Свет
ОН: Неисхранетоста и ширењето болести ќе доведат до смртна експлозија на децата во Газа
Алармантниот недостиг на храна, зголемената неисхранетост и неконтролираното ширење болести може да предизвикаат експлозија во смртноста на децата во Газа, предупредија Обединетите нации.
Дваесет недели по почетокот на израелската војна против Хамас во Појасот Газа, агенциите на ОН предупредија дека храната и безбедната вода станале неверојатно оскудни на палестинската територија додавајќи дека речиси сите мали деца имаат заразни болести.
„Појасот Газа е на пат да биде сведок на експлозија на смртноста на децата“, рече Тед Чајбан, заменик-шеф за хуманитарни операции во агенцијата за деца на ОН УНИЦЕФ.
Најмалку 90 отсто од децата на возраст под пет години во Газа имаат една или повеќе заразни болести, се вели во заедничката процена на агенциите на ОН за деца, храна и здравје. Седумдесет проценти имале дијареја во две недели пред процената, што е 23 пати повеќе во споредба со податоците од 2022 година.
„Гладот и болеста се смртоносна комбинација“, изјави службеникот за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО), Мајк Рајан.
„Гладни, ослабени и длабоко трауматизирани деца почесто се разболуваат, а болните деца, особено оние со дијареја, не може добро да ги апсорбираат хранливите материи“, рече тој.
„Тоа е опасно и трагично и се случува пред нашите очи“.
Нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври резултира со смрт на приближно 1.160 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили, според АФП. Во нападот на Израел врз Газа загинаа повеќе од 29.000 луѓе, од кои повеќето жени и деца, според Министерството за здравство на територијата управувана од Хамас.
Од почетокот на војната, Газа западна во криза со храна, а надворешната помош е сериозно ограничена. Процената на ОН покажа дека повеќе од 15 отсто од децата на возраст под две години во северниот дел на Газа или едно од шест се акутно неисхранети, да три отсто страдаат од тешка исцрпеност.
„Тоа е најопасна за животот форма на неисхранетост, што ги става малите деца на најголем ризик од медицински компликации и смрт, освен ако не добијат итен третман“, соопшти СЗО.
„Бидејќи податоците беа собрани во јануари, ситуацијата денес е веројатно уште потешка“, предупредија агенциите на ОН. Во јужниот дел на Газа се проценува дека пет проценти од децата на возраст под две години се акутно неисхранети.
Повеќе од 95 отсто од домаќинствата рекле дека ја ограничиле количината храна што ја јадат возрасните за да се осигурат дека малите деца имаат храна, соопшти СЗО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Берлин нападната сенаторка, трет напад врз владин политичар за само неколку дена
Германската полиција соопшти дека поранешната градоначалничка на Берлин, сенаторката Франциска Гифај била нападната во локалната библиотека каде непознат маж ја удрил одзади со торба наполнета со тежок предмет, а потоа побегнал.
Во нападот Гифај, која сега е министерка за економија на Берлин и член на партијата СПД на канцеларот Олаф Шолц, беше полесно повредена.
Нападот врз Гифаи е трет напад врз владин политичар за само неколку дена, пренесува Ројтерс.
Свет
(Видео) Авион на Боинг принудно слета на аеродромот во Истанбул, екипажот безбеден
Товарен Боинг 763 принудно слета на аеродромот во Истанбул, по дефект на опремата за слетување, јавија државните медиуми.
Екипажот е безбедно евакуиран, јави државната телевизија ТРТ, пренесува ДПА.
Авионот, во сопственост на американската компанија за испорака Федекс, бил на пат од Париз. Неговата опрема за слетување на носот претрпела дефект додека се приближувал кон Истанбул.
Teretni avion sletio na trup na Aerodromu u Istanbulu https://t.co/7GDTFSZtkY pic.twitter.com/lUD5URlsE0
— Anadolu BHSC (@aa_balkans) May 8, 2024
Контролната кула била информирана и биле преземени неопходните мерки на претпазливост пред авионот да слета во 08:17 часот по локално време, соопшти ТРТ, повикувајќи се на Министерството за транспорт.
Свет
Шолц: Мирот на Балканот не е нешто што се зема здраво за готово
Германија интензивно се залага за прием на земјите од Западен Балкан во Европската Унија бидејќи членството одамна е ветувано, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на средбата со Денис Беќировиќ, член на Претседателството на БиХ, пишува „Дојче веле“.
Германскиот канцелар потоа потсети дека членството во Европската Унија, пред сѐ, зависи од условите што земјата членка мора да ги исполни на патот кон таа цел. Можеби тоа беше мал одговор на сите оние од Западен Балкан што се чувствуваа заобиколени откако на крајот на минатата година им беше отворен патот на преговорите на Украина и Молдавија по скратена постапка. Сега Шолц уште еднаш јасно стави до знаење дека патот е долг, а за некои многу, многу долг.
Тој се осврна и на безбедносната ситуација во регионот и рече дека мирот на Западен Балкан „не е нешто што се зема здраво за готово“.
„Босна и Херцеговина игра важна улога овде и ќе се спротивставиме на секој обид за загрозување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина“, рече Шолц и нагласи дека затоа Германија ќе истрае да учествува во воените мисии „Еуфор“ и „Алтеа“.