Македонија
Сите сакаат Анкетна комисија, ама да биде по нивно
Координаторите на пратеничките групи на денешната координација со претседателот на Собранието Трајко Вељановски не постигнаа договор за основање на анкетна комисија за испитување на минатонеделниот настан и покрај тоа што сите политички партии се за основање ваква комисија
СДСМ која предложи да се формира Анкетна комисија, повторно инсистира таа да се фокусира на расчистување на инцидентот и на утврдување политичка одговорност за прекршување на членот 43 од Законот за Собранието и испитување на сите околности поврзани со него. ВМРО-ДПМНЕ, пак, бара анкетната комисија да има целосен мандат за расчистување не само на последиците, туку и за утврдување одговорност на предизвикувачите, притоа тој да не се ограничува како што предлага СДСМ. Поширок мандат за анкетната комисија бара и ДУИ.Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се за формирање Анкетна комисија со целосен мандат, но дека се против тоа таа да работи по одреден член или по одреден закон како што стоеше во барањето на СДСМ.„ВМРО-ДПМНЕ и натаму останува на ставот да инсистира да се формира анкетна комисија која што ќе го има целосниот мандат и целосната слобода во расветлување на тој настан, но таа да работи на цел случај, а не по одреден член или по одреден закон“, рече Илија Китановски.Според заменик-координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Китановски, со предлогот на СДСМ се наложува комисијата да делува по конкретен член од конкретен закон што, вели, досега не било случај во историјата на формирање анкетни комисии.„Со предлогот на СДСМ се ограничува делувањето и самостојноста на анкетната комисија“, рече Китановски, повторувајќи дека владејачката партија останува на ставот за формирање ваква комисија преку разговор и во договор со пратениците од СДСМ, истакнувајќи дека ниеден пратеник на ВМРО-ДПМНЕ не бил инволвиран во инцидентот.Барањето на опозицијата претседателот на Собранието, Вељановски, да се огради од вчера испратеното пропратно писмо до Парламентот од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за Китановски е бесмислено.„Не можете да се оградите од нечиј допис или став. Тоа може да го направи само тој што го издал. Тоа е бесмислено и класична замена на тези, а не е работа на Собранието да се оградува од пропратни писма што ги добива секојдневно нејзиниот претседател“, образложи Китановски.Од ДУИ велат дека треба да се формира ваква комисија, но дека таа треба да има поголема автономија, односно дека не смее да биде ограничена во нејзиното работење. Сафет Незири рече дека неговата партија смета дека Анкетната комисија треба, а да се задржи работењето на комисијата согласно член 43 од Законот за Собрание.ОД СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ и Вељановски на денешната координација за расчистување на инцидентот во Собранието јасно покажале дека биле декларативни.Тие бараат да се формира анкетна комисија за расчистување на инцидентот и утврдување на политичка одговорност на учесниците во инцидентот, за грубо прекршување на член 43 од Законот за Собрание и испитување на сите околности поврзани со инцидентот.Јани Макрадули од СДСМ и потпретседател на Собранието по координативната средба оцени дека заложбите на ВМРО-ДПМНЕ и Трајко Вељаноски за расчистување на инцидентот биле декларативни, и оти тие ги ставила партиските над државните интереси со тоа што, не се оградиле од, како што вели, „недоличното писмо од Јанкулоска до Вељановски, ниту го заштитиле Собранието од партиско-владиниот пуч“.„Денеска не се донесе одлука во интерес на ова Собрание и Република Македонија, туку мнозинството донесе одлука да се прикрие вистината. Денеска ВМРО-ДПМНЕ не успеа да стави камче во градењето на политички дијалог, од едноставна причина, да се сокрие вистината и да не се дебатира кој го прекршил членот 43 од Законот за Собрание, рече Макрадули. СДСМ смета, додаде Макрадули оти нема позначајно од тоа, анкетната комисија да утврди кој го прекршил Законот за Собрание, и ги повика ВМРО-ДПМНЕ и Вељаноски „во следните 24 часа да размислат и да направат чекор што ќе ја поправи сликата за Македонија во ЕУ“.Пратеничката група на НСДП, рече Горан Мисовски, жали што претседателот на Собранието и ВМРО-ДПМНЕ не се оградија од писмото на министерката Јанкулоска упатено до Вељаноски со кое, вели, однапред надвор од уставните надлежности и законските прописи се осудуваат пратениците и се повикува на нивен јавен линч.„Претседателот на Собранието на РМ и ВМРО-ДПМНЕ го одбија предлогот за формирање анкетна комисија предложен од опозицијата со што пратија јасна порака дека целиот инцидент бил режиран во врвот на ВРМО-ДПМНЕ, а реализиран од страна на полицијата“, изјави по денешната координација Мисовски. Тој смета дека Македонија не може да чекори на патот кон евроатлантските интеграции кога од најодговорните луѓе кои ја водат државата се кршат Уставот и законите.За претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, спорна е содржината на барањето на СДСМ за формирање анкетна комисија. Тој предлага да се формира анкетна комисија по примерот од 2007 г. за испитување на околностите на настанот во Собранието, случен на први јули и одговорноста на учесниците во тие настани.На координацијата, покрај Вељаноски присуствуваа и потпретседателите на Собранието, Светлана Јакимовска и Рафиз Алити, како и Цветанка Иванова од СДСМ.Инцидентот се случи на 1 јули по седницата на која се расправаше за Предлог-законот за стечајците поднесен од група пратеници од опозицијата. Министерството за внатрешни работи вчера документира пријава за пратениците кои учествуваа во инцидентот. Целокупниот доказен материјал е доставен и до претседателот на Собранието, Трајко Вељановски, заедно со пропратното писмо во кое МВР посочува на одговорните за инцидентот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Лицата со попреченост ќе може да користат бесплатен превоз до болница, издвоивме 500.000 денари за оваа намена
Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски ги повикува граѓаните со попреченост да ја користат услугата за бесплатен транспорт до здравствените установи за што општината има потпишано Меморандум за соработка со Црвен крст на Република Северна Македонија.
Станува збор за бесплатен превоз до здравствените установи со наменски возила на Црвениот Крст за корисници над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни). За оваа услуга општината издвои 500.000 денари од сопствениот буџет со цел да им го олесни пристапот до болниците и лекарите на граѓаните кои имаат најголема потреба за тоа. Оваа услуга само за еден месец ја искористиле 42 граѓани. Градоначалникот на општина Центар Горан Герасимовски упатува апел до граѓаните кои ги исполнуваат условите да го закажат својот бесплатен превоз до потребната болница.
„Бесплатниот превоз до болниците верувам дека е големо олеснување за семејствата и корисниците кои не се во можност често да ги користат здравствените услуги. Ова е исклучително важна мерка особено за лицата кои немаат помагала или не се во состојба да се движат. Затоа доколку корисникот е подвижен превозот ќе биде реализиран со мало наменско возило на Црвениот крст, а доколку тој е неподвижен превозот ќе се спроведе со специјално наменско возило. Граѓаните кои имаат потреба ги повикувам да ја користат оваа услуга. Бесплатниот транспорт граѓаните мора да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ или секој работен ден од 6:00 до 0:00 часот. Со остварување на еден телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација од 8:00 до 16:00 часот. И еден корисник бесплатниот превоз во еден правец може да го користи максимум 10 пати во текот на 1 година, но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст“, потсетува градоначалникот Герасимовски.
Герасимовски исто така потсетува и на другите проекти кои се реализираат во општината како едукативните работилници и обуки за давање прва помош со кои воспитувачите, негувателите, наставниците, осмооделенците и другиот стручен кадар во детските градинки и училиштата се здобија со знаења и вештини за соодветно и навремено постапување во ургентни ситуации, односно давање на прва помош, пред се, на децата. Како и едукативните работилници преку кои децата од возрасните групи од сите градинки и клонови се здобиваат со знаења во врска со здравите навики и одржувањето на личната хигиена како и многуте реализирани крводарителски акции за обезбедување крвни компоненти за потребите на здравствениот систем.
Општина Центар ќе продолжи да ги негува проектите со Црвениот Крст кои имаат за цел да им помогнат на граѓаните и го олеснат нивното секојдневие.
Македонија
Макрон упати честитка до Силјановска-Давкова: Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели
Честитки на македонски јазик за победата на Гордана Силјановска-Давкова, вчера, 9 мај 2024 година на социјалната мрежа фејсбук, упати претседателот на Република Франција, Емануел Макрон.
Во честитка се потенцира француската поддршка за Македонија кон целосна евроинтеграција при што е наведено следново:
„Се отвора нова страница кај нашите македонски пријатели. Ја поздравувам храбрата посветеност на Стево Пендаровски, а на Гордана Сиљановска-Давкова ѝ ги упатувам моите срдечни честитки за изборот за Претседател. Франција остнува на страната на Македонија за да ја придружува во реформите и нејзината европска иднина.“
Професорката Гордана Силјановска-Давкова упати благодарност за честитиката на македонски и на француски јазик, истакнувајќи ја улогата на Франција како една од основачите на ЕУ и потенцирајќи дека како претседателка ќе се залага за градење на консензус кој ќе овозможи македонските граѓани да живеат европски. А исто така, ја потенцира и билатералната соработка за зајакнување македонско-француските односи.
Во одговорот на професорката Гордана Сиљановска-Давкова стои:
„Претседателе Макрон, Ви благодарам за честитките! Франција, како една од земјите основачи на ЕУ има најважна улога и одговорност за успех на европскиот проект. Вашата поддршка се надевам ќе го отвори патот на Македонија кон Европа, а она што можам да се заложам е дека ќе градам консензус за реформи кои ќе им овозможат на македонските граѓани да живеат европски. Воедно, како две пријателски земји во мојот мандат ќе работам на зајакнување на билатералните односи, особено економската, културната и научната размена.“
Скопје
Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка, вели Стефковски
Во објава на својата официјална страница на „Фејсбук“, градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, се осврна на изборните резултати и побара оставка од градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, бидејќи, како што вели Стефковски, тоа е волјата на скопјани.
„Време е Скопје да се врати на скопјани, а Данела Арсовска да поднесе оставка! Кредибилитетот и легитимитетот на секој вршител на јавна функција, која се избира на непосредни избори, извира и им припаѓа директно на граѓаните, без разлика дали се работи за претседател на држава, пратеник, градоначалник или советник.
Бројките велат дека во 2021 година Данела Арсовска е избрана за градоначалник на град Скопје со гласовите на 118.545 скопјани, а на вчерашните избори Данела Арсовска преку својата партија во општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Кисела Вода, Аеродром, Центар, Сарај и Шуто Оризари освои вкупно 2.584 гласа.
По ваквиот резултат, јасно е дека Данела Арсовска го загуби кредибилитетот да продолжи да го води градот Скопје. Скопје му припаѓа на скопјани, а не на Данела Арсовска.
Скопјани вчера ѝ порачаа на Арсовска дека е време да си замине! Затоа ја повикувам Данела Арсовска да поднесе оставка од функцијата градоначалник на град Скопје бидејќи тоа е волјата на скопјани. Време е Скопје да се врати на скопјани!“, пишува Стефковски.