Контакт

Анализи

Шеста препорака од ЕК за одржување на евроинтеграциите во живот

Објавено пред

Како и во претходните пет години, Македонија есенва очекува нова шеста позитивна препорака од Европската комисија (ЕК) за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија (ЕУ), нешто што се случува во континуитет изминатите години но без финалниот резултат – отпочнувањето на самите преговори.
 

dobivaj vesti na viber

Како и во претходните пет години, Македонија есенва очекува нова шеста позитивна препорака од Европската комисија (ЕК) за почеток на пристапните преговори за членство во Европската унија (ЕУ), нешто што се случува во континуитет изминатите години но без финалниот резултат – отпочнувањето на самите преговори.

 

 

Годинашниот извештај ќе биде и последниот од овој состав на Европската комисија предводена од претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Баросо и од задолжениот еврокомесар за изработка на овие извештаи, Штефан Филе. Внатрешните политички турбуленции во Македонија оставија простор за сомнеж околу епилогот на овој извештај по македонските евроинтеграции, но сепак е далеку од тоа дека земјата треба да очекува негативна препорака или пак одземање на препораката.

 

Според аналитичарите, дискутабилно е каква ќе биде формулацијата на Европската комисија во својот најнов извештај, но она што е потребно е продолжување на дијалогот на релација Скопје – Брисел, дали преку Пристапниот договор на високо ниво (ХЛАД) или пак преку некој нов механизам.

 

 „Ќе треба да видиме каква формулација ќе најде Европската комисија затоа што моментот е чувствителен, односно дали ќе може да продолжи да функционира и да комуницира понатаму со Владата. Такво нешто се случи и во времето кога започна ХЛАД, и сега Комисијата вели дека тогаш се соочиле со можна затворена врата од Владата и неможност да комуницираат. Ако велиме дека тоа е слично, и сега веројатно ќе направат некоја формулација којашто ќе биде доволно јасна но во јазикот на извештајот и на бирократијата на Комисијата“, смета Андреја Стојковски од Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

 

Самата судбина на ХЛАД по заминувањето на еврокомесарот Филе останува во неизвеснот, а како што најави македонскиот вицепремиер за евроинтеграции, Фатмир Бесими, одлуката околку тоа дали Комисијата ќе продолжи да комуницира со македонските власти на овој начин ќе зависи од новиот состав на ЕК и новиот еврокомесар за соседство и пристапни преговори, Јоханес Хан.

 

Отсуството на македонската опозиција од Собранието секако дека само ги отежнува работите, а македонските власти со ова се исправени пред уште еден предзивик во патот кон ЕУ, покрај веќепостоечките проблеми со Атина и Софија.

 

Според Стојковски, она што би можело да и помогне е и еден меѓувремен извештај на ЕК, кој би содржел јасни критериуми и насоки за тоа што Македонија во текот на следната година треба да го исполни.

 

„Би требало за размислуваме за меѓувремен извештај, којшто ќе процени дали државата ќе треба да ги започне преговорите, исто како што беше пред неколку години. Советот расправаше на Самитот во јуни и одлучи така како што одлучи, меѓутоа овојпат треба да имаме строго утврдени критериуми и клучни приоритети коишто ќе мора да се исполнат. Едниот од нив е дека мора да почне да работи Собранието, но не по секоја цена“, вели Стојковски.

 

 

Стагнацијата која Македонија очекувано ја доживеа за време на грчкото претседателство со ЕУ во периодот од јануари до јули годинава, остави големи очекувања за напредок за време на моменталното италијанско претседателство, кое е на средината од својот шестмесечен мандат.

 

 Европските избори и формирањето на новиот состав на Европската комисија го оттргнаа фокусот од процесот на проширувањето на Унијата со земјите од западен Балкан, а дополнително и најавите од новиот претседател на Комисијата, Жан-Клод Јункер дека за време на неговиот петгодишен мандат Унијата нема да добие нова земја членка, иако демотивирачки, оставаат простор за Македонија да ги надмине своите внатрешнополитички турбуленции, но и да направи исчекор во проблемите кои во моментов се причината за застојот во евроинтеграции – спорот за името со Грција и потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија./крај/мф/бс

 



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ2 часа

Во тешка сообраќајка попладнево загина маж, а тешко повредено е 18-годишно момче

Во директен судир на две патнички возила попладнево околу 14 часот на експресниот пат Штип – Велес загинал  маж, а...

Свет4 часа

Зеленски бара акција откако Москва изврши над 4.000 напади за една недела врз Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја повика меѓународната заедница да преземе акција, по една недела во која биле извршени повеќе...

Свет5 часа

Папата Лав дели дека договорот за примирје во Газа даде искра на надеж во Светата земја

Папата Лав Четиринаесетти изјави дека договорот за примирје во Појасот Газа „даде искра на надеж во Светата земја“. Тој ова...

Македонија8 часа

Фатени шверцери на луксузни автомобили, ОЈО Скопје бара притвор

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против три лица за кривични дела – Криумчарење и Фалсификување исправи. Како што се...

Свет12 часа

Над 500.000 лица се вратиле во градот Газа откако стапи во сила прекинот на огнот

Агенцијата за цивилна заштита на Газа, која е под контрола на Хамас, соопшти дека повеќе од 500.000 лица се вратиле...

Македонија1 ден

Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во...

Топ1 ден

18 килограми злато украле разбојниците снимени додека ја ограбуваат златарницата во Гостивар

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека од златарницата во Гостивар се украдени околу 18 килограми злато во вредност од...

Свет1 ден

Крипто пазарот доживеа историски пад, 1,4 милиони инвеститори во паника

Крипто пазарот доживеа историски пад во петокот, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе 100-процентни царини на кинескиот...

Македонија1 ден

Сиљановска Давкова по повод 11 Октомври: Да ја сочуваме визијата и храброста на оние што тргнаа во востанички марш

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, упати честитка до граѓаните по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, нагласувајќи...

Македонија1 ден

Од утре гужви на границите со новиот систем за влези и излез, ги објавуваме сите детали за што сè треба да се подготват патниците

По неколку одлагања, од утре на премините на надворешни граници на Шенген зоната започнува постепената примена на новиот европски дигитален...

Македонија1 ден

Осомничениот раководител во РЕК доби затворски притвор, куќниот е укинат поради можност за бегство

Предлогот на Основното јавно обвинителство Битола е прифатен од Кривичниот совет на Основниот суд во Битола и на осомничениот сопственик...

Македонија2 дена

(Видео) Шукова: План и решенија за Гази Баба да стане мотор на развој на Скопје

„Оваа општина има огромен потенцијал. Но наместо да биде мотор на развојот, стана илустрација за стагнација“ – порача Каја Шукова...

Спорт2 дена

Белгија удри во македонскиот ѕид – Фудбалерите освоија бод во Гент

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра без голови во Гент, против Белгија, во квалификациите за пласман на Светското првенство во САД,...

Македонија2 дена

(Видео) Филипче: Мицкоски од уста не ме вади

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина во Ѓорче Петров, рече дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан...

Македонија2 дена

Мицкоски до Филипче: Професионално ли е што судот на Марковски за стомилионски криминал му дава куќен притвор?

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се обрати од народниот митинг одржан во општина Богданци, во рамки на изборната кампања 2025...

Македонија2 дена

Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за...

Топ2 дена

Шест уапсени по вчерашната тепачка пред угостителски објект во Скопје

На 09/10.10.2025 полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода С.С.(23), М.З.(24), А.Ѓ.(42), И.М.(33), М.З.(55) и Б.Р.(29), сите од...

Македонија2 дена

Застреланиот лекар Шаини ја брани сопругата: Ги отфрлам тврдењата дека зад ова стои госпоѓата Арјета Ајдини

Застреланиот лекар Зекирија Шаини ги отфрли како неосновани и невистинити тврдењата дека неговата сопруга Арјета Ајдини е вмешана во вооружениот...

Македонија2 дена

Српски државјани добија забрана за влез во земјата и парична казна од 4.000 евра за шверц на цигари, биле уапсени во Скопје

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда врз основа на спогодба од Основното јавно обвинителство Скопје против двајца државјани на Република...

Македонија2 дена

Поликлиника во Расадник со пари од унгарскиот кредит најавија Ѓорѓиевски и Стаменкоска-Трајкоска

По триесет години празни ветувања, поликлиниката во Расадник станува реалност, кажаа денес актуелниот градоначалник на Кисела Вода и кандидат за...