Македонија
Османи: Унгарија има директен интерес од европските перспективи на Северна Македонија
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, во рамките на работната посета на Република Унгарија, се сретна со министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
„Како непосреден сосед на Западен Балкан, Република Унгарија има директен интерес од европските перспективи на регионот создавајќи стабилно опкружување и во поширокиот дел на источна и југоисточна Европа како основа за остварување долгорочна безбедност и стабилност на целиот континент“, истакна Османи на средбата посочувајќи на почетокот на преговорите со ЕУ како суштински елемент не само за европските перспективи на Република Северна Македонија, туку како јасен сигнал за европските перспективи на сите земји од Западен Балкан кои ќе покажат соодветен напредок во согласност со европските препораки.
„Исклучително ја цениме досегашната поддршка од страна на Република Унгарија не само во рамките на европските интеграции на земјава туку и воопшто, за севкупниот развој, и во политичка и во економска смисла“, истакна Османи упатувајќи благодарност до министерот Сијарто за поддршката од страна на Унгарија за време на кризата со поплавите во земјата, како и активното учество во рамките на заедничките погранични патроли на јужната граница.
На средбата беа отворени и другите теми што ги поврзуваат двете земји, при што беше констатирана успешната и пријателска соработка за која соговорниците изразија надеж дека ќе се задржи и унапреди во периодот што претстои.
Во рамките на работната посета на Унгарија, Османи претходно оствари средба и со Саболч Такач, државен министер за европски работи при канцеларијата на премиерот и претставник на Република Унгарија во Европската Унија, каде што централна тема беше поддршката на Унгарија во пресрет на претстојните самити на Европската Унија.
По Унгарија, Османи продолжува со работна посета на Хрватска на средба со министерката за надворешни и европски прашања, Марија Пејчиновиќ-Буриќ, а ќе се сретне и со претседателот на Комисијата за европски прашања во хрватското собрание, Домагој Иван Милошевиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.