Uncategorized
Анкета на Фактор плус: ВМРО-ДПМНЕ со околу 4 отсто предност пред СДСМ
Коалицијата За подобра Македонија којашто ја предводи владејачката ВМРО-ДПМНЕ има предност од 4-процeнтни поени пред коалицијата предводена од СДСМ, покажува анкетата „Политички барометар – декември 2016“, која во неделата ја објави агенцијата Фактор Плус Адриа од Белград.
Истражувањето на јавното мнение во Македонија е извршено во периодот од 28-ми ноември до 2-ри декември врз репрезентативен примерот од 1.200 испитаници кои биле анкетирани телефонски.
На прашањето на која политичка партија би ѝ го дале својот глас, од сите анкетирани, 27,6 отсто од испитаниците се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, додека 23,1 процент се определиле за поддршка на опозициската СДСМ. Следува Коалицијата за промени и правда со 6,1 отсто, Коалицијата ВМРО за Македонија со 1,3 отсто.
Во албанскиот кампус, ДУИ е во предност со 6,2 отсто, пред ДПА со 4,4 отсто, а движењето БЕСА има поддршка од 1,0 отсто од испитаниците.
На ова прашање за „друга опција“ се определиле 5 отсто, не знаат за кого ќе гласаат 9,3 отсто, нема да гласаат 8,6 проценти, а одбиле да одговорат 7,4 отсто.
Кога станува збор за одговорите на само определените испитаници, редоследот е идентичен но со променети проценти. Така, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Никола Груевски добила 32,8 отсто поддршка, додека коалицијата на СДСМ на чие чело е Зоран Заев има 27,5 отсто. Кај македонските партии коалицијата што ја предводи Павле Трајанов – Коалиција за промени и правда добива на ова прашање поддршка од 7,3 отсто, а Коалицијата ВМРО за Македонија водена од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски има поддршка од 1,5 проценти.
Кај албанските партии, ДУИ на Али Ахмети има 7,4 отсто, ДПА на Мендух Тачи – 5,2 проценти, а движењето БЕСА водено од Билал Касами добило 1,2 отсто поддршка.
Дека уште не знае за кого ќе гласа одговориле 11,1 отсто од гласачите кои рекле дека ќе учествуваат на изборите на 11-ти декември. За друга опција се изјасниле 6 проценти.
На овие две прашање му претходат одговорите на прашањето „дали ќе гласате на претстојните вонредни парламентарни избори“, притоа 63 отсто одговориле со „да“, 13 проценти рекле дека нема да гласаат, 10 отсто одбиле да оговорат, а 14 отсто уште не донеле одлука дали ќе излезат на гласачките кутии./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Uncategorized
Вработена во МВР наплатувала по 15.000 евра за лажно посредување за социјален стан
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 41-годишна вработена како аналитичар во СВР Скопје која е осомничена за продолжено кривично дело измама според член 247 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Од април 2023, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, осомничената довела во заблуда три лица, на кои лажно им се претставила како началник во полициска станица Гази Баба и член на Комисија за доделување социјални станови.
На трите оштетени невработени лица им ветувала дека ќе им посредува да добијат социјални станови во Лисиче по цена пониска од реалната, наведувајќи ги да и исплатат по 12.000 евра за стан и 3.000 евра за посредување и изготвување документација.
Парите и ги давале во повеќе наврати, а при последната исплата на 12.500 евра, во близина на полициската станица, била затекната веднаш по предавањето на парите.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрана за напуштање живеалиште, обврска повремено да се јавува кај службено лице во судот и одземање на патната исправа.
Uncategorized
Сончево и топло со мала до умерена облачност, попладне нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне наместа, особено во северните делови ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 14, а максималната ќе достигне од 24 до 29 степени.
Во Скопје сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, а ќе има и услови за краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 27 степени.
Во следните денови ќе се задржи топло време, но во попладневните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови процесите да бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со силен ветер, интензивен пороен дожд и изолирана појава на град.
Uncategorized
Претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде претежно облачно и посвежо со повремени врнежи од дожд. Попладне наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 20 л/м2), локално поројни и проследени со грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд, особено попладне кога во делови од котлината ќе бидат поројни. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 18 степени.
До четврток ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со повремени врнежи од дожд и ретка појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец (над 60 км/час). Пораст на температурата се очекува кон крајот на седмицата.