Македонија
Внимавајте на безбедноста во сообраќајот во Новата година
Под влијание на претпразничната еуфорија, во брзаницата да ја завршиме оваа година и да започнеме со нова и поубава, забораваме на она по што ќе ја паметиме годинава што минува, предупредуваат од РСБСП.
„Оваа година, ни се случија сообраќајни незгоди со смртни последици во кои настрадаа многу невини луѓе, многу детски очиња прерано престанаа да се восхитуваат на животот и на убавините кој тој ги носи, многу семејства загубија дел од себе и останаа без своите сакани, а сите ние останавме посиромашни за загубените човечки животи, без нашите колеги, без нашите пријатели, роднини познајници… Но, крајот на секоја година ни дава можност да направиме пресек, да застанеме и да размислиме за грешките во сообраќајот кои сме ги направиле, но и да си дадеме шанса и да ветиме дека истите нема да ги повториме и во годината што следи“, предупредуваат од РСБСП.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ги поттикнува и ги повикува сите учесници во сообраќајот, сите заедно да го дадат првото и основно ветување: да ветиме дека ќе бидеме внимателни и дека ќе ги почитуваме правилата во сообраќајот. Многу грешки, многу изгубени човечки животи се последица единствено на невнимание и непочитување на сообраќајните правила и прописи, поради своеглавост и преголема самодоверба.
„Пред да си ги кажеме новогодишните желби и да си упатиме новогодишни честитки едни на други, пред да посакаме секој од нас да е среќен, жив и здрав, да се потсетиме уште еднаш на ветувањата со кои ќе се заложиме да направиме сѐ што е во наша моќ за да се зголеми безбедноста во сообраќајот на улиците и на патиштата низ земјава.
Да ветиме дека нема да дозволиме брзината повторно да изнудува од нас да правиме кобни грешки. Брзината со која управуваме со возилото секогаш треба да е прилагодена кон условите на патот.
Да ветиме дека и на најкратката дестинација на која сме се упатиле ќе користиме сигурносен појас или заштитен шлем.
Да ветиме дека алкохолот нема да биде тој кој ќе одлучи на која дестинација ќе патуваме.
Да ветиме дека и во улога на пешак ќе ги почитуваме сообраќајните правила и ќе ги дадеме истите ветувања како кога сме во автомобил, на велосипед или на мопед.
Да ветиме дека она што сакаме да си го кажеме ќе си го кажеме кога ќе се видиме или кога ќе пристигнеме дома, а не на мобилниот телефон додека сме зад воланот во автомобилот.
Да погледнеме во себе и да си дадеме ветување дека ќе ги смениме лошите навики во сообраќајот. Љубезноста и добрите манири, се оние кои ќе го красат нашето однесување во 2017 година.
Да ги оставиме зад нас нашите неостварени ветувања, лошите навики (агресивноста, брзината, алкохолот…). Секој од нас има право да биде подобар, да направи повеќе, да даде повеќе, да сака повеќе. Да бидеме добри едни кон други, да бидеме љубезни, затоа што, не само денес, не само во овој период од годината, туку секој ден, секој од нас треба да се чувствува безбедно и да учествува безбедно во сообраќајот и денот да го заврши онаму каде што припаѓа, меѓу своите најдраги, во пријатната домашна атмосфера, на топлиот ручек во кругот на семејството, или можеби на некое друго место.
Сѐ што посакуваме на новиот пат од 365 денови поминати во автмобил, пеш, на велосипед или на мопед, е да се вратиме дома безбедно, живи и здрави. Да го прифатиме предизвикот кој ни го дава почетокот на секоја нова година, да го дочекаме секое ново утро во прегратките на саканите и да бидеме личен пример со кој ќе покажеме дека ги цениме вистинските вредности: животот, здравјето, домот и семејството. Само така ќе бидеме сигурни дека сме одбрале добар пат, порачуваат од РСБСП./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Состојбата е стабилна и нема опасност по безбедноста
Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по седницата на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Таа додаде дека институциите ќе продолжат да ја следат состојбата.
-Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, најави претседателката Сиљановска – Давкова.
Претседателката Сиљановска Давкова е претседател на Советот за безбедност, а на седницата присуствуваа и членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски како и експертите Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија,Тимчо Муцунски, кој е на пат за САД, на седницата беше вклучен преку видеоврска.

На седницата присутни беа и директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева, директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски и началникот на Генералштабот, генерал – мајор Сашко Лафчиски.
Македонија
Повеќе од 150 македонски државјани побарале помош од амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби за евакуација
Расте бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека досега повеќе од 150 македонски државјани, ги контактирале амбасадите во Тел Авив, Доха и Абу Даби, околу можностите за евакуација.
Со сите нив се одржува постојан контакт и доколку се пријават за евакуација ќе се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција за нивно безбедно враќање, наведуваат од МНР.
– Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, преку дежурниот телефонски број и преку дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните. Уште еднаш ги повикуваме сите наши државјани кои се наоѓаат во земјите од регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи, велат од Министерството.
Поради ситуацијата на Блискиот Исток, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вчера функционира кризен штаб кој е на 24 часовно располагање на граѓаните за сите информации.
За дополнителни информации и помош, на располагање се:
СОС дежурен телефон (МНРНТ):
075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566
Тел: +972 54 967 0546.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.

