Македонија
Затворени 24 сендвичарници и бурекџилници низ Македонија
За два дена се затворени 24 сендвичарници и бурекџилници на целата територија на Македонија, поради неприменување на добрата хигиенска пракса, односно лоши хигиенски навики на оние кои што ракуваат со храна, информираше денеска министерот за здравство Бујар Османи.
За два дена се затворени 24 сендвичари и бурекџилници на целата територија на Македонија, поради неприменување на добрата хигиенска пракса, односно лоши хигиенски навики на оние кои што ракуваат со храна, информираше денеска министерот за здравство Бујар Османи.
Тој додаде дека биле исконтролирани 50 помали угостителски објекти, а кај 50 отсто од нив било констатирано неисполнување на неопходните и минималните стандарди кои што треба да ја осигураат безбедноста на храната.
„Ретки се оние објекти каде што инспекцијата немала ниту една забелешка. Од ова може да се заклучи дека и покрај напорите на Министерството за здравство, на Владата и на останатите надлежни инспекциски служби за подигање на свесноста за имплементирање на сите мерки кои што гарантираат безбедна храна и поддршката што им ја даваме голем дел од субјектите, особено помалите угостителски и трговски фирми сеуште ги немаат исполнето ниту минималните услови“, рече Османи.
Тој најави уште позасилени контроли со цел како што рече да се превенираат појави на труење со храна.
Од Дирекцијата за храна и Државниот санитарен и здравствен инспекторат велат дека решенијата за затворање на објектите се различни зависно од прекршокот. Доколку се утврди дека нивното повторно отворање не би значело и висок ризик, може да се укинат за два до 10 дена, но условите што се бараат мора да ги исполнат.
Османи апелираше до граѓаните да соработуваат со инспекциските служби и да го пријават секој сомнителен објект каде што се конзумира храна и да избегнува купување од истите.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат до 1 септември како што најави министерот Османи ќе изврши контрола во сите основни и средни училишта за да провери дали се отстранети претходно утврдените санитарно-технички и хигиенски недостатоци.
„Ќе се проведува дали тие постапиле според налозите на инспекторите и дали ги отстраниле сите евидентирани недостатоци со цел учениците да ја започнат новата учебна година во хигиенско и здравствено исправни објекти “, рече Османи.
Според него од првата контрола оценката за училиштата во делот на санитарна хигиена се подобрува, односно во најголем дел од образовни установи се почитуваат законските одредби како важен фактор за спречување на појава на заразни болести.
Османи рече дека останува потребата од дополнителни вложувања во делот на селските подрачја и најави дека наскоро ќе бидат контролирани истите и доколку не бидат констатирани санитарно-технички и хигиенски недостатоци ќе добијат трајни решенија за затворање. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот
180.000 гласа разлика во корист на Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ пред Пендаровски и СДС е порака дека народот сака промени и крај на понижувањата, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Народот не поддржува политика на понижување на Македонија. Граѓаните јасно кажаа дека се против криминалот на СДС и ДУИ. 7 години Македонија тоне на секое поле. На почеток на секоја учебна година немаше учебници за учениците, за болните немаше лекарства, за земјоделците немаше откуп. Народот не се чувствуваше безбеден, криминалот царуваше по улиците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што истакнуваат, народот не сака да живее повеќе во несигурност.
„Над 180.000 гласови предност се обврска за ВМРО-ДПМНЕ Македонија повторно да ја врати на народот. Победата во вториот круг ќе биде уште поголема, а СДС и Пендаровски, заедно со нивните газди од ДУИ никогаш повеќе нема да бидат во позиција да го понижуваат народот. Македонија повторно твоја“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ЦУК: Коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци
Во Центарот за управување со кризи, имало вкупно 1 694 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.
Од нив „реални“ повици биле 49,82 отсто, а 50,18 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон полиција биле упатени 69,92 отсто и кон итната медицинска помош 28,91 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК.
Во последното деноноќие немало евидентирани пожари на отворено.
Од ЦУК потсетуваат дека коловозите во државата на многу места се влажни и имало ситни одрони на сите патни правци во последното деноноќие.
Екипите ги отстранувале одроните на патот и нема прекин на сообраќајот.
Сервисни информации
Преку денот сончево со мала до умерена облачност, утрото претежно ведро и наместа постудено
Времето денеска со претежно ведро и наместа постудено утро. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне во планинските региони ќе има услови за краткотраен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од западен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 16 до 23 степени.
Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 21 степен.
Во сабота попладне ќе има услови за локална нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Потоа следува период на стабилно и топло време.