Македонија
Топката за амнестија на организаторите на 27 април пак во Апелација
Јавниот обвинител Трајче Пеливанов даде мислење дека амнестијата не ги опфаќа спикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски во предметот „27 април“. И токму вакво решение донесе судијата Илија Трпков, кој на обвинетите ќе им даде право на жалба по оваа одлука до Апелација. Пеливанов мислењето не го образложи. Истото го дава откако Апелација реши да ја укине претходно донесената пресуда поради правилна примена на Законот за амнестија.
„Напатствијата на Апелација се дека треба убаво да се разгледа и да се произнесе судот во однос на Законот за амнестија. Тоа да го образложи со причини и основи. Мислењето од јавното обвинителство кажува дека не можат да се однесуваат одредени одредби од Законот за амнестија, без никакво образложение зошто смета дека тоа е така“, рече адвокатот Еленко Миланов, бранител на дел од обвинетите.
Ова беше еден од основите за укинување на претходната пресуда донесена од Кривичен, а со која сите обвинети беа осудени на затворски казни. Апелација беше децидна дека не се одговорени суштинските забелешки на одбраната за непримена на Законот за амнестија.
„Поради ваквото постапување на судот, останале без одговор суштинските забелешки на одбраната која приговорила на непримена на Законот за амнестија, а воедно одбраната останала без одговор на клучното прашање дали против обвинетите како организатори на настаните од 27 април според обвинението, можела да се води кривична постапка за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од КЗ, или пак, поведената постапка требало да се запре и случајот да се смета за res judicata, или согласно фазата во која се наоѓала постапката, да се донесе одбивателна пресуда, врз основа на одредбата од чл.402 ст.6 од ЗКП, на што се укажува во жалбите на обвинетите и се нагласува дека амнестијата, односно дадената аболиција се однесува и на лица против кои во време на донесување на законот (18 декември 2018 година) не била поведена кривична постапка, како обвинетите во овој кривичен предмет, на кои согласно чл.4 од Законот за амнестија треба да се применат истите одредби од ЗКП, како во ставот 2 од членот 1 од Законот за амнестија“, констатираше Апелација.
Амнестијата беше карактеризирана како селектива, откако со неа беа опфатени пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов и Јохан Тарчуловски, како и социјалистот Љупчо Димовски, а не важеше за други 16 обвинети кои беа осудени на затворски казни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алпинистот Здравко Дејановиќ имал здравствени проблеми при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите
Македонскиот алпинист Здравко Дејановиќ кој при искачувањето на врвот Лотце на Хималаите имал проблеми од здравствена природа, е надвор од животна опасност, објави на Фејсбук Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).
„Во врска со искачувањето на врвот Лотце од страна на Здравко Дејановиќ, ве известуваме дека на барање на неговото семејство, досега не излеговме со официјални информации. Воедно, ве информираме дека во текот на искачувањето се појавиле проблеми од здравствена природа, и дека, во моментов Здравко е надвор од животна опасност. Одржуваме контакт со неговото семејство и во периодот кој следи ќе има повеќе информации директно од Здравко или од нас. Замолуваме за етика и воздржаност од споделување на непотврдени информации. Ви благодариме однапред на разбирањето“, се вели во објавата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Вчера се појавија неофицијални ФБ објави дека Дејановиќ при искачувањето на Лотце, четврти највисок врв на Хималаите, се здобил со измрзнатини на рацете и со хеликотер бил пренесен во тамошна болница.
Македонија
Силјановска-Давкова телефонски разговарала со Зеленски: украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство
Претседателката Гордана Сиљановска Давковa денеска оствари телефонски разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
„Во разговорот со украинскиот претседател Зеленски, Сиљановска Давкова ја нагласи нашата цврста и недвосмислена поддршка кон Украина во однос на неиспровоцираната и неоправдана руска воена агресија. Осврнувајќи се на меѓународното право, принципите на Повелбата на ОН и Статутот на Советот на Европа, претседателката рече дека украинскиот народ може и во иднина да смета на македонското сојузништво и пријателство во справувањето со историскиот предизвик со трајни и несогледливи последици.
Двајцата соговорници разменија мислење и за претстојниот Самит чиј домаќин ќе биде Швајцарија, а со цел да создаде рамка поволна за сеопфатен и траен мир во Украина“, соопштија од нејзиниот кабинет.
Претседателот Зеленски во текот на разговорот ја поканил претседателката да ја посети Украина, за што тие, како што е појаснето, дополнително ќе се консултираат на Самитот во Швајцарија.
За време на разговорот биле нагласени одличните билатерални односи меѓу двете земји, карактеризирани со идентични вредности, меѓусебна почит и разбирање, силно потврдени со континуираната соработка во сите области од заеднички интерес.
Сиљановска Давкова и Зеленски ја реафирмирале посветеноста од натамошна заемна поддршка во меѓународната дипломатија, во насока на исполнување на европската аспирација на двете држави.
Телефонскиот разговор со Зеленски, Сиљановска Давковa го оствари од Рим, за време на нејзината посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.
Македонија
Таравари уште размислува дали ќе биде министер за здравство: „Можноста не е исклучена, но не е дефинитивна“
Арбен Таравари, еден од партнерите на коалицијата „Влен“, а кој моментно е градоначалник на општина Гостивар, сѐ уште не одлучил дали ќе биде во идната влада како министер.
Тој потврди дека некои од пишувањата на некои медиуми за поделбата на владините ресори и службените места се точни. Според Таравари, конечниот договор меѓу идните владини партнери, „Влен“ и ВМРО-ДПМНЕ, најверојатно, ќе биде објавен денеска или утре, стои во напишаниот допис.
„Алијансата ќе има двајца министри, вицепремиер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменик-министри, како и двајца државни секретари, и тоа заменик-министер за одбрана и заменик-министер за земјоделство. Државен секретар за здравство и уште еден на кој сега не ми текнува“, изјави Таравари.
Таравари вели дека сѐ уште не се дефинирани имињата на кадрите што ќе бидат назначени на овие позиции.
Запрашан дали ќе биде следниот министер за здравство, тој рече дека не одлучил и сѐ уште размислува дали ќе ја прифати оваа функција. „Не е исклучена можноста, но не е дефинитивна“.
Таравари ги коментира и резултатите од прегласувањето и истакна дека тие воделе на 8 мај и сега, како што рече тој, се во голема предност.
„ДУИ може да ги обжали резултатите, но резултатите се такви. Тоа беше очекувано и сега бранот промени не може да се запре, па ДУИ мора да го прифати резултатот. Граѓаните сега се ослободени, гласаат малку послободно од порано и посакувам ДУИ да ја прифати оваа реалност. Сега ‘Влен’ има еден пратеник повеќе, ДУИ еден помалку“, изјави Таравари.