажирани со авторски договор сè уште не се државни службеници, а според природата на нивната работа, би требало да бидат. Ваквиот статус ги збунува и некои од познавачите со кои разговаравме и не е до крај јасно зошто на таков начин е решено да се вработат во Владата бидејќи со авторски договори не може да се направи континуирано вработување.
Една од можностите е дека на овој начин се вработени поради тоа што некои од нив можеби не можеле да ги исполнат условите за вработување во државнатa администрација или не би биле најдобрите кандидати. Според систематизацијата, постојат прецизни услови за вработување на секое работно место, каде што е наведено кое образование треба да е завршено за кое работно место, но на тој начин треба и да подлежат на низа тестови, како тест за државна администрација или психолошки тестови.
Друга можност е итноста на вработувањата со оглед на комплицираната ситуација при преземањето на власта, со што ова е привремено решение за овие вработени.
Професорката Ана Павловска-Данева, пак, која е раководител на Катедрата по административно право и јавна администрација на Правниот факултет и поранешна пратеничка на СДСМ, вели дека во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор премиерот има право да ангажира еден специјален советник од секоја област и специјалните советници може да бидат од која било област што тој ќе ја избере.
„Тој може да избере по еден од секоја област и како советници да ги ангажира со договор. Во времето кога се носеше тој закон јас бев пратеник и бев против оваа одредба бидејќи мислев дека е преголем просторот за дискрециона одлука на претседателот на Владата да вработува, но тогашното парламентарно мнозинство го изгласа. Сè додека не биде сменет законот, тој има право да го направи тоа“, вели Павловска-Данева.
Според информациите што ги добивме од Владата, вкупниот буџет, вклучувајќи ги и трошоците за нововработените во Секторот за комуникации во Владата и портпаролот, во 2017 година изнесува 6.264.360,00 денари, што е сума за шест месеци, од 1 јули до 31 декември 2017 година.
Во Секторот за односи со јавност во Владата работат и 13 лица од претходната гарнитура за кои трошоците за бруто-платата за цела година изнесуваат 5.606.093.00 денари.
„Макфакс“ претходно објави дека во Владата и министерствата во моментот најмалку 120 луѓе работат односи со јавност (ПР) и комуникации. Платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата ги чинат граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно, покажуваат податоците за 2016. Повеќе детали за првиот дел од сторијата на следниот линк.
Во вториот и третиот дел од истражувањето ги објавивме имињата и биографиите на Секторот за односи со јавност во Владата, каде што најмалку 40 лица се ангажирани да работат односи со јавност и комуникации. 13 лица се таму од претходната гарнитура, а годинава во Владата во Секторот за односи со јавност дополнително биле ангажирани 25 лица, како и 1 портпарол и 1 посебен советник за односи со јавност во Кабинетот на претседателот на Владата.
Кристина Озимец
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.