Македонија
ВМРО-ДПМНЕ избира претседател
Изборот на претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи денеска напладне во Битола, каде што се одржува 14. конгрес на партијата, на кој учествуваат 650 делегати.
Изборот на претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе се одржи денеска напладне во Битола, каде што се одржува 14. конгрес на партијата, на кој учествуваат 650 делегати.
Според партиски извори, се очекува на гласањето делегатите повторно да му дадат доверба на досегашниот претседател Никола Груевски.
Груевски првпат за лидер беше избран на Kонгресот во Охрид во 2003 година, а противкандидат му беше Марјан Ѓорчев. На тој конгрес по 13 години од лидерската позиција на партијата се повлече Љубчо Георгиевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на 14. конгрес на ВМРО-ДПМНЕ под мотото „Вистината секогаш победува“,ги повика присутните делегати да останат постојани и доследни на она што го кажале. Како што рече, тоа е клучот на успехот
„Победивме на парламентарните избори во 2008 година, На локалните и претседателските во 2009 година. Од локалните избори во 2005 година имавме пет победи една по друга, а ако утре имаме избори, јасно е дека ќе ја имаме и шестата победа. Победи чисти како солза. А во нашата петта година власт ние бараме предвремени избори, а СДСМ се бори да ги нема. Тоа кажува многу работи“, рече Груевски.
Тој уште еднаш го повика опозициониот лидер Бранко Црвенковски на избори.
„Бранко ајде на избори веднаш. Народот ќе одлучи дали сака реформска влада, или те сака тебе со твојот учинок во транзицијата“, рече Груевски.
Тој посочи дека партијата има уште многу работа, а дека нивното мото е „Турбо од првиот ден, пресинг од 90 минути, обединети кон целта“. /крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Годинава стартуваме нови проекти со пензионерите, „Носталгија за корзо“, екскурзии, едукативни работилници и Спортски игри 2026
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска во просториите на Здружението на пензионери на Општина Центар присуствуваше на одбележувањето на 72 години од постоењето на организацијата.
Пензионерите му врачија благодарница на градоначалникот за одличната соработка и партнерскиот однос со Општина Центар.
„Чест е да се добие вакво признание токму од првото здружение на пензионери формирано во Македонија. Навистина соработката е одлична. Годинава ни претстојат заеднички активности со здружението на пензионери на Општина Центар, меѓу кои: „Носталгија за корзо-сеќавање на едно убаво време“, екскурзии низ Македонија, едукативно-креативни работилници за домаќинство, Пензионерски спортски игри, а во план е и изградба на Дом за стари лица“, истакна Герасимовски.
Дополнително, како што е соопштено од неговиот кабинет, локалната самоуправа реализира низа успешни и популарни проекти наменети за сениорите, како што се „Центар се грижи за возрасните“, „Итно копче“, бесплатен превоз до здравствените установи, како и еднократна парична помош, која годинава е зголемена на 5.000 денари.
„Општина Центар останува партнер на Здружението и продолжува да поддржува активно стареење и вклученост на повозрасните граѓани во политиките на локалната самоуправа и во животот на заедницата“.
Македонија
Почна реконструкцијата на улицата „Перо Наков“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска официјално го означија почетокот на целосната реконструкција на улицата „Перо Наков“.
„После речиси три децении запоставеност, започнуваме со целосна реконструкција на улицата „Перо Наков“. Денес, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, ја започнавме целосната реконструкција на оваа значајна сообраќајна артерија, која секојдневно ја користат илјадници жители. Станува збор за улица од исклучително значење за локалното население и за целата општина, која со години беше во катастрофална состојба и претставуваше вистински предизвик за безбедно и нормално движење“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека реконструкцијата опфаќа изградба на нови тротоари од двете страни на улицата, доизградба на атмосферската канализација, поставување нов асфалт, современо осветлување и подземно поставување на операторските мрежи.
Македонија
Од денес извод на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба се вадат со неколку клика
За извод од матична книга на родени, починати, венчани или потврда за слободна брачна состојба граѓаните од денес не мораат воопшто да се појават на шалтер на Управата за водење матични книги. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски извести дека постапката за овие документи е целосно дигитализирана.
„Што се однесува до услугите од Управата за водење матични книги од денес и тие се целосно мигрирани на националниот портал uslugi.gov.mk што ќе го забрза нивното користење и се целосно дигитални, за разлика од претходно. Тоа значи дека извод од матична книга на родени, од матична книга на венчани, умрени и новата услуга потврда за слободна брачна состојба од денеска се целосно достапни на порталот и со неколку клика граѓаните можат да ги добијат и тие услуги. Тоа ќе значи поголема ефикасност на Управата за водење матични книги и поголема контрола од нас како ресорно Министерство на темпото на издавање на овие документи“, рече министерот Андоновски.
Тој заедно со директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, денес промовираше четири нови услуги на порталот uslugi.gov.mk. За правните лица, за првпат е овозможена електронска услуга за издавање потврда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, целосно дигитална и достапна во секое време. Физичките лица, пак, електорнски можат да извадат потврда за пријави и одјави во задолжително здравствено осигурување, потврда за осигурено или неосигурено лице и платен придонес и потврда за исплатен надоместок за плата за време на привремена спреченост од работа.

