Домашен
Илиевски: Сите нé гледаат како аутсајдери, тоа е нашата шанса
Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Владо Илиевски, со умерен оптимизам го најавува учеството на националниот тим на Европското првенство. Најискусниот играч во репрезентацијата се согласува со констатацијата дека предност на Македонија може да биде и тоа што во очите на ривалите во Ц групата е аутсајдер.
„Моја најголема желба е Македонија да се пласира во вториот круг, неважно е дали тоа ќе биде со две или три победи. Како капитен најважно ми е да изгледаме како тим, како тим кој ја репрезентира својата држава. Мислам дека сме на добра пат, уште од почетокот на подготовките во тимот владее добра атмосфера. Верувам во себе и во своите соиграчи дека имаме квалитет да им се спротивставиме на сите. Верувам дека имаме доволно мотив и доволно квалитет за да бидеме на ова ЕП, дали тоа ќе биде доволно за да се пласираме во втората фаза ќе покаже времето“, вели стрелецот на најзначајниот кош во македонската кошаркарска историја.Македонија во Ц групата, која ќе се игра во Загреб, за противници ќе ги има Грција, Холандија, Грузија, Хрватска и Словенија. „Реално, со исклучок на Холандија, останатите репрезентации во своите редови имаат имиња кои се веќе докажани во светски рамки. Од друга страна, кај нас се случи смена на генерациите, поголем дел од репрезентацијата е сменета, што значи дека сите други нé гледаат со ‘други очи’. Мое мислење е дека од тој аспект ние можеме многу да изненадиме, поради нашиот стил на игра, поради тоа што многу наши играчи се непознати за противниците. Поради тоа мислам дека поради желбата за докажување која е присутна мораме да изненадиме“, рече Илиевски./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.