Контакт

Анализи

Истражување: Студентите јадат кравјо сирење како затворениците, но поскапо за половина од цената

Објавено пред

Затворениците во казнено поправната установа, затворот во Прилеп јадат кравјо сирење коешто се набавува по цена од 160 денари за килограм, додека студентите кои живеат во студентскиот дом „Пелагонија“ јадат, исто така, кравјо сирење, но по цена од 234 денари за килограм произведено од „Здравје Радово“, покажува истражувањето на организацијата „Центар за граѓански комуникации“ (ЦГК) за индексот на рационалност.

dobivaj vesti na viber

Затворениците во казнено поправната установа, затворот во Прилеп јадат кравјо сирење коешто се набавува по цена од 160 денари за килограм, додека студентите кои живеат во студентскиот дом „Пелагонија“ јадат, исто така, кравјо сирење, но по цена од 234 денари за килограм произведено од „Здравје Радово“, покажува истражувањето на невладината организација „Центар за граѓански комуникации“ (ЦГК) за индексот на рационалност.

По споредбата на цените за кравјо сирење набавено на тендери во повеќе институции и државни органи утврдено е дека меѓу највисоката и најниската цена постои разлика од цели 46 проценти. Претпоставувате дека најскапото кравјо сирење купено со државни пари е за студентите, а најевтиното кравјо се „мези“ во прилепскиот затвор.

Студентскиот стандард и условите во студентските домови по пожарот во „Гоце Делчев“ како и лошите затворски услови се чести теми во јавноста, па така скапата цена на кравјото сирење за студентите остана запоставена тема наспроти поефтиното кравјо сирење кое се служи во затворот во Прилеп. Огромните разлики во јавните набавки на производите коишто се гледаат во истражувањето фрлаат сомнеж врз институциите дека не работат домаќински и не ги трошат рационaлно парите на граѓаните. Ова е само покарактеристичен пример од истражувањето за индексот на рационалност што го спроведе ЦГК. Во повеќето од јавните набавки во истражувањето забележани се разлики во цената на исти производи набавени од различни институции. Не станува збор за мали разлики, туку во некои споредби разликите за набавка на ист производ се движат и близу 500 проценти. Сите интитуции кои набавиле најскапи производи и коишто ги контактираше Макфакс тврдат дека работат домаќински и дека во истражувањето не се земени во предвид квaлитетот на услугите или стоките коишто се набавуваат, прашуваат по која методологија е направено истражувањето и дека тие не можат да го контролираат пазарот кога на тендерот ќе се пријави само еден понудувач.

Не успеавме да стапиме во контакт со директорот на „Пелагонија“, Бујар Муртезани, но на фиксниот телефон којшто е оставен како контакт на официјалната интернет страница на Домот разговаравме со вработена во Домот којашто сакаше да остане анонимна. Таа ни објасни дека во мензата и бифето каде што јадат студентите, се користи мешано сирење од канта коешто го набавуваат по цена од 156 денари за килограм додека кравјото сирење го набавиле од „Здравје Радово“ по цена од 234 денари за килограм за во студентската продавница во домот, каде студентите купуваат со бонови. Како што ни изјави вработената, овчото сирење е поскапо, а и студентите повеќе го купувале кравјото сирење, па затоа набавиле такво. Но, сепак, оттаму велат дека студентите имаат избор, дали да го купат сирењето од продавницата или не.

Во бизнисот важи правило поголема количина може да ја спушти цената. Но ова правило не важи во конкретниот случај, затоа што „Пелагонија“ иако набавила илјада килограми кравјо, го платила најскапо. Поскапо било дури и од кравјото сирење набавено на ЈЗУ Клиника за максилофацијална хирургија која млечниот производ откако им пропаднал тендерот (никој не се пријавил на тендерот за набавка на 72 килограми) го купила во малопродажба од продавница во кругот на клинички центар. Клиниката платила 5 денари поефтино сирење (229 денари/килограм) иако набавувала директно од продавница и во мало количество.

Според невладината ЦГК, „Пелагонија“ е единствената институција која применила критериум за избор „економски најповолна понуда“ каде цената носела максимални 50 бода, квалитетот 30 бода, а техничките карактеристики 20 бода. Сите останати институции изборот го правеле врз основа на критериумот „најниска цена“.

Двете институции, затворот во Прилеп и Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ Скопје (187 денари за кг кравјо сирење) на спроведените тендери добиле повеќе понуди и спровеле негативно наддавање на цените преку е-аукција. „Пелагонија“ добила само една понуда и немало услови да спроведе е -аукција.

Според истражувањето на ЦГК, „Пелагонија“ со еден тон набавено сирење е второпласирана институција по набавено количество зад Клиничката болница во Битола којашто набавила 2.600 килограми сирење за 190 денари по килограм (44 денари поефтино од Пелагонија Најмалку сирење, 72 килограми набавила Клиниката за максилофацијална хирургија од продавницата во клиниката малку поевтино од она што го набавил стидентскиот дом. Ова доведува до заклучокот дека наспроти економската логика, врз цените не влијаеле купените количини, се вели во истражувањето на ЦГК.

Колкави се разликите при набавката за одржување на лифтови, набавка на ГПС уреди, обрасци за сметки?Службата за општи и заеднички работи на Владата за одржување на еден лифт годишно плаќа 9.256 денари, додека ЈЗУ Здравствен дом Скопје за тековно одржување на еден лифт плаќа за 222 отсто повисока цена отколку најниската или 29.783 денари, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Според ЦГК, вака големата разлика може само делумно да се објасни со бројот на лифтови за чие одржување се склучени договорите. Службата за општи и заеднички работи на Владата склучила договор за одржување на 30 лифтови, а ЈЗУ Здравствен дом Скопје за само три лифта.

Службата за општи и заеднички работи на Владата навистина склучила договор за одржување на најголем број лифтови, но останатите институции вклучени во истражувањето, одржуваат ист или помал број лифтови од Здравствениот дом. Така ЈУ Завод за заштита и рехабилитација – Бања Банско, Струмица плаќа 12.823 денари за одржување на еден лифт, а има склучено договор за одржување на три лифта. ЈЗУ Завод за нефрологија – Струга има склучено договор за одржување на два лифта, додека Управата за хидрометеоролошки работи плаќа 22.656 денари за одржување на еден лифт. Исто така, Службата за општи и заеднички работи добила две понуди и спровела е-аукција за намалување на цените, додека Здравствениот дом Скопје добил само една понуда. Но, е-аукција не е спроведена ниту во тендерот на ЈУ Завод за заштита и рехабилитација – Бања Банско, Струмица чија цена е во групата со пониска цена од просечните, додека, пак, Управата за хидрометеоролошки работи иако спровела е-аукција има добиено една од повисоките цени.

Но од ЈЗУ Здравствен дом Скопје велат дека треба да се проучат и другите договори и да се види дали и другите институции ги добиваат истите услуги за одржување на лифтови, оти одржувањето лифтови не значи само да се санира дефект, туку континуирано одржување на лифтовите.

„Многу е битно што се подразбира под зборот одржување на лифтот, дали одржувањето е само санирање на дефект или одржувањето е секој месец да се направат одредени активности според технички прописи на одржување на лифтови. Треба да се проучат и договорите, а не да се гледа само цената. За 2012 година ние имавме тендер и се јавија два економски оператора. Се спроведе електронска аукција и истите дојдоа до нула денари вредност и ние ја поништивме постапката. Што ќе одржува со нула денари, 0,18 денари така нешто беше, која е поентата на тоа. Цената е ниска, а квалитетот на услугата до кај ќе оди?! Нас ни се битни и цената и квалитетот, не лифтот да падне па некој да загине“, вели Зоран Симоновски, од Комисија за јавни набавки на здравствениот дом.

Според него, на истражувањето на ЦГК му фали кавлитативна анализа, тој прашува дали има статистичар во тимот и дали има хомогенизација на податоците што се анализираат.

„Тие треба да ги анализираат сите тие договори и да видат што опфаќа услугата. Купувам услуга да видам дали лифтот оди нагоре и надоле или, пак, да се проверат сајли и сé останато. Имаме позитивни технички прописи за одржување на лифтови, тоа има излезено во службен весник, што сé треба да содржи одржувањето на лифтовите, треба да се испита дали сите институции опфатени со истражувањето, се придржуваат кон тоа. Тендерот не завршил само со склучување на договорот, цената се оправудва и преку годишното извршување на услугата. Никој нема таква анализа, а тоа е многу битно“ вели Симоновски.

Најголема е разликата во цените што ги плаќаат локалните јавни претпријатија за печатење на образец за сметки што им ги доставуваат на граѓаните и фирмите, плаќаат од 0,65 до 3,54 денари за еден образец. Произлегува дека за парите што ЈКП Водовод – од населба Илинден ги плаќа за еден образец за сметка, ЈП Водовод и канализација – Скопје купува пет обрасци за сметки. Но, во врска со оваа набавка директорот на ЈКП Водовод – Илинден, Тони Здравковски вели дека цената е многу повисока, бидејќи тие од еден образец А4 формат печатат по три сметки. Високи цени за образец за сметки платиле и ЈПКД Комуналец Гевгелија, 1,77 денари, ЈПКД Комуналец Струмица 2,78 денари, ЈП Камена река – Македонска Каменица, 2,89 денари.

Се купувале и ГПС уреди со големи разлики во цените, покажува истражувањето на ЦГК. ЈСП Скопје за еден ГПС уред и негова инсталација платил 6.406 денари, додека Македонски Железници Транспорт платиле 19.337 денари за еден ГПС уред и негова инсталација. ЈСП Скопје купила и најмала количина на ГПС уреди, шест додека МЖ Транспорт купила најголемо количество – 30 уреди.

Иако во истражувањето се наведува дека добавувачите на уредите за сателитско следење на возилата кои биле консултирани констатирале дека не постои разлика во уредите купени за возила (општина Аеродром, ЈП Охридски Комуналец, ЈП Македонска Радиотелевизија), автобуси (ЈСП Скопје) или, пак, локомотиви (МЖ Транспорт), од Транспорт велат дека уредите се специфични.

„Уредите се специфични, бидејќи напонот на струјата којшто го имаат локомотивите не е ист како на автомобилите. Можеби е најскапа, но ние не ги понудуваме на пазарот, се јавија две компании, ‘ВИП’ и ‘Геонет’. Цените не ги диктираме ние, ги диктира пазарот. И нам ни одговара пониска цена. Во случајов ЈСП Скопје може има уреди кои се инсталираат без мапи, има многу основи за споредба. Не може да се споредуваат системи кои се ралзични, има некои кои се фиксни. Нашите уреди требаше да се инсталираат во локомотиви, да мерат потрошувачка во реално време и да прикажуваат потрошувачка и да биде нон стоп достапна“, велат од МЖ „Транспорт“.

Договорот го склучиле на 24 месеци со ВИП којшто имал поповолна понуда. Според тој договор, требало да се набават 30 уреди по цена од 19.337 денари или 16.387 без ДДВ. Понудата на ВИП била 1.043610 денари без ДДВ заедно со одржување. Но овој договор најверојатно ќе биде раскинат, бидејќи како што велат од компанијата кога почнале да ги инсталираат уредите, од ВИП почнале да доставуваат фактури кои не соодвејствуваат со реалната ситуација и дополнителни трошоци коишто не се наведени во понудата. Спроведена е електронска аукција, но ниедна од компаниите не ја намалила цената.

Првпат во индексот на рационалност се појавила и категорија каде нема разлика во цените при набавката на одредени услуги или стоки. Здравствените институции ги купувале РТГ филмовите за рентген снимки од неколку различни добавувачи, во различни количини, но по идентична цена.

Институциите да ги трошат народните како сопствените пари

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, вели дека треба да се работи уште многу за да се обезбеди подомаќинско трошење на јавните пари.

„Високите разлики во цените по кои државните институции купуваат сосема исти производи и услуги, на овој единствен и мал пазар како нашиот, при примена на сосема ист закон, укажуваат дека треба да се работи уште многу за да се обезбеди подомаќинско трошење на јавните пари. Се наметнува потребата државните институции подобро да ги планираат набавките, подетално да го истражуваат пазарот пред да ги објавуваат тендерите и да избираат пристап што ќе гарантира подомаќинско работење. Токму индексот на рационалност е замислен како показател кој на државните институции треба да им послужи во таа насока. Од државните институции не се очекува да ги купуваат ниту најевтините, ниту најскапите производи, услуги и работи, туку да обезбедат најдобра вредност за потрошените пари. Односно, при трошењето на туѓите, односно народните пари, да се однесуваат исто така како кога купуваат за дома и кога трошат сопствени пари“, вели Филков.

Од друга страна, пак, од Бирото за јавни набавки (БЈН) велат дека ваквите истражувања коишто ги спроведуваат разни организации се секогаш корисни за системот на јавни набавки, но треба да се има во предвид методологијата којашто ја користеле овие организации за да додјдат до определени резултати.

„Тоа се поединечни случаи чии резултат не може да го генерализираме како појава за целиот систем. Цената која ја добиваат како крајна цена е цена која набавувачите ја добиле во редовна постапка која била објавена на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) за која информација добиле сите економски оператори кои се регистрирани на системот. Со транспарентното објавување на огласите не можеме така лесно да ја потврдиме тезата дека тоа е еден вид корупција. За секој поединечен случај треба да се направи детална анализа. Цените се разликуваат (на пример, набавка на сирење), кое количество се набавува, карактеристиките на предметот на набавка, условите за способност, дали се барале банкарски гаранции итн. Сиве овие услови треба да се исти кај сите набавувачи за да правиме споредби во делот на цената. Сепак, повторно ќе нагласам дека ваквите анализи се секогаш добредојдени за БЈН и за дебати кои треба почесто да се присутни во јавноста. Јавноста во јавните набавки е зголемена и тоа треба да го потенцираме сите ние кои работиме на оваа област“ вели директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богоева Мицовска.

Конкуренцијата во јавните набавки всушност е клучен предуслов за да може да дојде до најдобрата вредност за потрошените пари. Богоева Мицовска вели дека појавата кога има само една понуда или само една прифатлива понуда при што редовна е-аукција не може да се спроведе, бидејќи не е обезбедена конкуренција, ќе биде надмината со последната измена на Законот за јавните набавки, со нов модул ќе биде надграден Електронскиот сиситем за јавни набавки каде ќе се даде можност понудувачите да ја дадат својата конечна цена.

Филков, пак, вели дека прописите и досега не беа пречка за обезбедување на поголема конкуренција на набавките, туку потребна е промена во начинот на примена на законот.

„Настојувањето да се обезбеди конкуренција во набавките е клучен предуслов за да може да дојде до најдобрата вредност за потрошените пари (best value for money). Токму ова, се чини, дека е клучен проблем во јавните набавки во нашата земја кој, потоа, генерира и други проблеми. Последните законски измени одат во насока на обезбедување на предуслови за поголема конкуренција, но за постигнување на тие заложби потребна е и промена во начинот на примена на законот, односно на спроведувањето на јавните набавки. Прописите и досега не беа пречка за обезбедување на поголема конкуренција во набавките“ вели Филков.

Корупцијата во јавните набавки

Според последната анкета на агенцијата „Рејтинг“, Државната комисија за спречување на корупцијата и ОБСЕ, за корупцијата во локалната самоуправа, најголем дел од граѓаните – 45,1 отсто, сметаат дека корупцијата во локалната самоуправа е најмногу присутна при вработувањето, 25 отсто сметаат дека корупцијата најмногу е присутна при работата на инспекциските служби и корупцијата, додека 22 отсто сметаат дека корупцијата е најмногу присутна при доделувањето на јавните набавки од страна на општината. И покрај нашата упорност, сепак не успеавме да добиеме одговори од претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Ѓорѓи Сламков, иако му испративме и прашања преку електронската пошта на портпаролот на Комисијата, Антонија Андонова. И по повеќе од две седмици не добивме одговори на прашањата колку корупцијата е присутна во системот на јавните набавки, колку жалби годишно стигнуваат до ДКСК за јавните набавки и дали Комисијата има покренато кривични иницијативи за незаконист при спроведувањето на јавните набавки. Официјално, според судската статистика, кај нас јавните набавки се беспрекорно чисти затоа што не се евидентирани пресуди за ова кривично дело.

„Злоупотребата на службената положба со јавни набавки е квалифицирано кривично дело за кое е пропишана висока казна затвор, но кое како и да не постои, затоа што во практиката не се применува“, вели претседателката на невладината оганизација „Tранспаренси Интернешнел Македонија“, Слаѓана Тасева.

Според неа, голем проблем е тоа што постојат развиени мрежи и шеми за изигрување на постапките за јавни набавки.„Тие често се состојат од однапред договорени цени, однапред утврдени добавувачи, соработка на разни учесници во тендерите кои се појавуваат само за дададат легитимитет на она што ќе се случува до крајниот договор. Затоа цените се високи и набавките несоодветни“, додава Слаѓана Тасева.

За директорката на БЈН, транспарентноста е првата мерка која е клучна во борбата со корупцијата. „Доказ за нашата посветеност на ова поле е дека Република Македонија е лидер во регионот за користење на е- набавки и е-аукции. Дополнително и приватниот сектор треба да го следи трендот на развој на системот за јавни набавки, односно да доставуваат комплетни понуди согласно сите пропишани услови во тендерската документација за да може да се добија споредливи понуди“, вели Богоева Мицовска.

Со задолжителната е-аукција, спореднеа, согласно податоците од годишниот извештај на БЈН за 2012 година е остварена заштеда од 13 отсто или апсолутна заштеда од 2.680.501.017 денари (или преку 43.000.000 евра) сметано како разлика помеѓу почетната цена на е- аукцијата (најниската цена од сите понуди кои се претходно евалуирани и прифатени за учество во електронската аукција) и крајната цена на е-аукцијата односно вредноста на склучениот договор – кај аукциите со критериум најниска цена, додека кај аукциите со критериум економски најповолна понуда сметано како разликата од сопствената почетна цена и цената по аукцијата на понудувачот со најповолна понуда.

„Најновата измена на Законот за јавните набавки, ќе предизвика одредени подобрувања на ЕСЈН. Конкретно задолжително ќе се прикачува тендерската документација со секој објавен оглас, ќе се објавува проценетата вредност на предметот на набавката со што на понудувачите ќе им биде достапен податок кој е важен во дефинирањето на својата понуда, ќе се овозможи дополнителен чекор кај е-аукциите во случај кога има доставено само една понуда или останала само една прифатлива понуда, понудувачите да ја дадат својата конечна цена, со што ќе се намали бројот на поништувања на постапките и ќе се намали бројот на постапките со преговарање“, вели Богоева Мицовска.

Кај нас сé уште нема анализи дали дали една иста компанија често се јавува како набавувач на продукти за јавните институции. Податоците од Централниот регистер не се поврзани со податоците од Електронскиот систем за јавни набавки за да се види дали која фирма или поединец, колку и колкави договори за јавни набавки склучиле.

„Ова постои во некои земји, дури и членки на ЕУ. Зачестеното јавување на една фирма како снабдувач на државни институции, самото посебе не претпоставува постоење проблем, но секогаш треба внимателно да се анализира. Некогаш ваквите случаи можат да значат дека таа фирма е поконкурентна од другите, но некогаш дека станува збор за фаворизирање. Во таква ситуација треба да реагираат институциите, како што е Комисијата за заштита на конкуренцијата, на пример“, вели Филков.

Сепак, од истражувањето на ЦГК произлегува дека институциите многу повеќе се грижат да ја запазат формата во спроведувањето на постапките за јавни набавки отколку и навистина, преку законски пропишаните процедури, да настојуваат да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари./крај/мф/фф

*Сторијата е реализирана со финансиска поддршка од ЦИН СКУП Македонија



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет19 минути

Трамп објави повеќе номинации за челните позиции во неговата идна администрација

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, најави нова серија назначувања во неговата претстојна администрација. Поранешниот финансиски менаџер на...

Свет3 часа

Зеленски: Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Украина работи на развој на нови видови воздушна одбрана за да се спротивстави...

Свет3 часа

Мелони: Налогот за апсење на Нетанјаху ќе биде тема на Г7, Израел и терористите не се исто

Италија планира да го разгледа налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на претстојниот...

Свет13 часа

Путин: Не постои средство за пресретнување на ракетата „Орешник“

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека ракетниот систем „Орешник“ не е средство за масовно уништување, туку високо прецизно оружје...

Македонија17 часа

Сиљановска-Давкова ја прими Шекеринска: Единството меѓу носителите на највисоките функции е клучот за успехот на државата

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими Радмила Шекеринска за да ѝ го честита изборот на функцијата заменик-генерална секретарка на...

Македонија18 часа

Силниот ветер предизвика штети во Штип: оштетен покрив на училиште, паднати дрвја на повеќе локации

Силен ветар оштети дел од покрив на средното електро-машинско училиште во Штип, а дрво падна и во непосредна близина на...

Македонија18 часа

Град Скопје: Во Шуто Оризари нема јавен превоз поради советничката група на ВМРО-ДПМНЕ

Македонија повторно станува заробена режимска држава во која граѓаните се злоупотребуваат како потрошен материјал на политичките партии за наметнување на...

Македонија18 часа

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања – младите излегоа на протестот за проблемите со градскиот превоз

Студентите и средношколците не смеат да трпат поради партиски препукувања, беше една од пораките кои студентите ги упатија на денешниот...

Македонија19 часа

Курто Дудуш ја обвини Арсовска за расизам и дискриминација: „Пишува ли на автобусите на ЈСП ‘забрането за Роми’“

Градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, на денешниот протест за јавниот превоз упати повеќе барања до градоначалничката Данела Арсовска,...

Македонија21 час

За лекарски прегледи се чека и со месеци, а стотици термини останале празни оти граѓаните не дошле: „Ако не можат, нека откажат преку СМС“ – апелираат надлежните

Граѓаните што не може да го искористат закажаниот „Мој термин“ во јавното здравство, преку СМС-порака да го откажат за да...

Топ22 часа

Скопјанка на 69-годишна возраст е жената што загина по удар на автомобил во Чаир

Шеесет и деветгодишна жена, со иницијали Н.П. од Скопје е починатата по ударот на автомобил во Чаир, објави МВР. Несреќата...

Македонија1 ден

Почувствуван земјотрес во Македонија

Утрово е регистриран земјотрес со јачина од 2,10 степени според Рихтер во Македонија. Според првите информации од ЕМСЦ, епицентарот е...

Македонија1 ден

(Видео) ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија, велат од Левица

„На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, постави прашања за кои јавноста чека одговор...

Македонија1 ден

СДС со примитивни методи во Собранието го активира насилникот и пудлицата на Венко, Апасиев, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче и СДС тотално се изгубија на политичката мапа по катастрофалниот пораз и последните анкети каде рејтингот им е...

Свет1 ден

Унгарија го поддржа Нетанјаху: Одлуката на Меѓународниот кривичен суд е апсурдна

Министерот за надворешни работи на Унгарија ги критикуваше налозите за апсење на Меѓународниот кривичен суд за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху...

Европа1 ден

Украинскиот парламент ја одложи седницата, на пратениците им е кажано да ги држат своите семејства подалеку од владиниот кварт на Киев

Украинскиот парламент ја одложи седницата што требаше да се одржи денеска поради безбедносни причини, јави јавната телевизија Суспилнe, повикувајќи се...

Свет1 ден

Ким Џонг-ун ги нападна САД: Никогаш не сме биле толку блиску до термонуклеарна војна со Јужна Кореја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-Ун ги обвини САД за провокации и ескалација на тензиите, велејќи дека Корејскиот Полуостров никогаш не се...

Топ2 дена

Деветнаесетгодишна девојка го управувала автомобилот со којшто беше усмртена жената во Чаир

Деветнаесетгодишна девојка (А.Џ.) управувала со автомобилот „сеат алтеа“, со којшто попладнево беше прегазена жената во скопската населба Чаир којашто почина...

Скопје2 дена

Студентите на протест поради јавниот превоз, бараат и набавка на нови автобуси и велосипедска инфраструктура

Универзитетското студентско сообрание (УСС-УКИМ) за утре, 22 ноември, најавува протест поради проблемите со јавниот превоз што ќе се случува од...

Топ2 дена

Трагедија вечерва во Чаир: Загина жена, ја прегази автомобил

Жена загина во скопската неселба Чаир, кога во неа удрил автомобил со скопски регистерски ознаки. Според информациите од СВР Скопје...