Свет
МЕПСО не му платил на ЕЛЕМ 27 милиони евра за испорачана струја
Додека ЕЛЕМ бара пари од МЕПСО, тие ја префрлаат вината кај "Дистрибуција", од каде што тврдат дека редовно ги намируваат обврските спрема МЕПСО
Хаотични финансиски обврски меѓу ЕЛЕМ, МЕПСО и "Дистрибуција"
Додека ЕЛЕМ бара пари од МЕПСО, тие ја префрлаат вината кај "Дистрибуција", од каде што тврдат дека редовно ги намируваат обврските спрема МЕПСО
МАЈА ТОМИЌ
ЕЛЕМ, ,,Електрани на Македонија", во кој спаѓаат големите хидро и термокапацитети за производство на струја, освен ТЕЦ "Неготино", побаруваат од МЕПСО, Македонски електропреносен систем оператор, фантастични 27 милиони евра за струјата која ЕЛЕМ му ја испорачала на МЕПСО во последните три месеци. Доколку продолжи ваквата тенденција, за кусо време може да се доведе во прашање работењето на ЕЛЕМ, кој, пак поради кусок на пари има неплатени обврски спрема своите деловни партнери. Според официјалните бројки од ЕЛЕМ, по поделбата на некогашното ЕСМ на три посебни компании, ЕЛЕМ МЕПСО и "Дистрибуција", од септември 2005 година па сў досега, само за септември е намирен целосно долгот за испорачана струја, но не и за октомври, ноември и декември 2005 година. Така, до вчерашниот датум, МЕПСО му должи на ЕЛЕМ една милијарда и седумстотини милиони денари, или околу 27 милиони евра.
Според портпаролот на ЕЛЕМ, Бране Стефановски, лани во октомври, од вкупната сума за испорачна струја, МЕПСО му платил на ЕЛЕМ само 44 отсто или 366 милиони денари, а неплатени останале 461 милион денари, додека за ноември и декември долгот останал целосно неплатен. " Бидејќи ЕЛЕМ има високи побарувања од МЕПСО, не е во состојба да ги намирува тековните обврски спрема своите деловни партнери, со што пак може да се доведе во прашање работењето и стабилноста на енергетскиот систем. На пример, РЕК "Битола", најголемиот производител на струја, веќе има неплатени обврски од 400 милиони денари, поради тоа што ЕЛЕМ не може да му исплати пари. Досега испративме неколку писма до МЕПСО во кои бараме да се намири долгот, но без резултат", вели Стефановски.
Во МЕПСО велат дека се тие непрофитно друштво што нема причина да ги задржува парите кај себе. Според Законот за енергетика, МЕПСО има обврска да ја откупува целата струја од домашно производство и потоа да ја испорачува на "Дистрибуција" , преку која потоа се снабдуваат со струја сите потрошувачи. Затоа што сў уште не е формирана банка за порамнување на целиот прилив и одлив на пари, досегашната заемна соработка меѓу трите друштва се базира на меѓусебни деловни договори. Покрај тоа, на 25 декември 2005 година е формирана и координативна група од финансиските директори на МЕПСО, ЕЛЕМ и на "Дистрибуција", која ќе врши дневно усогласување на приливот и на одливот на средствата.
"Проблемот е во недостигот од пари. Ние прво треба да ги собереме парите од "Дистрибуција" за да можеме потоа да му платиме на ЕЛЕМ. Ако не сме го правеле тоа редовно, тоа значи дека нам "Дистрибуција" не ни платила и проблемот е кај нив. Не треба да се занемари и фактот дека МЕПСО врши и увоз на струја, за што неодамна се платија големи пари, бидејќи Македонија увезува околу 40 отсто од вкупните потреби на струја. Ние не сме профитно, туку сме државно друштво и немаме никакви причини да ги задржуваме парите за себе" , велат во МЕПСО. Постои долг спрема ЕЛЕМ за испорачана струја, но тој во никој случај не е толку висок како што прикажуваат во ЕЛЕМ, велат во МЕПСО, не сакајќи да прецизираат за колкав долг станува збор.
Во АД ЕСМ "Дистрибуција" демантираат дека не му плаќаат редовно на МЕПСО. "Плаќањето на преземената струја се наплатува тековно и сосема редовно, плус се плаќаат некои кредитни обврски кои "Дистрибуција" ги презема со поделбата на ЕСМ. Меѓу нив спаѓа првата рата кон Кинеската банка во износ од 400 милиони денари, како и една рата кон ЕБОР од 56 милиони денари" – вели Ленче Карпузовка, портпарол во "Дистрибуција".
Енергетските експерти коментираат дека хаосот околу наплатата меѓу трите компании ќе се избегнеше доколку на време профункционираше банката за порамнување, која според Законот, требаше да се формира лани во октомври, веднаш по поделбата на ЕСМ на три посебни субјекта, а таа улога му е препуштена на МЕПСО. Преку таа банка автоматски би одел целиот дневен прилив на средства од наплатената електрична енергија од сите три друштва и одливот, а на крајот на денот сите сметки треба да се на нула. Постојат многу нејаснотии како таа банка би функционирала на домашниот пазар, дотолку повеќе што нема европски модел или искуство што би можело да се употреби, ниту домашни експерти кои се подготвени да ја преземат таа улога, велат во МЕПСО. Владиниот консултант Мајнел банка досега презентира теоретски искуства од САД, кои се целосно неприменливи за Македонија. Токму затоа МЕПСО на крајот на декември 2005 година официјално побара од домашната клириншка куќа КИБС да отвори жиро-сметка во име на МЕПСО и да ја врши привремено улогата на банка на порамнување, но од КИБС нема сў уште никаков одговор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Авион се судри со јато птици во Мумбаи
Авионот на авиокомпанијата “Емирати” безбедно слета во Мумбаи, бидејќи непосредно пред слетувањето се судри со јато фламинга. Десетици птици загинаа од ударот на авионот, соопшти авиокомпанијата.
Боинг 777 кој летал на релација Дубаи-Мумбаи се судрил со јато фламинга, а се проценува дека имало околу 300.
Како што потврди портпаролот на компанијата „Емирати“ за Ројтерс, авионот слетал безбедно и сите патници се добро, пренесува РТС.
„Во инцидентот е оштетен авионот. Повратниот лет на овој авион кој требаше да лета за Дубаи е откажан“, изјави портпаролот на компанијата.
Европа
Лидерот на опозицијата во Британија: Изборите се шанса да се стави крај на хаосот на владата на Сунак
Кир Стармер, лидерот на британската опозициска Лабуристичка партија, денеска изјави дека националните избори во јули ќе и дадат шанса на земјата да стави крај на хаосот на конзервативната влада на британскиот премиер Риши Сунак.
„Време е за промени“, им рече Стармер на своите приврзаници откако Сунак објави дека изборите ќе се одржат на 4 јули, објави Ројтерс.
Британскиот премиер Риши Сунак претходно денеска потврди дека националните избори во Британија ќе се одржат на 4 јули.
Сунак додаде дека кралот Чарлс III одобрил распуштање на парламентот и дека изборите ќе се одржат на 4 јули.
Ројтерс претходно објави дека Сунак најавил дека изборите ќе се одржат во втората половина на годината.
Свет
Нетанјаху: Објавата на Ирска, Шпанија и Норвешка за признавање на Палестина „награда за тероризам“
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ја осуди најавата на Ирска, Шпанија и Норвешка дека наскоро ќе ја признаат независна Палестина како „награда за тероризмот“ и нагласи дека Тел Авив останува решен кога е во прашање победата во Појасот Газа.
Во изјавата, Нетанјаху изјави дека 80 отсто од Палестинците на Западниот Брег „го поддржуваат масакрот извршен од Хамас на 7 октомври“, пишува „Тајмс оф Израел“.
„На ова зло не смее да му се даде земја. Тоа ќе биде терористичка држава. Ќе се обидат да го повторат масакрот од 7 октомври, а ние нема да се согласиме на тоа“, рече тој.
Израелскиот лидер нагласи дека „наградата за тероризмот нема да донесе мир“ и дека одлуката на овие земји да ја поштедат Палестина нема да го спречи Израел да го победи Хамас.
Норвешка, Шпанија и Ирска најавија претходно денеска дека ќе ја признаат палестинската држава на 28 мај.
Како што рече ирскиот министер за надворешни работи Мајкл Мартин, Ирска планира да ја признае палестинската држава врз основа на нејзините граници од 1967 година, кои ги вклучуваат Газа, Западниот Брег и Ерусалим како главен град и на Израел и на Палестина.