Свет
Тајмс: Војната против тероризмот извор на корупција
Војната на САД против тероризмот во Ирак и Авганистан стана симбол на злоупотреба и корупција, ова го покажуваат резултатите од истражувањето на американскиот весник „Тајмс“.Корупција најмногу има во снабдувањето на американските сили со храна и воена опрема, кога се склучуваат договорите, вредни повеќе милијарди долари, помеѓу американски официјални лица и локални добавувачи, наведува весникот. Во моментов за злоупотреби во Ирак се водат повеќе од сто истраги, додека најмалку десет американски воени интенданти се осудени поради примање на мито од локални компании, пренесува БиБиСи. „Тајмс“ пишува дека „Војната против теророт“ донела скромни подобрувања во службите и инфраструктурата за милиони Авганистанци и Ирачани, но и огромни богатства за оние кои знаеле да ја искористат новонастанатата ситуација. Воената економија како што наведува „Тајмс“ е последица на хаотичниот и некоординираниот прилив на десетици милијарди долари секоја година во Авганистан. Весникот како пример ја посочува изградбата на патиштата и објектите кои ги добиваат западните компании, тие го собираат профитот, а изведувачките работи им ги доверуваат на локални изведувачи. Работата на тој начин оди во недоглед, а резултат на сето тоа е инфраструктура која се распаѓа за неколку месеци, истакнува „Тајмс“. Ваквата ситуација кулминира кога големите логистички конвои за снабдување на американските воени бази, кои ги организираат западните компании, за нивна реализација ангажираат локални агенции за обезбедување. Во најголем дел тие агенции им плаќаат на талибанците да не ги напаѓаат конвоите, што значи дека западните даночни обврзници индиректно ги финансираат талибанците, заклучува американскиот весник. крај/тајмс/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тајланд и Камбоџа најавија нови преговори за прекин на огнот
Тајланд и Камбоџа најавија нови преговори за прекин на огнот, откако смртоносните погранични судири влегоа во третата недела. Средбата на официјални претставници е најавена за следната недела, со цел да се постигне траен прекин на борбите, пренесе „Би-Би-Си“.
Според тајландскиот министер за надворешни работи, Сихасак Фуангкеткеов, претходното примирје од јули било „избрзано“, бидејќи САД инсистирале договорот да биде потпишан пред посетата на тогашниот американски претседател Доналд Трамп. Тој најави дека воените претставници на двете земји ќе се сретнат на 24 декември, пред евентуален нов договор. Камбоџа засега не се огласи.
Во обновените борби, кои вклучуваат артилериски напади и воздушни удари долж границата долга околу 800 километри, загинале најмалку 41 лице, а околу 900.000 луѓе биле раселени од двете страни на границата.
Ескалацијата предизвика загриженост и во регионот, при што на состанок на АСЕАН беше повикано на итно смирување на состојбата. Во посредувањето се вклучени и САД и Кина.
Судирите меѓу Тајланд и Камбоџа траат повеќе од еден век, а последното примирје, постигнато по посредство на Малезија и САД, се распадна на почетокот на декември, по што двете страни меѓусебно се обвинија за ново разгорување на борбите.
Свет
Кремљ: Путин не сака да ја освои цела Украина и да го обнови Советскиот Сојуз
Кремљ соопшти дека американските разузнавачки агенции грешат ако веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин сака да ја преземе цела Украина и делови од Европа што некогаш беа дел од поранешниот Советски Сојуз.
„Ројтерс“ минатата недела објави, повикувајќи се на шест неименувани извори, дека извештаите на американските разузнавачки агенции продолжуваат да предупредуваат дека Путин не се откажал од својата цел да ја освои цела Украина и да ги преземе деловите од Европа што некогаш беа дел од поранешниот советски блок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им рече на новинарите дека Москва не знае колку се веродостојни изворите што ги цитира „Ројтерс“.
„Ако извештајот е точен, тогаш заклучоците на американските разузнавачки агенции се погрешни. Тоа апсолутно не е вистина“, рече Песков за заклучоците на разузнавачките агенции.
Путин испрати десетици илјади војници во Украина во февруари 2022 година, а руските сили сега контролираат речиси една петтина од земјата. Некои европски и украински лидери го обвинија Путин дека има амбиции надвор од Украина.
Рускиот претседател никогаш јавно не изјавил дека сака да ја освои цела Украина, но постојано повторува дека руските сили ќе заземат поголем дел од Украина ако Киев не се согласи да го отстапи преостанатиот дел од Донбас во источна Украина, кој сè уште е под украинска контрола.
Москва го гледа проширувањето на НАТО кон исток, кое сега ги вклучува земјите од Источна Европа, кои беа дел од советскиот блок по Втората светска војна, како закана за Русија.
Путин изјави дека не сака да го обнови Советскиот Сојуз или да нападне членка на НАТО. Овој месец тој рече дека Русија не сака војна со Европа, но дека ако Европа почне војна, Русија ќе биде подготвена.
Свет
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција“: кои се приоритетите на претседавањето на Кипар со Европската Унија
Кипарскиот претседател Никос Христодулидис вчера во Лефкара ги претстави програмата и приоритетите на претседавањето на земјата со ЕУ од 1 јануари, како и логото и мотото на претседавањето.
Приоритетите на кипарското претседавање ќе бидат автономија преку безбедност, одбранбена подготвеност и спремност, автономија преку конкурентност, автономност и отвореност кон светот, автономна Унија на вредности, која никого не остава на страна, како и долгорочен буџет на автономна Унија.
Во согласност со овие приоритети, мотото на кипарското претседавање „Автономна Унија. Отворена кон светот“, како што се наведува на официјалната веб-страница на кипарското претседавање со ЕУ, го одразува визионерскиот пристап, кој ги комбинира внатрешната сила и независноста со отвореност, соработка и глобален ангажман.
Во рамките на третиот приоритет – автономна и кон светот отворена Унија – се нагласува дека проширувањето на ЕУ е во центарот на овој процес, пренесе агенцијата „Бета“.
„Од Украина до Молдавија, од Западен Балкан до Турција, проширувањето е најмоќното геополитичко средство на ЕУ. Во суштина, станува збор за проширување на нејзиниот витален простор на безбедност, стабилност и можности“, се наведува.
Претставувајќи ги приоритетите, Христодулидис изјави дека Европа и во минатото се соочувала со сложени, па дури и егзистенцијални кризи и дека морала да одговори преку развој додавајќи дека новина денес се интензитетот, плурализмот и комплексноста на предизвиците.
„Автономијата е следниот чекор во еволуцијата на проектот на европската интеграција. Потребна ни е Европа без поделби“, истакна кипарскиот претседател.
За време на своето второ претседавање со ЕУ, Кипар, како што е најавено, ќе дејствува како одговорен и чесен посредник и ќе соработува тесно со Европскиот парламент и Европската комисија, со цел предизвиците да се претворат во можности и да се обезбеди амбициите да бидат проследени со конкретни активности и опипливи резултати.
Со кипарското претседавање ќе заврши осумнаесетмесечниот програма на триото претседавања на Полска, Данска и Кипар.
На крајот на јуни в година Кипар ќе ѝ го предаде ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на Европската Унија на Ирска.
Фото: depositphotos

