Домашен
ЖРК Вардар со поддршка на Комитите ќе го напаѓа Турингер
Ракометарките на Вардар во сабота против Турнигер ќе се обидат да ја извојуваат првата победа во Лигата на шампиони, откако на премиерата беа поразени од Будуќност во Подгорица. Шампионките на Македонија на овој меч ќе ја имаат и поддршката на „Комитите“.
„Не можеме да го заборавиме поразот во Подгорица, меч во кој целата македонска јавност очекуваше многу подобро издание од нас. Добро го анализиравме тој меч, каде грешевме, мора да ја подобриме одбраната, а деновиве ќе работиме и на играта во нападот. Кога станува збор за Турингер, нив добро ги познаваме, игравме минатата сезона со нив. Од тој тим кај нив ја нема Барбоса, која беше голем потрошувач на топки, сега имаат нив играч на таа бековска позиција која против Подравка постигна девет голови. Турингер е екипа која игра брз ракомет, мора да ги спречиме нивните контри доколку сакаме да победиме“, рече на прес-конференцијата во четвртокот тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ. Крилната ракометарка Јованка Радичевиќ рече дека Вардар на Турингер уште од самиот почеток на мечот мора да му покаже кој е ‘газда’ на теренот.„Турингер е екипа која игра исклучително добра одбрана, од која развиваат опасни контри. Ние ќе мора нашите грешки во нападот да ги сведеме на минимум, само така ќе ги спречиме да постигнуваат лесни голови. Свесни сме дека Вардар е тим во кој играат големи ракометни имиња, но и дека големината мора да ја покажеме на теренот. На теренот мора да покажеме дека сме подобра екипа од Турингер“, рече Радичевиќ.ЖРК Вардар ќе го пречека Турингер в сабота од 19 часот.Вардарки против Турингер ќе го одиграат својот прв меч во новиот спортски центар „Јане Сандански“, на кој својата поддршка не само на овој меч, туку и на сите останати во Лигата на шампиони, ја најави најбројната навивачка група во Македонија „Комити“.„Знам каква поддршка ни даваа кога на европската сцена играв за Кометал, со нивна помош ’Кале’ беше неосвоива тврдина. Комитите беа составен дел на тимот, малку екипи доаѓаа да играат против нас без страв. Време е ’Комитите’ да се вратат на натпреварите на ЖРК Вардар, нивната помош од трибините ни е неопходна“, рече претседателката на Вардар, Гордана Нацева.„Комитите биле и ќе останат дел на Вардар. Ние сме присутни и на натпреварите на женскиот клуб, можеби не се создава атмосфера како кога игра машкиот тим, но со тек на време работите ќе си дојдат на свое место. Благодарни сме за иницијативата која клубот ја покрена за поддршка на нашиот член Горан Николовски – Турчин“, рече на прес-конференцијата, претставникот на навивачката група Комити, Милорад Миленковски. ЖРК Вардар покрена иницијатива, односно по 30 денари од влезниците за овој натпревар ќе одат за поддршка на Горан Николовски – Турчин, а исто така парични средства ќе соберат ракометарките и членовите на стручниот штаб на клубот./крај/мф/нц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Домашен
Денеска во Прилеп 11. планинска трка „Крали Марко Треилс“
Во Прилеп денеска ќе се одржи 11. трка во планинско трчање „Крали Марко Треилс“. Од 250-те пријавени учесници, 78 отсто се од земјава, а останатите 50-тина се од други 12 држави, најмногу од регионот: Србија, Косово, Грција, Албанија,… На трката ќе учествуваат повеќето од најбрзите македонски планински тркачи, репрезентацијата во планинско трчање на Србија, како и поранешната шампионка на Шведска во 100 километарски ултра маратон Лиса Ринг.
„Крали Марко Треилс“ предвидува две трки со различни должини. Пократката, долга 18 километри, е најстарата и најпопуларна планинска трка во државава, наречена „Трескавец Треил“. Почнува од Варош во Прилеп и преку Марковите Кули и пејсажните ритчиња ги води 160-те натпреварувачи кон манастирот Трескавец, а потоа назад во Прилеп.
Подолгата трка, „Камена Баба Треил“, долга 35 километри, исто така почнува од Варош и ја следи патеката до манастирот Трескавец, но оттаму продолжува низ карпести предели преку Камена Баба. За неа се пријавени 80-тина планински тркачи.
Настанот е во организација на здружението ТРЕКС од Скопје и е наменет за рекреативни, аматерски и професионални спортисти со различно ниво на физичка подготвеност.
Домашен
(Видео) Бугарски навивачи се судрија со полицијата на стадион: фрлаа со предмети, па следуваше апсење
Бугарски навивачи се судрија со македонската полиција на арената „Тодор Проевски“ каде се игра натпреварот Шкупи (Македонија) и Левски Софија (Бугарија).
Турканицата продолжи со вадење на ремени од страна на навивачите и фрлање предмети како што се лименки пива, сокови и слично. По ова, имаше и неколкумина уапсени. Полицијата ги извади од стадионот и однесе со комбиња во станица.
„Макфакс“ контактираше со МВР од каде проверуваат зошто дошло до судирот, како и, како е постапено со уапсените лица.
Ова е втор инцидент. Претходно, во Чаир, беа каменувани два автомобили со бугарски натпреварувачи. На ова претходеа низа провокации на социјалните мрежи и телевизиски изјави со навредувачки пароли за Македонија. Навредувачки навивачки песни, се пееа и на трибините.
Домашен
(Видео) Оформен предмет за полицаецот кој со пендрек го нападна Талески: Имало турканица, службеник преземал и физички мерки
МВР отвори предмет против полицаецот кој со пендрек го удри ракометарот Филип Талески, за да се утврди зошто се решил на таков потег и дали ќе следи казна. Чинот наиде на лавина коментари во јавноста и осуда. Досега, во МВР не е поднесена пријава за ударот на Талески.
„По завршување на спортскиот натпревар, поради меѓусебна турканица на неколку ракометари од двете екипи на терен, најнапред реагираше обезбедувањето на натпреварот, а потоа од страна на еден полициски службеник од полициската станица од општа надлежност Охрид преземени се физички мерки. По службена должност Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР оформи предмет и презема мерки за целосно расчистување на случајот, велат од МВР за „Макфакс“.
Тие додаваат дека пријава досега не добиле.
„По вчера одиграниот ракометен натпревар КУП на Македонија-финале помеѓу ракометните екипи „Еурофарм Пелистер“ од Битола и „Вардар“ од Скопје, во СВР Охрид не е поднесена преставка, поплака или друг вид на пријава од ракометари, делегати или други официјални спортски претставници против полициски службеници кои извршуваа обезбедување на натпреварот што го следеа околу 4000 лица“, додава МВР.