Свет
Бучко вели доцна е судиите да се тргнат од изборниот процес
Наспроти предложените алтернативи во новите изборни закони од Министерството за правда, во кои нема место за судиите во изборните органи, премиерот Бучковски најави дека тие на следните избори сепак ќе останат, и тоа на чело на изборните комисии
ПУ-ПУ НЕ ВАЖИ НОВИОТ ИЗБОРЕН ЗАКОНИК НА МЕРИ
Наспроти предложените алтернативи во новите изборни закони од Министерството за правда, во кои нема место за судиите во изборните органи, премиерот Бучковски најави дека тие на следните избори сепак ќе останат, и тоа на чело на изборните комисии
Главните новини што се обиде министерката за правда Мери Младеновска – Ѓорѓиевска да ги внесе во новиот изборен законик, кој треба да донесе фер и демократски избори, најверојатно ќе паднат во вода. Пред Нова Година таа на брифинзите објасни дека прави длабок рез со новите решенија, со тоа што предлага варијанта судиите комплетно да се тргнат од изборниот процес, бидејќи се под влијание на политичките партии што ги предлагаат. "Главна дилема е дали воопшто во изборниот процес да учествуваат судиите. Дали судиите да останат на пониско ниво, во општинските изборни органи, или целосно да се исклучат, а луѓе од јавната администрација да ги извршуваат изборните операции", беа размислувањата на Младеновска – Ѓорѓиевска. Вчера, премиерот Владо Бучковски ја реши дилемата на Мери за судиите и рече дека судиите не само што ќе останат во изборниот процес на следните, парламентарни избори, туку и ќе си ги задржат позициите – претседатели на изборните комисии.
"Предоцна е судиите да се тргнат од изборниот процес. Но, кога зборуваме за професионализација на избирачките органи, најбитно е да се договориме да ги тргнеме претставниците на партиите од избирачките одбори. Ако околу тоа се согласиме, се ќе оди многу полесно", смета премиерот.
Вчера побаравме изјава од министерката за правда во врска со поинаквите решенија што ги најави нејзиниот претпоставен, но одговор не добивме.
Бучковски вчера на отворањето на едношалтерскиот систем изјави дека очекува до средината на март годинава да биде донесен новиот изборен законик."До крајот на овој месец нема да успееме да го донесеме изборното законодавство, бидејќи е се уште во прва фаза. Мојата проценка е дека би можеле да го вратиме во Парламентот во завршна фаза како предлог изборен законик во почетокот на март. По божикните празници ќе ги почнам консулатциите со министерот за правда Мери Младеновска-Ѓорѓиевска и со претставници на опозициските партии со цел уште во првата фаза да дојдеме до решение што ќе биде надградување на препораките од ОДИХР и ОБСЕ. Притоа, ќе бидат земени предвид и дел од нашите домашни препораки", рече тој.
Според него, ако се добро подготвени, дел од опозициските партии, ќе може да се надминат различните ставови околу изборното законодавство.
"Дел од забелешките на опозицијата што јас ги слушнав значат непознавање на материјата. Треба да разговараме на експертско ниво. Политичката волја е јасно изразена. Се согласувам од името на СДСМ дека треба да најдеме компромис за избор на првиот човек на ДИК", напомена Бучковски.
На претстојните консултации со опозицијата, Бучковски рече дека ќе ги покани и претставниците на ДПА. "Ако лидерот на ДПА Арбен Џафери не дојде, нема да се откажам и повторно ќе одам во Тетово".
На прашањето дали државната администрација има капацитет за регуларно спроведување на изборите, премиерот Владо Бучковски одговори дека вработените во администрацијата се луѓе од доверба, а секој што се дрзнува да им стави етикета прави голема штета пред се за Република Македонија. (С.К.Д.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Русија: Вративме шест украински деца на нивните семејства
Руските власти во средата, по посредство на Катар, предале шест украински деца приведени во Русија на нивните роднини, објави руската државна агенција „Тасс“.
Шест момчиња на возраст од 6 до 17 години, меѓу кои и двајца браќа, беа вратени на нивните семејства во Амбасадата на Катар во Москва во присуство на претставникот на комесарот за детски прашања на Кремљ, Марија Лвова-Белова.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) води кривична постапка против неа и рускиот претседател Владимир Путин за депортација на деца.
Западот го обвинува Кремљ дека организирал депортација на илјадници малолетници од Украина.
Украина бара враќање на речиси 20.000 малолетници, кои биле „депортирани или насилно раселени“ во Русија од почетокот на рускиот напад врз Украина на 24 февруари 2022 година.
Пред повеќе од една година МКС издаде налог за апсење на Владимир Путин и Лвова-Белова за депортација на деца.
Европа
Командант на шведската армија: Путин го сака островот Готланд, ако нападне, почнува војна со НАТО
Рускиот претседател Владимир Путин го сака шведскиот остров Готланд, предупреди шефот на шведското Министерство за одбрана, Микаел Биден.
Готланд, најголемиот остров во Шведска, споредлив по големина со Род Ајленд, е стратешки лоциран во средината на Балтичкото Море, помеѓу Стокхолм и руската ексклава Калининград.
Руското Министерство за одбрана објави план за проширување на територијалните води во Балтичкото Море, што предизвика меѓународна загриженост.
„Сигурен сум дека Путин со двете очи гледа во Готланд. Целта на Путин е да ја добие контролата над Балтичкото Море“, рече Биден, врховен командант на вооружените сили на Шведска.
„Ако Русија ја преземе контролата во Балтичкото Море, тоа би имало огромно влијание врз нашите животи – во Шведска и сите други земји што граничат со Балтичкото Море. Не можеме да го дозволиме тоа“, рече Биден.
„Балтичкото Море не смее да стане игралиште на Путин“, додава тој.
По демилитаризацијата во 2005 година, Шведска повторно воведе постојани трупи во Готланд во 2016 година по руската анексија на украинскиот полуостров Крим. Шведска исто така стана најновата членка на НАТО во март, што значи дека е опфатена со членот 5 од алијансата, кој гарантира дека сите други членки застануваат во меѓусебна одбрана доколку бидат нападнати.
„Ако Путин го нападне Готланд, тој може да им се закани на земјите на НАТО од морето. Тоа би бил крај на мирот и стабилноста во нордиските и балтичките региони“, рече Биден.
Регион
Утре ќе биде погребан убиецот од Тузла: ги уби сопругата и двете деца, а потоа скокна од зграда
Погребот на Мујага Чичкошиќ, кој пред неколку дена во тузланската населба Ступине ги уби сопругата и двете деца со секира, а потоа се самоуби скокајќи од зграда, ќе се одржи утре, 23 мај.
Погребот ќе се изврши во 16 часот пред џамијата во Шевар, а погребот ќе биде на гробиштата во Шевар.
Чичкошиќ делото го извршил со секира, убиството детаљно го испланирал, секирата ја купил на пазар, а во креветче убил двегодишно дете.
Убил уште едно деветгодишно дете во аголот на станот. Мајката Амела се обидела да спречи сè, но не успеала.