Регион
Црна Гора со најмногу политичари по глава на жител
Во Црна Гора се регистрирани 55 партии, од кои 43 се активни, а за нивното дејствување со последниот закон за финансирање на политичките партии се издвоени речиси 5 милиони евра или 0,9 отсто од годишниот буџет на државата.
Според црногорските аналитичари, станува збор за сума којашто, имајќи ги предвид само половината милион гласачи, е највисок во регионот кога станува збор за парите коишто им се доделуваат на политичките партии. Меѓутоа, и тоа не е конечната бројка, бидејќи деновиве е најавено формирање на уште неколку политички субјекти, што Црна Гора ќе ја направата држава со најмногу политичари „по глава на жител“, пишуваа во понеделникот медиумите во Подгорица.
Најголем број на политичките субјекти кои наскоро ќе бидат регистрирани, се формираат со расцепувањето на опозицијата. Така од Социјалистичката народна партија (СНП), некогаш најсилната опозициска партија, веќе се одвоија две фракции кои најавуваат свое натамошно самостојно политичко дејствување, а веќе регистрираното Граѓанско движење (ГП) го основаа поранешните пратеници и функционери од партијата Позитивна Црна Гора.
Челникот на Либералната партија (ЛП), Андрија Поповиќ, оценува дека станува збор за извонредно голем број партии на „толку мал политички пазар“, како што е црногорскиот, и истакнува дека не е убеден дека тоа е добро за натамошната демократизација на Црна Гора. „Се чини дека стана профитабилно да се формираат партии. Тоа ми е единственото логично објаснување, бидејќи се случуваат и поделби на партиите често како последица на вишок од лични суети и амбиции кај поединци кои ќе придвижат група луѓе кои им се блиски, и така доаѓа до основањето на новите партии“, вели Поповиќ.
Но основањето на новите и поделбите на постојните партии најмногу, според Поповиќ, оди во полза на актуелната власт, односно на Демократската партија на социјалистите (ДПС), на Мило Ѓукановиќ, додека сите други остануваат губитници. „ДПС е хомогена и мобилна за влегување во сите изборни процеси, додека сите други се губитници“, смета Попович./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Србија прогласи вонредна состојба поради снегот: Илјадници домаќинства без електрична енергија
Србија утрово се разбуди под снег и мраз, а поради лошите временски услови, вонредна состојба е во сила во дури 11 општини и градови. Најголеми проблеми се прекините на електричната енергија, поради што повеќе од 6.000 домаќинства останаа без струја, пишува Н1 Србија.
Илјадници домаќинства без струја
Милорад Спасојевиќ од Секторот за вонредни ситуации потврди за РТС дека најголемиот проблем е прекинот на електричната енергија. „Околу 6.450 потрошувачи се без струја. Најлошо е во златиборската, колубараската, моравичката и мачванската област“, рече Спасојевиќ.
Цела Србија се разбуди со температури во минус. Најстудено беше на Копаоник, каде што беа измерени -17 степени, додека најниските температури меѓу градовите беа забележани во Кикинда и Сјеница, со -10 степени.
Според податоците од Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) од 6:09 часот наутро, во Белград, Ниш и Крагуевац се измерени -5 степени, а во Нови Сад -8 степени. На Црни Врх, каде што е регистрирана и снежна бура, температурата била -13 степени, а на Златибор -11 степени. По многу студеното утро, се очекува температурата да се зголеми на некои места во текот на денот.
Поради опасни временски феномени, утрово е во сила портокалова временска тревога за Белград, Бачка, Банат, Срем, Западна Србија, и Југозападна Србија.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)

