Домашен
АБА Лига: Соколите од Карпош ја надиграа Цедевитa
Во натпреварот од 11-то коло од регионалната кошаркарска АБА лига, тимот од скопската населба Карпош, која досега забележа само една победа и тоа против лидерот во натпреварувањето подгоричка Будуќност, во саботата вечерта во својата сала пред само 300 гледачи ја порази загрепска Цедевита со 89-81 (25-12, 20-22, 21-20, 23-27)., која беше четвртопласирана.
Почетокот на мечот не ветуваше ништо поразлично од досегашното прикажано од тимот на Карпош Соколи во регионалното натпреварување, освен моменталниот блесок против Будуќност. До шестата минута се играше изедначено, а потоа до пред крајот на првата четвртина домаќините направија серија од 13-0, со која со убедлива предност ја започнаа втората. Во петта минута од втората четвртина Соколи ја достигна најголемата предност од 16 поени (36-20), а до крајот на првото полувреме успеаја предноста да ја задржат на безбедни 12 поени (46-34).
На почетокот од третата четвртина Цедевите се чинеше дека се враќа вомечот, но тогаш возврати хрватскиот интернационалец во редовите на скопјани постигнувајќи четири „тројки“ за четири минути. Истовремено Зековиќ, Вркиќ и Лабовиќ ја консолидираат играта под својот кош, па гостите третината ја добија со само еден поен, со што Соколи успеаја со солидна предност да влезат во последната четвртина.
Во оваа делница Цедевита набрзо успеа да ја преполови разликата на 67-61, кога реагираше тренерот на „карпошани“ по што Лабовиќ со две реализации успеа да ја врати двоцифрената предност (71-61). Сепак падот на концентрацијата кај домашните им овозможи на загрепчани опасно да се приближат на само три поена (75-72) на околу две минути пред крајот. По еден реализиран напад на двете страни, на минута до крајот Дарко Соколов реализираше удар за три поена враќајќи ги надежите во конечен успех на својот тим. Играчите на Цедевита, за среќа, по тајмаутот не успеаја да се соземат и со серија грешки практично ја заверија победата на Карпош Соколи, само втора досега во АБА лигата, но која може да ја донесе неопходната доза самодоверба и дрскост кај играчите на вториот скопски тим во регионалното натпреварување.
Драган Зековиќ со 23 поени и Зоран Вркиќ со 19 кошеви но и 8 скокови и 6 асистенции беа лидери кај Карпош Соколи, а беа помогнати од Ламовиќ со 16 и Мавра со 12 поени. Кај Цедевита Рајан Боатрајт постигна 23 а Филип Крушлин 12 поени, додека Џејмс и Араповиќ, од кого се очекуваше многу повеќе, уфрлија по 20 кошеви.
Во саботната програма во АБА лигата беа постигнати уште и следните резултати: Морнар – Крка 86-73 и Партизан – Мега Лекс 86 – 79.
Во недела МЗТ Скопје Аеродром ѝ гостува на Игокеа, ФМП ја пречекува Будуќност, а во Загреб се игра хрватскиот дуел меѓу Цибона и Задар.
Колото ќе биде заокружено во понеделник во Љубљана, каде што Олимпија го пречекувал лидерот на табелата белградска Црвена ѕвезда./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.