Daily news
ЛДП: Наместо 72 милиони евра, инвеститорот на ВМРО-ДПМНЕ за пет години не вложи ниту едно евро во Дрисла
По 11 години владеење, ВМРО ДПМНЕ се сети на проблемот со управување со отпадот. Покрај ова, не треба да се заборави дека ВМРО ДПМНЕ е на власт долги години и во најголем број општини. Во Македонија постојат 54 депонии од кои, само една – депонијата Дрисла, покрај Скопје, исполнува мал дел од предвидените национални стандарди – велат од Либерално-демократската партија.
Оттаму потсетуваат дека во 2005 година, кога министер за животна средина и просторно планирање беше членот на ЛДП, д-р Зоран Шапуриќ, во консултација со домашни и со европски експерти беа усвоени плански документи со кои се предвидува решавање на депонирање на отпадот преку изградба на регионални депонии и со поттикнување на општините да изградат регинални депонии со здружување на сите свои потенцијали.
„Оттогаш, за 11 години апсолутно владеење ВМРО ДПМНЕ не покажа никаков интерес за решавање на овој проблем и само неколку дена по заминување во опозиција, преку демагошки пристап, товарот го префрла на новата реформска влада. Либерално-демократската партија потенцира дека единствено што направи ВМРО ДПМНЕ за овој период е предавање на депонијата Дрисла на управување на странската компанија, која се обврза да вложи 72 милиони евра во модернизација на депонијата преку изградба на низа постројки за современа преработка на отпад и набавка на нова механизација.
Згора на ова, за да овозможи поуспешно работење на странската компанија, пред склучување на договор за отстапување за управување со депонијата, градот Скопје реализираше набавка на механизација и се обврза да изгради современа постројка за согорување на медицински и други видови опасен отпад.
Наместо ветените инвестиции од 72 милиони евра, по пет изминати години оваа странска команија не изгради ниту една од ветените постројки за пред-третман и преработка на отпад и не набави никаква механизација, депонирајќи го отпадот на ист начин како и пред склучување на договорот, со посветеност на остварување профит. Медицинскиот отпад и понатаму се согорува во инсталација со прастара технологија, која не е во согласност со ниту еден утврден стандард, согласно националната регулативата и регулативата на ЕУ.
Во оваа пригода ЛДП ја повикува ВМРО ДПМНЕ, наместо демагошки пристап, како конструктивна опозиција да пристапи кон решавање на проблемите на депонирање на отпад и да влијае врз своите градоначалници за забрзување на изградба на регионални депонии преку меѓу општинската соработка“, се вели во соопштението на ЛДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.