Македонија
Османи: Преку дебатите да разграничиме каде почнува партискиот, а каде завршува интересот на државата
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе иницира широка дебата за уставните измени за кои смета дека не треба да се губи многу време да бидат комплетирани. Државата, според него, не смее да си дозволи да го дочека ноември без изменет Устав.
„Мојот страв, ако ноември нè фати без завршени уставни измени, е дека ќе прекинат преговорите, ќе го изгубиме моментот, а губењето на моментот е една од најлошите работи што може да ви се случи на европскиот пат и се плашам дека, се надевам дека нема да се злоупотреби, ќе влеземе во некое си црногорско сценарио, кое е многу тешко потоа да се врати со сите импликации внатре и надвор врз имиџот на државата“, вели министерот Османи.
Сите досегашни консултации во однос на измените, Османи вели дека биле неформални и токму затоа ги нарекол „консултации низ ходници“, па затоа време е да се почне со формален сет консултации преку јавни дебати.
„Сметам дека е важно да направиме разграничување меѓу суштината на проблемот, а тоа е дали уставните измени се проблематични, како и партиско политичкиот интерес за уставните измени. Засега тие се измешани и не може да се прави разграничување каде е интересот на државата, а каде е партискиот интерес и тоа ги буни луѓето. Тие не знаат дали ставот на некој политичар е поради тоа што сака избори и сака да биде на власт или заради тоа што уставните измени се ризични и за државата и за народот. Луѓето што не се експерти се збунети. Важно е да направиме разграничување каде почнува партискиот интерес, а каде завршува интересот на државата. Таа јавна дебата ќе го кристализира тој аспект“, објасни Османи.
Тој е убеден дека дебатите ќе покажат оти уставните измени не се спорни ниту, пак, се закана за државата по ниту еден услов, туку дека ќе ја направат државата посилна и со подобар имиџ во светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.
Скопје
Без струја делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај
ЕВН Македонија АД известуваат дека без електрична енергија денеска ќе останат делови од општините Петровец, Ѓорче Петвов и Сарај.
– во периодот од 08.30 до 14.30 часот, корисниците од с. Кожле, Тунел Катланово, с.Бадар (општина Петровец)
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од дел од ул. 52 кон обиколница во Стопански Двор ( општина Ѓорче Петвов )
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, дел од корисниците во Сарај кај општината (општина Сарај)
Македонија
Сајкоски: Вчера докажавме дека Македонија не толерира некој да ја тероризира– граѓаните во нас препознаа луѓе кои ќе донесат правда во државата
„Вчера докажавме дека само заеднички, единствени како никогаш досега можеме да успееме. Можеме да успееме заеднички и да прегазиме секој противник, секој оној којшто прави штета на нашата држава и затоа ќе го снајде она што го снајде овој наш противник вчера. Ќе го снајде истото и на 8 мај. Голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Mакедонија“, голема победа на македонските граѓани и македонскиот народ. Почитувани кичевчани вие го покажавте револуционерниот дух. Тој никогаш не згаснал во вас. Покажавме дека можеме и дека ќе направиме се, дека имаме храброст, дека имаме елан да се спротивставиме и дека ние сме победнички расположени. Победнички за да ја донесеме Македонија онаму каде што и е местото Им дадовме јасно до знаење дека Кичевчани не толерираат повеќе изживување врз нив. Дека Македонија не толерира повеќе некој да ја тероризира! Ние не толерираме да лажат и крадат. Ние таквите ги казнуваме“, истакна на вечерашниот митинг во Кичево носителот на листата на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Ѓорѓија Сајкоски.
Тој исто така повика на уште помасовна излезност на 8 мај за да се донесе историска победа за Македонија.
„Сакам исто така да ве повикам на 8 мај да излеземе во што поголем број и да донесеме историска победа на Македонија. Да донесеме историска победа за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, потенцираше Сајкоски.
Тој истакна и дека оваа е историска победа бидејќи граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ препознаа луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија.
„Ние почитувани испишуваме историја. Испишуваме историја затоа што првпат од позиција на опозиција води некој политички субјект во Македонија со 180 илјади гласови. Испишуваме историја затоа што во нас препознаа македонските граѓани луѓе коишто се чесни, коишто се трудољубиви и луѓе коишто можат да ја донесат правдата во Македонија“.
Тој упати порака и до оние кои не излегоа на гласање дека ако сакаат да живеат во подобра Македонија треба да се придружат во големата победа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако сме согласни дека треба да имаме подобро здравство, подобро образование, дека инфраструктурата во ИЕ 5 е катастрофална и дека треба да направиме комплетно нова, придружете се. Придружете се во голема победа за Македонија. Придружете се и само така, само единствени може да победиме и може да донесеме влада којашто никој не може да ја уценува и може да донесеме премиер што испорачува. Да испорача да имаме одлична инфраструктура, да бидеме први во регионот наместо последни и да направиме економски бум“, истакна Сајкоски и додаде:
„Поканете го секој, разговарајте со секој затоа што ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ се политички субјекти којшто мислат добро за сите во Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата го заслужува вашиот глас, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ беше и остана браник на македонската државност“.