Македонија
Заврши протестот за „Монструм“, демонстрантите не успеаја да стигнат до судовите
Мала група луѓе остана да протестира кај надземниот пешачки премин на Бит-пазар. Најголем дел од демонстрантите се разотидоа откако полицијата ги потисна и беа принудени да се вратат до Бит-пазар.
Иако се во значително намален број, полицијата сè уште ги чува демонстрантите, во полн состав.
Неколку пати попладнево демонстрантите се обидоа да го пробијат полицискиот кордон. Фрлаа шишиња, запалки, столови кон полиција, а дел од нив, маскирани со фантомки со цело тело се фрлаа во полициските штитови, но полицијата не им дозволи да се доближат до судовите.
Меѓу демонстрантите имаше и такви кои постојано се обидуваа да ги смират најагресивните. Им објаснуваа да не фрлаат сешто по полицијата оти тие не се виновни, но сè до повлекувањето кон Бит-пазар имаше поединци со фантомки кои се издвојуваа, ја пцуеја полицијата и фрлаа сè што ќе дофатат кон нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нов состав на Собранието ќе биде избран во следните 20 дена, инаугурацијата на Силјановска-Давкова најдоцна викендов
По завршувањето на парламентарните избори, следен чекор е мандатот на новиот собраниски состав да биде верификуван од ДИК.
Во согласност со Уставот, новоизбраното Собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори, а ќе ја свика претседателот на Собранието од претходниот состав.
Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.
Мандатот на пратениците во Собранието се избираат за време од четири години, и пратеникот не може да врши други јавни функции или професии. Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.
Во однос на претседателските избори, најдоцна на 12 мај треба да биде свикана собраниска седница за инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска Давкова. На 12 мај истекува мандатот на Стево Пендаровски.
Доколку инаугурацијата на Силјановска се случи на 12 мај, таа ќе треба да го додели мандатот за новиот состав на Владата.
Пред преземањето на должноста, претседателот дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите.
Македонија
Силјановска-Давкова го победи Пендаровски со разлика од 308.632 гласа, разликата што тој ја направи во 2019 година беше 58.210 гласа
Според последните податоци од Државната изборна комисија (ДИК), во вториот круг од седмите претседателски избори во земјата Гордана Силјановска-Давкова освои 308.632 гласа повеќе од противкандидатот Стево Пендаровски. Од обработени 99,09 отсто од избирачките места i 99.82 отсто обработени избирачи, за неа гласале 560.173 граѓани, а Пендаровски доби 251.541 глас.
Со поголема разлика во гласовите за претседател беше избран само Киро Глигоров во 1994 година. Тој имаше 517.978 гласа повеќе од противкандидатот Љубиша Георгиевски. Беше избран во првиот круг со освоени 715.087 гласа, а Георгиевски освои 197.109 гласа.
На претседателските избори во 2019 година, кога Пендаровски и Силјановска-Давкова првпат се соочија и влегоа во вториот круг, Пендаровски победи со историски најмала разлика во гласовите од сите досегашни претседателски избори. Доби 58.210 гласа повеќе од Силјановска-Давкова, односно тој во вториот круг освои 435.656 гласа, а Силјановска-Давкова имаше 377.446 гласа.
Во 2014 година Ѓорге Иванов вториот мандат во вториот круг го доби со разлика од 136.834 гласа. Тој освои 534.910 гласа, а Пендаровски, кој тогаш првпат се кандидира за претседател, доби 398.076 гласа.
Со разлика од 188.788 гласа Ѓорге Иванов го доби првиот претседателски мандат во 2009 година. Тој освои 453.616 гласа, а Љубомир Фрчковски 264.828 гласа.
221.138 гласа беше разликата со која Бранко Црвенковски го победи Сашко Кедев на изборите во 2004 година. Тој освои 550.317, а Кедев 329.179 гласа.
Борис Трајковски во 1999 година го победи Тито Петковски со 69.194 гласа разлика. За Трајковски имаше 582.808, а Петковски доби 513.614 гласа.
Скопје
Нов паркинг на улица “Козјак” во Кисела Вода
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид на улицата “Козјак”, каде на 400 квадратни метри се обезбедуваат нови 25 паркинг места. Со ова, бројот на новоизградени паркинг места за овие две и пол години се искачува на околу 1400.
-Продолжуваме да работиме со силно темпо грижејќи се нашите жители да имаат што подобри услови во секој сегмент од нивните животи. Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг места со кои се соочувавме со години наназад е поставен високо во моите приоритети, а дека е така говори тоа што, иако во мојата програма имав ветено 1000 нови паркинг места, веќе ја достигнавме бројката од 1400 и тоа само за две и пол години. Новиот паркинг на улицата “Козјак” во населбата Кисела Вода нуди можност за уште 25 паркинг места.
Просторот се протега на околу 400 квадратни метри, поплочен е со павер елементи и секако ќе придонесе во безбедноста и удобноста на сообраќајот во мирување. Секако, вакви градежни активности во периодот што следи ќе имаме и во сите останати месни и урбани заедници, на што веќе интензивно работиме, истакна Ѓорѓиевски.