Македонија
Пендаровски во Париз по повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Ацо Шопов
Претседателот Стево Пендаровски од денеска престојува во работна посета на Франција по повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов.
Претседателот Пендаровски, утре, во седиштето на УНЕСКО во Париз, ќе се обрати на отворањето на меѓународниот симпозиум во чест на Ацо Шопов, настан во рамките на одбележувањето на „2023 – година во чест на Ацо Шопов“, што се реализира под покровителство на македонскиот претседател. Исто така, претседателот Пендаровски ќе присуствува на поетски перформанс и изложба во чест на Шопов.
Предвидено е претседателот Пендаровски да се сретне со генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле.
Пендаровски, денеска, во Париз, ќе го посети Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации – ИНАЛКО, каде што ќе се сретне со директорот на институтот, Жан Франсоа-Хуше, како и со Фроса Пејоска-Бушеро, шеф на Катедрата за македонски студии при ИНАЛКО, и со Ѓоко Здравески, лектор по македонски јазик на Институтот.
Претседателот Стево Пендаровски е покровител на чествувањето на 100-годишнината од раѓањето на македонскиот поет Ацо Шопов, што се одбележува со низа настани во текот на 2023 година.
Чествувањето на големиот јубилеј е во соработка со Организацијата за образование, наука и култура на ОН – УНЕСКО, која на иницијатива на Македонија го поддржа и се вклучи во одбележувањето на јубилејот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.
Македонија
СДСМ: Ја слушнавме пораката од граѓаните и ја прифаќаме, ќе продолжиме да се бориме
„СДСМ ја слушна пораката од граѓаните и ја прифаќа. Ние ќе продолжиме да се бориме за секој граѓанин, за прогресивна и европска иднина на Македонија. Резултатот на изборите на 8 мај сè уште не е одлучен“, велат од СДСМ.
„Со десничарите може да се соочиме со мрачни сценарија од минатото, кои ќе стават крај на европските перспективи и кои водат во нова долга изолација и нови поделби во општеството.
Веќе се гледа дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ играат опасна игра со мултиетничкото ткиво на нашето општество. Тензиите што се сега се прават меѓу Македонците и Албанците може да нè вратат назад во грдото минато.
Затоа е исклучително важно граѓаните да излезат и да гласаат на 8 мај, за напредна држава, држава во која ќе имаме подобар животен стандард. Нема откажување од иднината!“, соопшти СДСМ.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.