Контакт

Анализи

Век подоцна Турција не се помирува со договорот Сајкс-Пико

Објавено пред

Гневот поради договорот познат во историјата како Сајкс-Пико, со кој Велика Британија и Франција ги поделиле интересните сфери на урнатините од некогашното Османлиско царство и натаму, едно столетие подоцна, е важен фактор во надворешната политика на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

dobivaj vesti na viber

Договорот, којшто во тајност го потпишале на 16-ти мај 1916 година во екот на Првата светска војна тогашните британски и француски дипломати Марк Сајкс и Франсоа Пико ги разграничил интересните сфери на Блискиот исток, тогаш сé уште под власт на веќе начнатата Османлиска империја, и во голема мера придонело за обликувањето на денешните граници на современите блискоисточни држави Сирија, Либан, Ирак и Израел.

Откако Мустафа Кемал Ататурк ја основа во 1923 година модерната турска република, државата се откажа од османлискиот империјализам и се посвети на градење силна земја во сопствените граници. Меѓутоа, она што сега им пречи на западните сојузници на Турција е тоа што Партијата на правдата и развојот (AKP) на претседателот Реџеп Тајип Ердоан откако дојде на власт во 2002 година, во својата надворешна политика стана поамбициозна и настојува да го зголеми турското влијание во поранешните области под османлиската власт, од Босна до Саудиска Арабија.

Турското раководство, коешто критичарите го обвинуваат за таканаречениот „неосманлизам“ и никогаш не ги сокриваше своите презирања кон договорот со кој, како што тврди Анкара но и другите престолнини на Блискиот исток, се создадени вештачки бариери меѓу муслиманските земји, а Турција е ускратена за природната зона на влијание во регионот.

Турција отсекогаш се противеше на договорот Сајкс-Пико, бидејќи смета дека таа спогодба на западните империјалисти го поделил нејзиниот регион и ги раздвоил градовите и областите кои природно биле поврзани и соработувале меѓу себе. Анкара истакнува дека Лондон и Париз цртајќи ги границите кои немаат врска со стварноста го поделиле областите, реките, долините и, во прв ред, населението во регионот.

Турција, исто така, забележува дека востанијата од ткн Арапска пролет со кои во 2011 година беа сменети повеќето децениски автократски владетели од земјите во северна Африка и Блискиот исток, ги оневозможиле турските планови за создавање зона на слободна трговија со Сирија, Либан и Јордан, што би требало да ги поништи негативните ефекти на споменатиот британско-француси договор. Анкара смета дека турските непријатели сега работат на создавање на „нов договор Сајкс-Пико“ делејќи ги Сирија и Ирак.

Велика Британија и Франција во текот на 1915 година, предвидувајќи го неизбежниот крај на Османлиското царство, во тајност ја договориле поделбата на неговата територија на Блискиот исток, според кој Лондон го добил мандатот во денешните Палестина, Јордан и Ирак, а Франција во Сирија и во Либан.

Иако до 1922 година многу пати бил прекројуван, договорот кој го носи името според потписниците, дипломатите Сејкс и Пико, се смета за причината за поделбите во арапскиот свет, иако дел од историчарите сметаат дека таквата оцена е сепак претерана.

И турскиот претседател Ердоган често говореше против договорот Сајкс-Пико, и го смета за причинител на сите немири на Блискиот исток. „Секој судир во регионот е скициран пред сто години“, рече во мај годинава турскиот челник. За Ердоган особено негативен е ликот на Томас Едвард Лоренс, британски офицер во историјата познат како Лоренс од Арабија кој всушност го водел арапското востание против османлиските властодршци во текот на Првата светска војна, и го нарекува „англиски шпион преправен во Арапин“.

„Сајкс-Пико е во реториката на актуелното турско раководство добар аргумент за подгревање на одбојноста кон ‘западните неправди и враќањето на украдената победа’. Власта тие граници ги смета за вештачки. Мисли дека тие ја ограничуваат или дури и дека ѝ го радата турското историско наследство“, изјави неодамна политикологот Сезин Онеј од Анкарскиот универзитет.

На почетокот од сирискиот конфликт, алавитскиот (шиитски) претседател на Сирија, Башар ал-Асад, го предупреди Ердоган дека ќе доживеат крах неговите „постимперијални“ амбиции, барајќи го неговото соборување од власта, и оти учествувала преку тајните служби во предизвикувањето на сирискиот бунт на тамошната сунитска опозиција и исламистички групации кои во изминатите повеќе од пет години толку зајакнаа, како Исламската држава на пример, што претставуваат закана и за самата Турција, Анкара, исто таа, користи воени сили и во судирот во Ирак. Таквата стратегија се враќа како бумеранг, бидејќи Асад и натаму останува на власт, а Турција станува цел на исламистичкиот екстремизам. Покрај тоа, и во Сирија и во Ирак, зајакнаа курдските милиции, кои можат да претставуваат потенцијална голема закана за Анкара којшто повторно влезе во жесток судир со забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).

Турција очигледно сакаше по неуспешниот силен економски влез во регионот да биде и воено присутна, но резултатите особено во случајот на Сирија, се особено неповолни во случајот на Сирија.

Останува да се види дали во следните месеци, откако Ердоган успеа да ги премости големите недоразбирања со Израел и со Русија, и по ненадејното заминување на Ахмет Давутоглу од премиерската должност пред некој месец, кој значително ја обликуваше турската надворешна политика, ќе има промени во турската дипломатија. На Западот се скептични во тој поглед, велејќи дека иако Давутоглу е креаторот на таквата политика, Ердоган сето тоа го аминувал./крај/мф/сн

Извор: Макфакс

Анализи

Силјановска vs Пендаровски: Кој добива, а кој губи во битката на социјалните мрежи и медиумите?

Објавено пред

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова најмногу се спомнуваат во медиумите, а најмалку се популарни меѓу твитерџиите. Во негативен контекст почесто е споменувана Силјановска на социјалните мрежи „Феjсбук“ и „Твитер“, но и во медиумите.

dobivaj vesti na viber

Ова го покажа првата сентимент-анализа на истражувачкиот центар на „Макфакс“, која се изработуваше во периодот од 1 до 9 април годинава. Процесот на изработка на анализата е базиран на компјутерски алгоритми и има задача да одреди во каков контекст (многу негативен, негативен, неутрален, позитивен или многу позитивен) е напишан одреден текст или дел од текстот.

Преку системот беа анализирани 220 медиуми, како и објавите и коментарите на над еден милион корисници на „Фејсбук“ и твитовите од 300 илјади профили. Тестирањата на платформата покажaа дека користените технологии даваат резултат со точност поголема од 80 проценти.

Според анализата, имињата на Силјановска-Давкова и на Пендаровски почесто се споменуваат во медиумите отколку на социјалните мрежи „Твитер“ и „Фејсбук“. Во првите девет дена од месецот тие биле споменати вкупно 3.515 пати. На „Фејсбук“ биле споменати речиси двојно помалку, а најмалку биле споменувани на „Твитер“.

Силјановска, според оваа анализа, најмногу била спомената на веб-порталите „Република“, „Курир“, „Инфомакс“ и на „Прес 24“, а Пендаровски на „Прес 24“, „Макпрес“, „24 инфо“ и на „Вечер“. Од инфографикот може да се види комплетната слика за тоа во кој медиум биле најмногу застапени двајцата претседателски кандидати.

Во однос на контекстот на споменување во медиумите може да се заклучи дека постои тесна разлика меѓу Силјановска и Пендаровски, иако кандидатката зад која стои опозициската ВМРО-ДПМНЕ предничи со негативните коментари.

Па, така, во многу негативен контекст Силјановска била спомената 201 пат, а Пендаровски 136 пати. Ако таа била спомната 914 пати во негативен контекст, Пендаровски во истиот контекст бил спомнат 778 пати. Тој предничи и во однос на неутралните спомнувања во медиумите, а Силјановска предничи во однос на позитивните споменувања. Тесна е разликата меѓу многу позитивните конотации, во кои биле ставени двајцата претседателски кандидати на кои се однесува анализата, во која за 8 споменувања предност има Пендаровски.

Според податоците од аналитичкиот центар на „Макфакс“, претседателскиот кандидат Пендаровски е попопуларен од Силјановска во однос на бројот на споменувања. Во многу позитивен или позитивен контекст меѓу твитерџиите тој е споменат 231 пат, а Силјановска 201. Во однос на тоа дали кандидатите се споменати во негативен или многу негативен контекст за нијанса води Силјановска, која е спомената 401 пат, а Пендаровски 389.

Слична ситуација може да се види и на „Фејсбук“, каде што Пендаровски има предност во однос на бројот на споменувања. Ако Силјановска била спомената 481 пат во многу негативен или во негативен контекст, Пендаровски е споменат 429 пати. Кај претседателскиот кандидат зад кој стои СДСМ поголем е бројот на позитивни или многу позитивни споменувања на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Според сето ова, Силјановска има поголема вредност на вкупниот сентимент во негативен контекст на социјалните мрежи и во медиумите од Пендаровски. Важно е да се потенцира дека не станува збор за анкета што ги мери гласовите за кандидатите, туку за начинот на кој тие се прикажани и коментирани во интернет-просторот. Истражувачкиот центар на „Макфакс“ на почетокот на кампањата за претседателските кандидати спроведе анкета.

Целосната методологија за начинот на изработката на сентимент-анализите на истражувачкиот центар на „Макфакс“ е достапна на следниот линк.

Прикажи повеќе...

Анализи

СЈО со детали: Како Камчев и Мијалков ги переле парите градејќи империја

Објавено пред

Злосторничко здружение, кое функционирало повеќе од 8 години, од 2009 година, кога биле отворани и затворани фирми, перени милиони и милиони евра, биле менувани сопственици, бил купуван огромен имот, отворани фирми на офшор-дестинации за еднократна употреба, префрлувани пари преку кипарски банки, а потоа овие испрани пари влегуваат како основачки влогови за да формираат македонски фирми.

dobivaj vesti na viber

Вака накусо може да се опише случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство (СЈО), каде што, меѓу другите, осомничени се едни од највлијателните луѓе во земјата, бизнисменот Орце Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Три месеци по почнувањето на истрагата, обвинителството излезе со детали за еден од најобемните предмети за кој засега е утврдено дека се испрани речиси 11 милиони евра.

Истрагата е проширена за „Графички центар“ и за „Медија принт Македонија“ (МПМ), извршени се претреси во фирмите, осомничените се испрашани и собрани се докази.

Соработката меѓу Македонија и Кипар е воспоставена, па сега, конечно, на виделина излегуваат и имињата на оние што се криеле зад офшор-фирмите преку кои се переле пари.

Од крајот на јуни до крајот на октомври 2018 година некои од осомничените од „Империја“ биле под посебни истражни мерки.

„Мијалков не беше под посебни истражни мерки, Камчев многу внимателно зборуваше по телефон, но не и другите осомничени“, велат од СЈО.

Без разлика како ќе се одвива понатаму истрагата за „Империја“, со оглед на тоа што статусот и истрагите на СЈО сè уште се неизвесни, оттаму велат дека собрани се речиси 90 отсто од доказите за случајот да може да продолжи понатаму.

Злосторничкото здружение се распаѓа кон крајот на 2017 и почетокот на 2018 година кога осомничените почнуваат да земаат кредити за да се раздолжат, но тоа не значи дека тука завршуваат и нивните поединечни активности.

Под лупа на СЈО е и фирмата поврзана со семејството Мијалкови, „Бест веј инвестмент“, формирана веднаш по обеледонувањето на таканаречените бомби во 2015 година, чиј сопственик е синот на Сашо Мијалков, Јордан. СЈО истражува како се ширел бизнисот и како оваа фирма успева да заработи огромни суми и да стекне голем имот само за три години работа. „Бест веј инвестмент“, ако во 2016 година имала приходи од 816 илјади евра, во 2017 година веќе приходите ѝ растат на 9,6 милиони евра, што само покажува дека независно кој е на власт, бизнисите на Мијалков работат со полна пареа.

Краен сопственик на мистериозната „Ексико“ бил Камчев

Натписот на поштенското сандаче на улицата Иван Милутиновиќ во Скопје сведочи за постоењето на „Ексико“, чие сопствеништво е скриено

Центарот на истрагата за „Империја“ се познатата офшор-фирма „Ексико“ и бизнисменот Орце Камчев.

Истрагата утврдила дека зад првата фирма-мајка на „Ексико“, „Делта инвестмент“ од Белизе, всушност се крие таткото на Орце Камчев, Илија. Од оваа фирма, која поседуваше акции во големи акционерски друштва, а се јавуваше и како еден од сопствениците на атрактивните плацови на Водно, досега сите креваа раце и демантираа дека стојат зад неа.

Истрагата на СЈО утврдила дека по Илија Камчев, набргу како краен сопственик фигурирал и поранешниот директор на македонски „Телеком“, Жарко Луковски, а кога сопствеништвото на фирмата се сели во Америка, односно сопственик станува извесна „Калвус ЛЛЦ“ (Calvus LLC) од САД, крајниот сопственик е всушност Орце Камчев.

Од оваа американска фирма кон „Ексико“ се влеваат 1,6 милион евра како прилив, а дел од овие пари завршува на личната сметка на Камчев, додека со дел се купувани имот и земјиште во Гевгелија, на кое понатаму е предвидено да се градат казина.

Подоцна, а и до ден-денеска, сопственик на „Ексико“ е фирмата со швајцарски капитал „Т&МЈ инвестмент“ од Лугано, Швајцарија, фирма зад која оперативните сознанија покажале дека краен сопственик е член на семејството Мијалкови. Од швајцарската фирма кон македонската „Ексико“ немало никаков прилив или одлив на пари.

„Ексико“ не е единствената фирма преку која функционирало ова злосторничко здружение. Колку за пример, во истатата 2009 година офшор-компанијата „Хоспитал менаџмент груп ЛЛЦ’ од Кипар ја основа клиничката болница „Систина“. Понатаму, оваа компанија го продава имотот на друга офшор-компанија од Панама. „Орка холдинг“ го купува уделот од панамската, па повторно ѝ го продава на „Систина“, со што фактички Камчев внесува удел од „Хоспитал менаџмент“ од Кипар во Македонија.

Сомнежи за перење пари преку кипарски банки

Преку кипарски банки парите влегуваат во земјата

Значаен дел од истрагата на СЈО за „Империја“ има и фирмата „Финзи“ – истата фирма за која во таканаречените бомби можеше да се слушне дека одела набавката за опрема за следење интернет-комуникации за МВР. Министерството, додека на чело на УБК беше Мијалков, наместо директно да ја набави изреалската опрема за прислушување, тоа го правела преку „Финзи“. Во текот на истрагата за случајот самоубиство изврши директорот на „Финзи“, Коста Крпач, во април 2016 година.

Сега истрагата за „Империја“ повторно допира до „Финзи“, фирма основана од „Финзи ЛЛЦ“ во САД. Краен сопственик на оваа компанија, според СЈО, повторно е Орце Камчев.

Во неколку наврати од „Финзи ЛЛЦ“ преку кипарска банка кон македонската „Финзи“ биле исплатувани 650.000 евра. Во тоа време, односно во 2009 година, директор на „Финзи“ во Македонија е Владислав Стајковиќ, брат на Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер за информатичка технологија во МВР.

Овие пари понатаму влегуваат како основачки влог во „Систина кардиологија“, фирма што подоцна е преименувана во „Си-Фи-Кар“ („Систина“, „Финзи“, “Кара“). Во 2012 година, според СЈО, кога парите веќе се испрани, американската мајка-фирма се затвора и се отвора нова фирма, во која Крпач влегува како директор, а на истата сметка легнуваат парите од израелската донација за опрема за прислушување.

„Не купуваат компании за да работат со нив, туку за да извлечат што можат“

Орце Камчев и Сашо Мијалков, клучните играчи во „Империја“

Многу компании, офшор, стотици папки со документи и изјави од сведоци содржи еден од најобемните предмети на СЈО – „Империја“. Од она што беше претставено пред новинарските екипи, неизбежен е заклучокот дека од досегашната истрага и собраните докази станува збор за класични примери за сомнежи за перење пари пред кои надлежните институции со години молчеле или се откажувале од гонење поради немање докази.

Дел од истрагата е отстапен и на купувањето на „Бетон Штип“ од страна на ТИМ ДОО, „Орка холдинг“, „Езимит“ ДООЕЛ и „Ексико“.

„Кога тие купуваат компанија, не ја купуваат за да ја работат, туку да извлечат што може од имотот на компанијата“, велат од СЈО.

Па, така, и овој пат сознанијата говорат дека од „Бетон Штип“ се извлечени 4 милиони евра, односно газдите ги тераат акционерите со парите да купуваат имот, а понатаму како што се извлекуваат парите, така се инвестираат во други зделки за што патем говорат и последните информации дека речиси 250 работници веќе ги напуштаат работните места од „Бетон Штип“ и истовремено преку суд си ги бараат неисплатените плати за последните четири месеци.

Дел од истрагата го опфаќа и „Фершпед“, односно од моментот кога Кираца Трајковска, која беше еден од мнозинските акционери во “Фершпед“, поради долг во Еуростандард банка, преку посредник побарала кредит од Стопанска банка АД Битола. Камчев, кој е дел од Управниот одбор на банката, наместо кредит, според СЈО, на Трајковска ѝ понудил преку физички лица да ѝ бидат префрлени парите по што биле ослободени нејзините акции од „Фершпед“.

За да им ги продаде акциите на странски инвеститори, таа го ангажирала брокерот Јованче Тасковски. Но, за нејзината намера дознал Штерјо Наков, кој побарал помош од Мијалков, со цел тој да ги купи акциите. Мијалков се договора со Камчев да ја изиграат, па без нејзино знаење, според СЈО, Ненад Јосифовиќ ги продава акциите на физички и правни лица поврзани со Наков за 4 милиони евра повисока цена од реалната. Парите од зделката завршуваат во фирма чии сопственици се „Ексико“, „Орка холдинг“ и „Тимох“.

Во делот од истрагата за „Империја“ влегуваат и стари случаи, кои претходно во обвинителствата завршувале со откажување од гонење поради немање доволно докази. Таков пример е истрагата за „пропаѓањето“ на „Орка спорт“, „Орка текстил“ и други фирми во сопственост на сега покојниот Илија Камчев. Данокот се избегнувал да се плаќа преку лажни стечаи, обезвреднување на имотот и формирање офшор-компании, а потоа парите „чисти“ биле внесувани во земјата, односно целиот имот бил пренесуван на новоформирани компании.

На овој начин, впрочем, и се градела целата империја – преку лојални соработници, изигрување на законитe и формирање компании за еднократна употреба.

Како ќе заврши истрагата и дали случајот ќе добие епилог останува неизвесно. Засега Орце Камчев и Сашо Мијалков се во домашен притвор, а конечниот збор ќе го каже Врховниот суд.

Освен Камчев и Мијалков, осомничени во случајот „Империја“ се и Ратка Куноска-Камчева, мајка на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева-Стојческа, сестра на Камчев и неизвршен член на Одборот на директори на „Жито полог Тетово“, Лилјана Гајдоска, правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одборот на директори на ЗК „Пелагонија“, Тодор Мирчевски, директор на „Ексико“, Владислав Стајковиќ, сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев, извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски, брокер, и Дејан Јанев од „О.Т.Е. инвест“.

Прикажи повеќе...

Анализи

Политиката го подели СЈО на табори

Објавено пред

„Чарлиевите ангели“ ги нема. Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи речиси една година не се појавуваат на заеднички прес-конференции. Во јавноста и на социјалните мрежи сè погласни се критиките за работата на специјалното јавно обвинителство и ослабената доверба во оваа институција.

dobivaj vesti na viber

Три и пол години по формирањето, целосен судски епилог има само за два случаја а сè погласни се шпекулациите дека во СЈО владее поделеност на обвинителите на табори, кои меѓусебно не се согласуваат за дејствувањето на ова обвинителство, па тие разлики во мислењата лесно се забележливи и во јавноста.

Трите жени, кои беа симбол за СЈО, ретко може се видат заедно во јавноста, а речиси една година Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи не даваат заеднички изјави. Според нашите извори, со слични ставови на една страна биле обвинителките Катица Јанева и Лиле Стефанова, а на друга Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

Од друга страна, сè поприсутна во јавноста е главната специјална обвинителка Катица Јанева, која, според најавите, во вторник ќе се појави на „1ТВ“, каде што заедно со обвинителите Лиле Стефанова и Трајче Пеливанов треба да одговараат и на прашања од гледачите. Токму во фирмата сопственик на „1ТВ“, „БМЈ медиа груп“, работи синот на Јанева, младиот гевгеличанец Лазар Јанев, за кого веќе беше објавено дека пред вработените бил претставен како директор на правна служба. Пред точно два месеца Јанева беше гостинка на „1ТВ“ и се фотографира со сопственикот на телевизијата, Бојан Јовановски, со назнака дека станува збор за работен состанок.

Во СЈО во последната година во целост се смени практиката на комуникација со јавноста. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 21 март минатата година.

Повеќе нема брифинзи со новинари, а на обвинителките Ристоска и Фетаи не им е дозволено да даваат интервјуа и изјави. Целосна затвореност владее и во однос на истрагите. Случајот „Империја“, во кој, меѓу другите, се осомничени и бизнисменот Јордан Камчев и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, беше отворен пред повеќе од 2 месеца, а од СЈО нема дополнителни информации, освен дека истрагата е сложена.

Сите обиди на „Макфакс“ да обезбедат брифинг за случајот беа залудни. Новинарите меѓу себе коментираат дека ова обвинителство, кое наметна транспарентно работење, последнава година се затворило, иако обвинителите поминале серија обуки за комуникација со јавноста. Тоа остава простор за шпекулации во постапувањето по предметите на обвинителството. Од друга страна, во редовното Обвинителство се спроведува тренинг за односи со јавноста на обвинителите.

Според нашите информации, во специјалното јавно обвинителство меѓу некои од вработените владее незадоволство од начинот на работа, особено по последните политички случувања, амнестии и повици за помирување, кои во голем дел влијаат и врз актуелните предмети што се во судска постапка, но и на оние што се во истрага и предистрага, а во кои, меѓу другите, се вклучени и Сашо Мијалков, Елизабета Канческа-Милевска, Али Ахмети, Бујар Османи.

Ексминистерката за култура, КанческаМилевска, е инволвирана во предистрагата за предметот „Скопје 2014“, кој е еден од најобемните предмети на СЈО, за Мијалков се водат повеќе судски постапки, а предметот за агенцијата за обезбедување СГС е во предистрага.

Во процесот на помирувањето наголемо се споменуваа и измените во Кривичниот законик, односно член 353, став 5, кој ја регулира злоупотребата на службената положба преку јавните набавки. Доколку дојде до промена на овој член, како што беше најавувано, помали казни или ослободување од одговорност ќе добијат голем број обвинети во случаите на СЈО, меѓу кои и Мијалков.

Уставниот суд сè уште не расправал по иницијативата на адвокатот Еленко Миланов, кој бара судиите да се произнесат за овој член од Кривичниот законик.

Сите овие политички инволвирања, кои допираат и до СЈО, според нашите извори, довеле до голем раздор во работата на институцијата, која има годишен буџет од 3,7 милиони евра. Некои од обвинителите се разочарани од фактот што нивните предмети и нивната работа зависат исклучително од тековната политичка ситуација, па токму затоа во последниот период и не се работи на нови предистраги бидејќи се чека исходот од тоа што ќе се случува со институцијата и дали евентуално одредени функционери од претходната, но и од актуелната власт, ќе избегнат одговорност.

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија6 часа

Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен...

Македонија9 часа

Папазов од притвор оди во куќен притвор – за седуммина осомничени за пожарот во Кочани мерката е заменета

Поранешниот градоначлник на Кочани, Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка од функцијата по трагедијата во дискотеката „Пулс“, оди во куќен...

Регион9 часа

Револт во Германија поради новите правила за работниците од Западен Балкан, меѓу кои и македонските

Идната Демохристијанско-социјалдемократската влада планира да инвестира 500 милијарди евра во наредните години во реконструкција на дотраената инфраструктура: железници, патишта и...

Македонија13 часа

Почина уште еден повреден во пожарот во Кочани, кој се лекуваше во Белград

Министерството за здравство информира дека во согласност со информациите од Воено медицинската академија во Белград, денеска претпладне, за жал, на...

Македонија13 часа

Осомничениот полицаец за пожарот во Кочани по кој се трагаше сам се пријавил во Обвинителството

Полицаецот по кој се трагаше утрово сам се пријавил во Обвинителството. Тој е меѓу 10-те полициски службеници, кои од завчера...

Македонија13 часа

ЗНАМ: Некој што соработува со ДУИ не треба да биде дел од Владата

За Движењето ЗНАМ за наша Македонија е неприфатлива соработка со нереформираната ДУИ и со лица од СДСМ кои учествувале или...

Македонија15 часа

(Видео) Кузеска 30 дена по трагедијата во Кочани: Зошто се штитат актуелните полициски функционери, министре Тошковски, нели имате малку совест?

„Поминаа триесет дена од трагедијата во Кочани, во која го загубија животот 61 лице, а уште 200 беа тешко повредени....

Регион15 часа

Јотова: Постои обид од колегите од РСМ нормалните барања на Бугарија да ги претстават како каприц

Потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, ќе разговараат за проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан....

Македонија16 часа

Обвинителството бара построга казна за возачот кој ја усмрти Теодора: вложена жалба на пресудата

Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 7.4.2025 година, со која обвинетиот М....

Македонија17 часа

Да се извинат Филипче и СДС што го лажеa народот дека Бугари во Уставот се единствениот услов за напредок на државата, вели ВМРО-ДПМНЕ

Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев изјави „уставните измени не се единствениот услов, тогаш допрва почнува процесот”. Оваа негова...

Македонија17 часа

„Таравари не може да бега од одговорност за затворената Кардиохирургија, која е стратешки интерес на државата“, велат од партијата Левица

„Министерот Таравари продолжува да ја крие сопствената одговорност позади некаква стручна комисија, која треба да утврди дали имало пропусти од...

Македонија17 часа

Кои се критериумите според кои едни се пуштени, а други остануваат во притвор, без доволно докази, прашуваат од ДУИ по трагедијата во Кочани

Демократската Унија за Интеграција со сериозна загриженост ги следи случувањата поврзани со трагичниот настан во Кочани и начинот на кој...

Свет19 часа

Мелони денеска кај Трамп: Ова е можеби единствената шанса на ЕУ

Во текот на денешниот состанок во Вашингтон, италијанската премиерка Џорџа Мелони ќе се обиде да го спречи американскиот претседател Доналд...

Македонија19 часа

Привремена измена на сообраќајот на автопатот А1, делница Демир Капија – Смоквица

Синтек Инженеринг известува дека отпочнува времена измена на сообраќајот на автопат А1, делница Демир Капија – Смоквица од 17.4.2025 до...

Европа20 часа

Русите го нападнаа Днепар со дронови: двајца загинати, меѓу повредените и деца

Русија синоќа изврши масовен напад со дрон врз градот Днепар во југоисточна Украина, при што загинаа две лица. Серхиј Лисак,...

Свет20 часа

Израел: Ќе ги задржиме безбедносните зони во Газа и по војната

Израелскиот министер за одбрана изјави дека и по завршувањето на војната армијата ќе остане во таканаречените „безбедносни зони“ кои беа...

Македонија1 ден

Таравари тајно преговарал со Ахмети, Меџити вели дека не го исклучиле од коалицијата туку тој се самоисклучил

Не е веќе тајна бидејќи коалицијата „Вреди“ одамна забележа дека постојат преговори меѓу Таравари и Ахмети со вмешаност на одредени...

Македонија1 ден

Се’ уште се прибираат докази во изгорениот „Пулс“, се вештачат телефони и лаптопи

Дел од обвинителите кои постапуваат во предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, како и Јавниот обвинител, денеска, одржаа состанок...

Економија2 дена

Трговците со помалку од 10 вработени немаат обврска да ги објавуваат цените онлајн

Од четврток, 18 април, сите трговци (мали, средни или големи) ќе треба да ги објават цените на секој производ што...

Македонија2 дена

„Влен“ денес на средба ќе ја разгледа одлуката на Таравари да настапи на изборите со свои кандидати за советници

Во 14 часот денес ќе се состане коалицијата „Влен“ по што ќе се знае како ќе продолжат понатаму со Алијансата...