Анализи
Откриен изворот на информациите за следењето на интернет мрежите во САД
Поранешен припадника на американската централна разузнавачка агенција CIA и вработени во Националната безбедносна агенција NSA му открил на британскиот весник The Guardian доверливи информации за американската програма за надзор на комуникациите за да ја алармира јавноста околу она што се прави во нејзино име, објави во неделата весникот.
Дваесет идеветгодишниот Ерик Сноуден кој за ултратајната Националната безбедносна агенција NSA работел како вработен на контракторот компанијата за безбедносни прашања и обезбедувања „Booz Allen Hamilton“ во разговорот објавен на онлајн страницата на весник од Хонгокон, каде што се наоѓа до 20-ти мај, изјавил дека нема намера да се крие, бидејќи знае дека не сторил ништо лошо. Притоа електронското издание ан The Guardian го објави и видео разговорот со Едвард Сноуден со откриено лице.
Американските власти покренаа истрага за да откријат кој ги пренел откритијата коишто ги објавија минатиот четврток весниците The Guardian и The Washington Post, а Сноуден призна дека смета оти нема да може да се врати во татковината од Хонгонг каде шти сѐ уште се наоѓа.
„Единствената цел ми е да ги информирам луѓето за она што се прави во нивно име и она што се презема против нив“, вели Сноуден за The Guardian.
Вели дека иако живеел многи лесен живот на Хаваите, на 20-ти мај ја напуштил компанијата и одлетал за Хонгконг пред откривањето за истекувањето на информациите. „Подготвен сум сѐ да жртвувам, бидејќи не можам да дозволам на американската валда да го уништи приватниот живот, слободата на интернетот во светот со огромниот систем за надзор кој тајно го гради“, вели Сноуден.
Пред три седмици тој копирал тајни документи во канцеларијата на NSA на Хаваи каде што работел и му рекол на својот шеф дека му се потребни неколку седмици за лекување од епилепсија, пишува весникот ноќта кон понеделникот.
Минатата седмица The Guardian и The Washington Post го разоткрија постоењето на две тајни програми на агенцијата NSA за следење на комуникациите. Една се однесува на собирање податоци за телефонски повици од 2006 година во САД која ја водел операторот „Verizon“, меѓутоа најверојатно и другите телефонски оператори. Втората програма пресретнувала интернет комуникации на двете големи компании за корисници коишто живеат надвор од САД.
Во една од белешките што ги придружува документите коишто Сноуден ги предал на весникот, тој вели дека е „свесен дека ќе настрада поради својата активност. Повторува дека тоа го сторил за да го разобличи она што го прави владата на САД под изговор дека е загрижена за националната безбедност.
Снодуен вели дека ретко ја напушта собата во хотелот во Хонгконг. Стравува дека кинеските власти може да го екстрадираат во САД, меѓутоа истовремено верува дека властите на Хонгконг „ја поддржуваа слободата на говорот“.
Како што пишуваа минаата седмица The Guardian и The Washington Post, Американската агенција за национална безбедност (NSA) и Федералното биро за истраги FBI директно се споени на главните сервери на деветте водечки интернет компании, што на разузнавачите им овозможува прегледување на електронската пошта, фотографиите и другите документи преку коишто можат да следат поединци и нивните контакти. Високо доверливата антитерористичка програма PRISM досега не беше јавно позната.
Како што се наведува во текстот објавен во The Washington Post, во оваа програма се вклучени глобалните играчи од американската Силиконска долина, како Microsoft, Yahoo, Google, Facebook, PalTalk, AOL, Skype, YouTube и Apple.
Оваа вест беше објавена истовремено и со написот на британскиот дневен весник The Guardian во кој се наведува дека американската влада собира снимки од телефонски разговори на милиони американци во рамките на борбата против тероризмот.
Високиот функционер на американската администрација изјави дека информациите собрани преку владината програма за набљудување, којашто ги користи серверите на интернет компаниите, се однесуваат исклучиво на не-Американци коишто живеат надвор од САД. Законот овозможува собирање податоци преку оваа програма и не дозволува цел да биде американски државјанин или лице коешто се наоѓа на престој во САД, изјавил неименуваниот функционер.
„Таа програма неодамна ја одобри Конгресот по опсежна расправа. Информациите собрани со програмата меѓу најважните и највредни разузнавачки информации коишто ги прибираме и се користат за заштита на нашиот народ од различни закани“, истакнал фунцкионерот.
Во соопштенијата коишто ноќта кон петокот ги објавија компаниите Google, Apple, Yahoo и Facebook, се демантира дека владата на САД има „директен пристап“ до нивните сервери.
„Google води голема грижа за безбедноста на нашата база на податоци. Податоците за корисниците ги откриваме на владата во согласност со законот и сите такви барања ги разгледуваме многу внимателно. Одвреме навреме се појавуваат приказни дека на владата сме и’ овозможиле ‘заден влез’ во нашите системи, меѓутоа Google нема ‘заден влез’ за пристап на владата до приватните податоци на корисниците“, се наведува во соопштението на компанијата Google.
„Заштита на приватност корисници и нивните податоци е највисокиот приоритет на Facebook. На ниедна владина агенција не и’ дозволуваме директен пристап на серверите на Facebook. Кога на Facebook ќе му пристигне барање за податоци или информации за некој поединец, ние внимателно разгледуваме дали тие се во согласност со законот и даваме информации само во оној обем којшто го наложува законот“, изјави во соопштение директорот на компанијата, Џо Саливен.
Раководството на компанијата Verizon вети дека ќе ги заштитат личните податоци на корисниците, но истакна дека треба да се почитуваат судските одлуки.
„Ние не ја коментираме точноста на статијата во The Guardian или горенаведените документи, но оваа приказна има голем број важни точки, како актуелното судско решение коешто ги вклучува фразите ‘Verizon е должен да одговори’, ‘на компанијата ѝ се забранува да го објавува налогот’“, се наведува во материјалите коишто раководството на операторот ги испрати на своите вработени и ги објави на Twitter.
„Компанијата постојано презема чекори за заштита на податоците на клиентите. Сепак, законот предвидува дека федералниот суд може, под одредени околности, да ја принуди да обезбеди информации. Ако ние сме добиле таков налог, тогаш сме требале да го извршиме“, нагласуваат челниците на Verizon.
Според пишувањето на The Washington Post, програмата е започната во 2007 година во мандатот на поранешниот републикански претседател Џорџ В. Буш и значително била проширена во времето на актуелниот демократски претседател Барак Обама.
Весникот, исто така, напомна дека поседува копии од дијапозитивите за операцијата „Силиконска долина“, наменети за вишите аналитичари во Агенцијата за национална безбедност. Во нив новото оружје се опишува како најплодниот извор на информации за дневниот брифинг на претседателот во кој минатата 2012 година податоците од PRISM биле цитирани 1.477 пати.
Интернет компаниите свесно учествуваат во програмата и на еден од дијапозитивите на Агенцијата за национална безбедност (NSA) се наведени по редот по којшто и’ пристапувале на програмата почнувајќи од Microsoft во септември 2007 година и завршувајќи со Apple во 2012 година.
Весникот The Washington Post тврдеше и дека копиите од PowerPoint презентацијата за програмата PRISM, како и други материјали, ги добил од разузнавач кој сакал да го открие она што го смета за грубо кршење на приватност на луѓето.
„Таа информација, за којашто станува збор во написот (во The Guardian) е важен инструмент за заштита на нацијата од терористичките закани, бидејќи им овозможува на антитерористичките единици да ги идентификуваат контактите на осомничените, особено на територијата на САД“, изјави за медиумите портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.
Според Ернест, наредбата на судот не им дозволува на властите да ги прислушуваат разговорите, туку само овозможува да добијат податоци за броевите и времетраењето на повиците. Ернест потенцира дека собирањето на информациите е легализирано со федералниот закон од 2001 година.
„Разузнавачката заедница спроведува одобрена од судот разузнавачка активност во согласност со законот, со знаење и под надзор на Конгресот“, вели претставникот на Белата куќа.
Активностите на американското разузнавање го контролираат министерството за правда, канцеларијата на директорот на националното разузнавање и специјалниот суд, додава Ернест.
То уверува дека американскиот претседател Барак Обама ја поздравува дискусијата за изнаоѓање баланс меѓу граѓанските слободи и безбедност. „Меѓутоа, тој има намера да ги искористи сите достапни алатки за да ја осигури безбедноста на Соединетите држави“, вело Ернест.
Меѓутоа ставот на администрацијата на претседателот Барак Обама не го споделуваат заштитниците на човековите права. Една од водечките американски невладини организации Американската унија за граѓански слободи (ACLU) го критикуваше собирањето информации за повиците на милиони телефонски претплатници. „Тоа е програма во чиишто рамки неискажлив број невини луѓе биле подложени на постојан надзор од страна на владините агенти“, вели заменик-директорот за правни работи на ACLU, Џамил Џафер.
Според него, сегашната ситуација е полоша отколку во книгите на Џорџ Орвел, кој во антиутопискиот роман „1984“ го опишува системот на целосната контрола над граѓаните.
Прислушувањето на телефонските повици во САД од страна на тајните служби беше едно од најконтроверзните прашања за време на поранешниот американски претседател на Џорџ Буш помладиот. Федералниот закон усвоен по нападите од 11-ти септември 2001 година, познат како Патриотскиот акт, им дозволува на американските разузнавачки агенции без одобрение на судот да преземаат акции на прислушувања на странски државјани кои се наоѓаат вон американските граници, осомничени за тероризам или за шпионажа.
Еден од авторите на овој документ, републиканскиот конгресмен Џим Сенсенбренер е навреден од активностите на сегашната администрација. „Како автор на Патриотскиот акт, длабоко сум загрижен од тоа како FBI го интерпретира овој закон. Добивањето податоци за повиците на милиони невини луѓе е чин на пречекорување и е не-американски“, вели конгресменот.
Републиканецот Пол Кук побара спроведување истрага за случајот. „Оваа мрежа за надзор ги надминува границите на овластувањата, востановени со Патриотскиот акт. Неопходно е темелно да се испита што се случува“, изјави за американските медиуми конгресменот.
Сенаторот Ранд Пол ги нарече дејствијата на властите – кршење на уставот./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Анализи
Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?
Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.
Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.
Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.
Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.
Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.
Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.
Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.
Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.
Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.
Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.
Анализи
СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја
Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.
Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.
Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.
Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.
Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.
Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.
„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.
Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.
Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.
Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.
Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев
Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.
Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.
Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.
Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.
Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.
„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.
Сомнежи за перење пари преку кипарски банки
Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.
Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.
Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.
Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.
„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“
Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.
Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.
„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.
Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.
Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.
За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.
Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.
На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.
Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.
Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.
Анализи
Политиката го подели СЈО на табори
„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.
Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.
Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.
Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.
Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.
Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.
Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.
Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.
Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.
Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.
Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.
Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.