Регион
Давутоглу: Турција нема да ѝ се извини на Русија за соборениот авион
Никој нема да се извинува за исполнувањето на својот долг, изјави во понеделникот турскиот премиер Ахмед Давутоглу во однос на соборувањето на рускиот борбен авион над Сирија минатиот вторник.
„Заштитата на националните граници не е само право на Турција, туку и должност на нејзината влада, која јас ја предводам. Тоа е една од главните задачи на владата. Затоа никој нема право да очекува од нас извинување за тоа што го браниме својот воздушен простор“, рече Давутогли по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Брисел.
Турскиот премиер додаде дека „Турција е подготвена на отворени разговори со Русија за сложената ситуација и инцидентот со авионот, подготвена е да ги обезбеди сите технички детали во врска со инцидентот“.
Притоа истакна дека руската страна трипати била информирана „за принципите за заштита на турскиот воздушен простор“ пред инцидентот со бомбардерот „Су-24М“.
Турските воздухопловни сили на 24-ти ноември соборија руски бомбардер „Су-24М“, кој учествуваше во операција врз бунтовничките позиции во соседна Сирија, при што беше убиен еден пилот. Анкара тврди дека рускиот авион го нарушил турскиот воздушен простор, додека Москва дека нејзиниот бомбардер е соборен над територијата на Сирија каде и што се урна на околу четири километри од сириско-турската граница.
Рускиот претседател Владимир Путин очекуваше извинување поради инцидентот, кое Анкара нема намера да го даде, па откако оцени дека станува збор за еден вид предавство од земјата која Русија ја сметала за пријателска и оти е акт на „поддржувачите на тероризмот“, издаде указ со кој се воведуваат одредени санкции кон Турција./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Додик не го признава геноцидот во Сребреница: „Ќе однесеме цвеќе, ако не навредува никого“
Во четвртокот, лидерот на Србија во Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изрази подготвеност да го посети Меморијалниот центар Поточари во Сребреница и да положи цвеќе на заедничкиот споменик подигнат во спомен на масакрот на Бошњаците за време на војната, но тој повторно негираше дека таму имало геноцид.
Во интервју за новинската агенција на Република Српска, претседателот Додик најави дека владата и целото раководство на овој ентитет ќе заседаваат во Сребреница на 2 мај 2024 година, кога ќе се одржи дискусија пред Обединетите нации и се очекува гласање за Резолуција за осуда на геноцидот во тој град во летото 1995 година.
Резолуцијата е поддржана од дваесет земји, меѓу кои САД, Обединетото Кралство и Германија и се очекува нејзино усвојување. Целта е да се интернационализираат страдањата на Бошњаците во Сребреница.
Водечките српски претставници од Белград и Бања Лука, претседателите Александар Вучиќ и Милорад Додик, тврдат дека ова е обид да се префрли вината на српскиот народ.
„Република Српска нема да ја прифати резолуцијата за Сребреница за која ќе се одлучува во Генералното собрание на ОН бидејќи се што е напишано во неа е лага. Босна и Херцеговина не може да живее врз основа на тоа дека едната нација во неа е оквалификувана како геноцидна“, рече Додик.
Сепак, тој изрази подготвеност да им оддаде почит на жртвите од масакрот во Сребреница.
„Ако ни се укаже можност, на 2 мај ќе однесеме венци во Поточари, ако тоа не навреди никого. Не се плашам дека би можел да завршам како Вучиќ, кој дојде да им оддаде почит на жртвите, изрази сочувство, а доби камен во главата и никој не одговараше за тоа“, истакна Додик.
Тој смета дека Резолуцијата за Сребреница сепак нема да го добие потребното мнозинство на седницата на Генералното собрание на ОН.
Регион
Двајцата осомничени за убиството на малата Данка испратени во Специјалната затворска болница
Двајцата осомничени Срѓан Јанковиќ и Дејан Драгијевиќ денеска се испратени во Специјалната затворска болница во Белград на психијатриско вештачење, пишува „Телеграф“.
Во написот медиумот пишува дека осомничениот Дејан Драгијевиќ (50) деталите за убиството на детето ги изнесе во Вишото јавно обвинителство во Заечар. Сепак, тој не сакаше да открие каде го оставил телото на Данка.
Срѓан Јанковиќ (50) не зборувал за делото.
Во Вишото јавно обвинителство во Заечар биле сослушани и родителите на Данка, Ивана и Милош, кои, како што се наведува, опишале како течел денот кога исчезнала ќерка им.
Додека давале исказ, во иста просторија седеле и осомничените за убиството на детето.
Пред рочиштето исказ за „Телеграф“ дал таткото на убиената Данка.
„Смртната казна не им е доволна, треба да бидат во затвор до крајот на животот. Тоа се чудовишта, она што постојано го доживуваме не се опишува. Тоа може да го разбере само родител. Неколкупати ни дојде полиција, ѝ зедоа разни работи на Данка, ништо не знаеме, ниту за крвта на патот ниту во автомоблилот, ништо. Не ни е јасно зошто не се јавиле во итната помош, зошто не помогнале, но го направиле ова што го направиле. Тоа што јас и Ивана постојано страдаме е страшно, разни луѓе ни се јавуваат, нѐ навредуваат, ни ја префрлаат вината. Морав да побарам да го сменам бројот, не можеме повеќе. Кога сѐ ќе заврши, ќе кажеме сѐ“, рече тој.
Регион
Воз налета на пешак: трагедија кај Стара Пазова
Вечерва околу 19:15 часот брз воз налетал на пешак на брзата пруга Нови Сад-Белград.
Несреќата се случила меѓу станиците Инѓија и Стара Пазова.
Засега не се знае точно како дошло до несреќата, а полицијата врши увид на лице место.
Информирани се сите надлежни служби, пишуваат српските медиуми.