Македонија
(Видео) ДКСК ќе проверува корупција кај пет судии, меѓу кои Вангеловски, Лаличиќ и Панчевски
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, поранешната членка на Судскиот совет, Александра Зафировска, судијката Сафија Лаличиќ, Светлана Костова од Вишиот управен суд и поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, се под лупа на антикорупциската комисија. Комисијата ќе утврдува дали постои злоупотреба и коруптивни дејства кои евентуално ги сториле судиите преку проверка на нивните анкетни листови за имотната состојба и доставените изјави за интереси.
Ова доаѓа кога беше објавен извештајот на Стејт департментот на САД за човековите права за 2018 година, каде што, меѓу другото, беше посочен специјалниот извештај на СЈО за судиите што дозволиле политиката директно да се вмеша во судството.
Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Софка Пејовска, на денешната седница изјави дека тие не може директно да се преземат чекори за подобрување на судскиот систем, но може да придонесат во рамките на нивните надлежности.
„Тоа е можноста да ја испитаме имотната состојба на луѓето од правосудниот систем, кои долго време се спомнуваат како дел од нешто што е критикувано. Верувам дека доколку нешто откриеме, ќе бидеме дел од мозаикот за подобро судство“, рече таа.
Инаку, во извештајот на Стејт департментот се цитираа делови од извештајот на СЈО за посочените судии.
„На 14 септември канцеларијата на специјалниот обвинител поднесе посебен извештај за судиите од незаконските прислушувања во 2008-2015 година, а се посочува и извештајот за електронската распределба на предмети според АКМИС-системот додека со Кривичниот суд раководеше судијата Владимир Панчевски. Во извештајот е наведено дека помеѓу 2011 и 2015 година четворица судии биле инволвирани во флагрантно кршење на интегритетот, независноста, стручноста и злоупотребите“.
Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, според извештајот, споделувал клучни информации за активни случаи со политичарите и функционерите за судењето.
„Поранешната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска, се консултирала со високи владини претставници за избор на политички лојални или подобни судии дека кривичната судијка Софија Лаличиќ ги следела наредбите на УБК и сериозно го прекршила етичкиот кодекс на судиите, а управната судијка Светлана Костова истовремено работела и како судија и била вработена во УБК“, пишува во извештајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Сајкоски: Да донесеме уште поголема победа на 8 мај за просперитетна влада на ВМРО-ДПМНЕ
„Денес продолжуваме со активностите тука во Охрид, вчера поминавме прекрасни митинзи со огромна поддршка од граѓаните. Останаа уште неколку денови“, рече Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5 и ги повика сите да се приклучат и да донесат уште поголема победа во вториот круг.
„Сакам да ја изразам мојата благодарност и горд сум на тоа што го направивме во првиот круг, што ја дадовте вашата огромна поддршка за нашиот кандидат за претседател Гордана Силјановска Давкова.
Сакам да ве повикам и во вториот круг референдумски да излеземе за да можеме да ја реализираме Платформа 1198, за да може да реализираме многу проекти за регионов и нашава држава, да донесеме подобар економски развој и раст, да донесеме подобро образование и здравство, да донесеме подобар живот за сите. Затоа на 8 мај излезете сите да се активираме да кажеме НЕ за ова што се случуваше досега и да дадеме шанса за просперитетна влада која ќе ја носи Македонија напред“, изјави Ѓорѓија Сајкоски, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборна единица 5.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.