Контакт

Истражувања

И „Градски пазар“ плаќал, речиси 28 милиони денари потрошени на медиуми во Охрид

Објавено пред

И јавното претпријатие „Градски пазар“ – Охрид одвојувало пари за локалните медиуми истовремено со Општина Охрид и со „Проаква“. Сумите од „Градски пазар“ што се слеале на сметките на медиумите се поскромни во однос на оние од Општината и од „Проаква“, односно во периодот од 2011 до 2017 година претпријатието на медиумите им исплатило 531.368 денари или околу 8,6 илјади евра, дознава „Макфакс“.

dobivaj vesti na viber

Со парите што ги одвојувал и „Пазарот“, сумата што била одвојувана за медиуми во Охрид се искачи речиси на 28 милиони денари или околу 453 илјади евра. Од нив 26 милиони одвоила Општината, а 1,3 милион денари исплатило Јавното претпријатие „Проаква“.

И Општината и јавните претпријатија формирани од Општината одвојувале пари и во периодот на најголемата броба на Здружението на новинарите на Македонија против јавни пари во медиумите за да не се загрозува нивната незавсност.

Во периодот од 2011 до 2017 година „Градски пазар“ на медиумите им исплатил 531.368 денари или околу 8,6 илјади евра

Од „Градски пазар“ – Охрид за „Макфакс“ објаснија дека услугите што ги добиле од медиумите се огласи од типот соопштенија за издавање тезгиња пред почетокот на година за земјоделски производи, гранапчиња, бижутерија, издавање тезгиња за Нова година, издавање тезгиња за 8 Март, организирање велигденски саем, издавање деловен простор и поставување банери. Претпријатието не зачувало копии ниту, пак, линкови од објавите.

„Градски пазар“ во периодот 2011-2017 година најмногу пари префрлил на „Радио Морис“ – 174.800 денари, „Охриднет“ добил 141.568 денари, „ТВМ“ добиле 80.000 денари, „Охридденес“ добиле 54.000 денари, на „Супер Радио“ биле префрлени 30.000 денари, по 6.000 денари им биле префрлени на „Охридњус“, на „Мегастар“ и на „МХ Радио“, и по 10.000 денари од „Пазарот“ добиле „Мадоан“ и „Москито“.

Последните исплати од „Градски пазар“ кон медиумите биле лани кога им биле исплатени 66.210 денари на „Радио Морис“ и 35.000 денари на „Охриднет“. Во 2018 година нема договори за објави во ниту еден медиум според официјалниот одговор што до „Макфакс“ го испрати претпријатието.

Директорката на „Градски пазар“ – Охрид, Кристина Крлеска-Деспотоска, иако најави, не одговори на прашањата од „Макфакс“ за прекинатата соработка со медиумите и за состојбата на Јавното претпријатие.

Средствата одвоени за медиуми од Општина Охрид, од „Проаква“ и од „Градски пазар“

Некои од сопствениците на охридските медиуми велат дека пари добивале и од другите јавни претпријатија и се воделе од изреката – кој те плаќа, тој те има, па додека траела соработката, се воздржувале од критики.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) очекува да се стави крај на јавни пари во медиумите со новиот закон за аудиовизуелни услуги, кој е во процедура.

„Со измените и дополнувањата на Законот за АВМУ, опозицијата и власта се согласни да забранат каква било можност јавните институции да трошат пари во медиумите. За жал, донесувањето на измените е блокирано. Се надеваме дека власта и опозицијата ќе ги надминат разликите и најбргу што може ќе го усвојат законот и со тоа ќе се забрани ваква практика со  јавни пари да се поткупуваат медиумите“, изјави Насер Селмани, претседател на ЗНМ, за „Макфакс“.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Истражувања

(Видео) Нафтениот тајкун и пратеник од ДУИ, Јахоски, му ја продал куќата на Таравари во Тафталиџе, комшии му се министри и бизнисмени

Објавено пред

Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата Љупка-Еда Јахоска.

dobivaj vesti na viber

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари за „Макфакс“, сепак, тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купопродажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено, со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.

Прикажи повеќе...

Истражувања

Разрешена директорка зела плата и го возела службениот автомобил

Објавено пред

Ексдиректорката на Државниот комунален инспекторат, Елизабета Јованчева, и разрешена зела плата, го возела службениот автомобил и потпишувала документи, а нејзините колеги сведочат и дека заминала на обука во Италија за која си зела и дневници. Инспекторатот сега судски бара ексдиректорката да врати 26.832 денари, што ѝ биле префрлени како плата по разрешувањето, а откако ќе ја добие пресудата за платата, ќе поведе постапка и за сите останати трошоци што ги направила во периодот по одлуката на Владата.

dobivaj vesti na viber

„Владата ја разреши Јованчева на 15 мај 2018 година, без образложение, со назнака дека одлуката стапува на сила веднаш, но таа си остана на функцијата до јуни. Место само за 15 дена од мај, таа си потпиша плата за цел месец. Одвреме-навреме доаѓаше и на работа. Кога ја прашавме зошто доаѓа и по одлуката на Владата, таа кажуваше дека чека официјално известување“, велат вработени во Инспекторатот кои сакаа да останат анонимни.

Инспекторатот бил без директор до август 2018 година кога Владата го назначила Зоран Маџовски за в.д. директор, но по само две недели го разрешила и него и за в.д. директор е назначен Сали Ајдини, кој сè уште е на функцијата. Со негов потпис, Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата. Со истиот допис ја известиле ексдиректорката дека ако не ги врати парите, ќе почнат судска постапка.

Јованчева им одговорила дека барањето им е неосновано, па Инспекторатот побарал милење од Државното правобранителство. Правобранителството го прифатило барањето и го известило Инспекторатот дека случајот е испратен за постапување до Државното правобранителство во Штип, надлежно да постапува доколку е потребно да биде поведена судска постапка.

„Правобранителството нè извести дека подготвително рочиште за предметот е закажано за во март годинава. Нашиот став е дека поранешната директорка треба да ги врати парите за половина месец оти одлуката на Влада за нејзино разрешување стапи на сила веднаш и таа беше одјавена од социјално осигурување“, изјави директорот Ајдини за „Макфакс“.

Државниот комунален инспекторат во октомври лани побарал од Јованчева да ги врати парите што ги добила како вишок средства со платата

„Макфакс“ ја контактираше ексдиректорката Јованчева, но таа не сакаше да зборува за случајот.

Владата, која ја назначи и ја разреши Јованчева, не одговори на прашањата кое е образложението за нејзиното разрешување и зошто постојано дозволуваат Инспекторатот да е без директор.

„Во однос на кадровските прашања во Владата на Република Македонија, има комисија за кадровски прашања, која за секое лице поединечно ги проверува содржините на поднесената документација за да се провери дали ги исполнуваат условите за именување и соодветно на фактите, со потврдата за исполнување на условите за именување, Владата ги именува истите“, е коментарот на Владата како одговор на прашањата за смената на Јованчева.

Владата ја назначи за директорка Јованчева на 26 јануари 2018 година откако Инспекторатот беше три месеци без директор, оти дотогашниот стана градоначалник, а вработените беа без плата. Една од првите обврски на Јованчева беше потпишувањето на платата.

 

Прикажи повеќе...

Истражувања

(Видео) „Лимак“ и Градот ги изиграа скопјани, се гради хотел место прво да се изгради подземната сообраќајница

Објавено пред

Место прво да ја изгради подземната сообраќајница па потоа да ги гради содржините над земја, турската компанија „Лимак“ кај Стара железничка прво гради хотел. Зад „Рамстор“ веќе се гледа објект од приземје и четири ката, а во исто време на трасата на подземната сообраќајница видливи се само подготовки за градење. Овој проект е уште еден во низата проекти што имаат поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ. Во време на ВМРО-ДПМНЕ во 2012 година беше продадено државното земјиште, но се молчеше иако со години не се градеше, а властите од СДСМ, пак, лани наплатија комуналии за сите предвидени објекти и издадоа одобренија за градење и покрај мораториумот за градење во Центар.

dobivaj vesti na viber

Сега властите молчат за редоследот на градење. Обврската прво да ја изградат подземната сообраќајница на Турците им ја наметна поранешниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски, веднаш по продажбата на земјиштето во 2012 година. Трајановски ги уверуваше скопјани дека Град Скопје склучил договор со Турците кој нема да дозволи тие да си ги изградат комерцијалните содржини над земја и да ја баталат подземната сообраќајница бидејќи се обврзале прво да ја изградат сообраќајницата, а дури потоа да почнат да ги градат другите содржини. Изградбата се одолговлекуваше со години, а кога веќе почнаа да градат минатата година, Турците покажаа дека приоритетен им е хотелот, спротивно на уверувањата на поранешниот градоначалник.

Иако објектот зад „Рамстор“ секојдневно расте, и од Град Скопје и од „Лимак“ велат дека не е прекршен договорот за изградба на подземната сообраќајница.

Од Градот тврдат дека е на сила договорот што го потпишал поранешниот градоначалник, но го сокрија кога „Макфакс“ со барање за пристап до информации од јавен карактер побара копија. Не одговорија на барањето и по истекот на законскиот рок од еден месец.

„Градот Скопје го нема променето договорот склучен помеѓу Град Скопје и ‘Лимак’ од 12.03.2012 година“, кусо одговорија од Градот на прашањето кога го смениле договорот што го обврзува „Лимак“ прво да ја изгради подземната сообраќајница, а потоа да ги гради останатите содржини со оглед на сегашната состојба на градилиштето зад „Рамстор“.

Од „Лимак“ избегнаа да одговорат директно на прашањето зошто не ја изградија подземната сообраќајница пред да почнат да ги градат другите содржини. Велат дека и покрај одолговлекувањето, ќе ги исполнат обврските од договорот потпишан во 2012 година.

„Според распоредот за изградба на ‘Лимак’, подземната сообраќајница ќе биде прва точка од проектот на ‘Лимак’, кој ќе се гради на парцелата 1.1. ‘Лимак’ прво ќе ја гради подземната сообраќајница на секвенци на парцелата 1.1 и ќе работи нагоре за да ги комплетира паркинзите, а дури потоа ќе почне со активности за изградба на станбените објекти и трговскиот центар кои е предвидено да се наоѓаат на ова место. Според инженерите, ова е сосема изводлив проект. Планирано и буџетирано е дека ‘Лимак’ ќе инвестира до 250 милиони евра за да го заврши овој проект“, изјавија од „Лимак“ за „Макфакс“.

Од компанијата се правдаат дека почнале да го градат хотелот зад „Рамстор“ оти заедно со локацијата го презеле и одобрението за градење што претходниот инвеститор го добил во 2008 година. Морале да почнат да градат оти биле обврзани во рок од десет години од издавањето на одобрението градбата да заврши. Поради истечениот рок за завршување на градбата „Лимак“ плаќа казна од два милиона денари месечно.

Официјално изградбата на комплексот кај Јужен булевар Турците ја почнаа лани во септември и најавија дека подземната сообраќајница ќе биде готова за 20 месеци, односно до средната на 2020 година. Ќе се гради прво потпорен ѕид од 17.000 квадратни метри околу сите парцели опфатени со проектот.

„Лимак“ на просторот кај Стара железничка станица покрај подземната сообраќајница најави изградба на мултифункционален комплекс со четири дваесеткатници, трговски центар, простор за рекреација, угостителски објекти и паркинг. Земјиштето со вкупна површина од 41.824 квадратни метри во 2012 година го купи за 3,7 милиони евра. Лани за комуналии на Град Скопје се обврза да му исплати 6,5 милиони евра на рати, а за 20 отсто помала сума треба да исплати на име комуналии и во Општина Центар.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет2 часа

Иранскиот претседател: Одмаздата е наше легитимно право по убиството на Хамнеи

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во ново соопштение порача дека одмаздата по убиството на врховниот лидер е легитимно право и должност...

Македонија4 часа

МНР и НТ формира кризен штаб, се повеќе македонски граѓани бараат помош по нападите на Блискиот Исток

Со оглед на влошената безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, вчера во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија...

Свет6 часа

Откриени детали за тоа како е убиен врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи

Израел и САД го темпираа нападот врз Иран за сабота, за да се совпадне со самитот меѓу ајатолахот Али Хамнеи...

Свет7 часа

Гори Блискиот Исток, експлозии и денеска се слушаат во арапските држави во Заливот

Експлозии денеска повторно се слушнаа во арапските држави во Заливот, по убиството на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, во...

Свет12 часа

Техеран ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи и објави 40 дена жалост

Иранскиот државен радиодифузер ја потврди смртта на врховниот лидер Али Хамнеи, неколку часа откако САД и Израел соопштија дека тој...

Свет15 часа

(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи

Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али...

Свет16 часа

(Видео) Ирански дрон го погоди и хотелот Бурџ ал Араб во Дубаи

Иран вечерва започна трет бран одмазднички напади. Покрај аеродромот, во Дубаи беше погоден и Бурџ Ал Араб. BREAKING: Iranian drone...

Свет16 часа

Трамп: Ајатолахот е мртов

Иран очигледно потврди дека ајатолахот е мртов. На неговиот профил на социјалните мрежи е објавена порака: „Во возвишеното име на...

Свет17 часа

(Видео) Погоден аеродромот во Дубаи, евакуацијата е во тек

Иран вечерва започна трет бран одмазднички напади. BREAKING: Iranian drone strike hits Dubai International Airport. Evacuations are underway at the...

Свет17 часа

(Видео) Американците објавија снимки од операцијата „Епски гнев“: „За прв пат употребивме ново оружје“

Централната команда на САД (CENTCOM) објави дека нема извештаи за американски жртви или повредени по нападот во Иран и дека...

Свет17 часа

Иран ги демантира извештаите за смртта на ајатолахот

Ирански извори остро негираа дека ајатолахот Али Хамнеи е убиен. „Можам да ве уверам дека лидерот на револуцијата е стабилен...

Македонија18 часа

Претседателката за утре го свика Советот за безбедност

По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за...

Свет18 часа

(Видео) Нетанјаху: Постојат многу знаци дека ајатолахот е мртов

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им се обрати на иранскиот народ, велејќи им дека имаат „можност што се јавува еднаш во...

Свет18 часа

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи, е мртов, тврдат Израелците

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Хамнеи, е мртов и неговото тело е пронајдено, изјави за Ројтерс висок израелски функционер. We...

Свет21 час

(Видео) Погоден е аеродромот во Кувајт, гори хотел во Дубаи

САД и Израел го нападнаа Иран утрово. Најмалку три експлозии се слушнаа во Техеран, главниот град на Иран, а беа...

Македонија23 часа

Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани

Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за...

Свет23 часа

ОН свикаа итна седница на Советот за безбедност по нападите врз Иран

Советот за безбедност на ОН свика итна седница по американските и израелските напади врз Иран и одмаздничките напади од страна...

Свет1 ден

Четири американски воени бази на Блискиот Исток нападнати од Иран

Иранската војска вели дека започнала напади врз четири американски воени локалитети во Катар, Бахреин, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати како...

Свет1 ден

Се откажуваат летови до Израел и други земји од Блискиот Исток

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ ги суспендира летовите до и од Тел Авив, Бејрут и Оман до 7 март, откако САД и...

Македонија1 ден

Македонските државјани кои се наоѓаат во Израел да побараат помош, воздушниот сообраќај е затворен за цивилни летови

Во врска со последните информации за влошената безбедносна состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до...